Со новиот Yaris, Toyota ја заокружи трансформацијата – старите, докажани, но малку здодевни модели заминаа во пензија, и на сцената стапија новите, модерни и технолошки-напредни модели. Идеално време за новиот Yaris!
По сè изгледа дека инженерите и дизајнерите на Toyota сериозно ја сфатиле изјавата на Akio Toyoda дека „нема веќе здодевни автомобили“. Колку да потсетување, Akio Toyoda е претседателот на Toyota и внук на основачот на Toyota Motors – Kiichiro Toyoda. Сериозни гени, значи.
А очигледно – кога шефот ќе каже нешто, кажано е. Па новиот Yaris е целосно нов. Поставен е на нова платформа, добива нов дизајн, нови мотори, нови технологии… Стариот (и искрено, веќе кон крајот беше навистина стар) Yaris беше несомнено успешен, но време е за нешто ново и различно – и свежо!
Нова платформа
Приказната за новиот Yaris ќе ја започнеме со платформата. Поставен е најмалата модуларна платформа на Toyota која се вика TNGA-B. Платформата е предвидена и проектирана да може да се искористи за неколку различни возила, но притоа главниот акцент е даден на динамичноста и забавата – а тоа ветува многу. Новата платформа му овозможува на новиот Yaris да е (незначителни) 5 милиметри пократок, но цели 50 милиметри поширок и 40 милиметри понизок, со 50 милиметри подолго меѓуоскино растојание – а тоа пак ветува повеќе простор во кабината. Дополнително, платформата овозможува да се понудат неколку погонски комбинации – а најважната е токму онаа, хибридната – за која ќе зборуваме денес.
Нов дизајн
Но сепак, ајде прво за дизајнот. Ако нешто паѓа во очи – тоа е дизајнот на новиот Yaris. На Yaris нема да најдете ниту една конзервативна, здодевна линија. На предниот дел едноставно доминира „фацата“ – големите, широки предни светла и широката маска на ладилникот.
Тука се и страничните отвори за воздух во кои се кријат светлата за магла, а посебно, гордо место зазема знакот на Toyota поставен на сина основа, кој кажува дека се работи за хибридна изведба.
Сличната приказна за нови линии продолжува и кога зборуваме за профилот. Широките крила и растечката профилна линија му даваат на Yaris динамичен став и дури и кога стои, изгледа како да се движи. Ни се допаѓа и двобојната комбинација – но можеби би ја заобиколиле оваа сино-бела изведба – некако многу асоцира на момците во сино. Црвено-црната е идеална! Дополнително, би избрале и број-два поголеми тркала за подобро да се пополнат големите и широки крила.
Конечно – задниот дел, кој е можеби и најубедливо изведен. Ни се допаѓаат широките исфрлени светлосни групи (детал кој е „позајмен“ од купе-кросоверот C-HR), како и мускулестиот заден браник кој се претопува во крилата – едноставно, Yaris изгледа динамично и модерно. Навистина, нема веќе здодевни автомобили. Барем не во Toyota.
Нова кабина
Одиме внатре. Тука работите се нијанса поконзервативни, но сепак се светлосни години понапред во однос на минатиот модел. Ја отвораме вратата и нè пречекува темелно модернизирана кабина. Пред возачот е поставена комбинација од дигитални и аналогни инструменти, а низ кабината препознаваме флуидни, современи целини кои го издвојуваат Yaris од конкуренцијата – вакви форми ќе забележите околу рачките на вратите, или пак на централната конзола.
Комбинацијата од материјали и текстури е навистина интересна – на пример, вратите се обложени со пластика која на прв поглед (па и физички контакт) изгледа како да е текстил, а во кабината препознаваме неколку различни конфигурации на материјали – па изгледа богато и квалитетно.
На врвот на централната конзола е поставен мултимедијалниот уред, додека под него се поставени контролите за клима уредот. Она што нè радува е дека за овие две работи се задржани физичките контроли – едноставно, полесни се за секојдневно користење, особено во движење. На управувачот се поставени командите за многу функционалности – вклучувајќи го и темпоматот.
Седењето е спортски ниско. Секако, возачкото седиште се нагодува по височина, но нам ни се допаѓа ниската возачка позиција. Возачот и совозачот имаат многу простор, а немаме забелешка ниту за просторот на задната клупа.
Конечно, ќе заокружиме со дискусијата за багажен простор – багажникот на новиот Yaris нуди капацитет од 286 литри во правилна и лесно-достапна форма. Не е најголемиот багажник во класата – но сепак е доволно за автомобил кој воглавно ќе биде возен во градски средини.
Нов хибриден погон
Кога веќе почнуваме да зборуваме за возењето, ајде за погонот. Новиот, 1.5-литарски хибриден погон нема врска со стариот хибриден погон кој се вградуваше во минатата генерација Yaris. Новиот погон е всушност варијација на тема од новиот 2-литарски хибриден погон кој се вградува во Corolla и освежениот C-HR. Комбинацијата е одлична – вкупно 120 коњски сили и 145 Nm вртежен момент, кои се пренесуваат кон предните тркала преку целосно-нов CVT менувач.
И ако секогаш досега примарната забелешка за хибридните погони на Toyota сме ја наоѓале во „гумените“ CVT менувачи, сега веќе навистина ја немаме – едноставно, го нема тоа чувство на „тегнење“ кое порано беше дефинирачка карактеристика. Браво!
Сето ова овозможува забрзување од 100 километри на час кое трае само 9.7 секунди, како и максимална брзина од 175 километри на час. Но уште поимпресивна е потрошувачката – бидете внимателни со педалата за гас и градската потрошувачка нема да надмине 5 литри бензин на 100 изминати километри.
Секако, повторно ќе напоменеме дека возењето хибриден автомобил бара одредено навикнување и учење за да може да се извлече максимумот од погонот – но за оние кои се подготвени да го направат тоа, придобивките се повеќекратни – од лесното и опуштено возење, па сè до врвната ефикасност.
Она што дополнително изненадува е компетентноста со која Yaris „ги пегла“ нерамнините од градските улици, а од друга страна знае да понуди подинамично искуство зад воланот. Да, во ред – Yaris не е најзабавниот автомобил за возење во класата, но е значително подобар од досегашниот модел. Управувањето не е комуникативно, но затоа е директно, а автомобилот ја менува насоката на движење без приговор ниту преголемо навалување во свиоци. Се гледа дека инженерите навистина посветиле внимание на шасијата.
Барем во моментот – Yaris нема директна конкуренција на пазарот.
Значи – Toyota ги обнови сите свои модели, но во никој случај не завршува со трансформацијата. Инженерите и дизајнерите на Toyota понудија навистина иновативен нов автомобил кој едноставно нема директна конкуренција на пазарот – барем не овој момент. Впечатокот само се потврдува со храбриот дизајн кој досега како да му недостасуваше на Yaris, а придобивките од хибридните технологии на Toyota сега наоѓаат вистинска примена дури и во овој сегмент. И имајќи го сето тоа предвид – новиот Yaris е навистина, навистина интересен.
Спецификации
Модел: | Toyota Yaris 1.5 Hybrid Chic BiTON |
Мотор: | 1.5-литарски хибриден погон, 3 цилиндри |
Моќност: | 120 коњски сили |
Вртежен Момент: | 145 Nm / 4400 вртежи во минута |
Менувач: | Бесстепен CVT |
0-100 км/ч: | 9.7 секунди |
Максимална Брзина: | 175 километри на час |
Должина: | 3940 mm |
Ширина: | 1695 mm (без странични ретровизори) |
Висина: | 1500 mm |
Тежина: | 1295 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2550 mm |
Багажен Простор: | 286 литри |
Потрошувачка: | 5 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Toyota Yaris 1.0 72 Light – 12.490 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Toyota Yaris 1.5 Hybrid 120 Chic BiTon – 19.790 Евра |
Повеќе Информации: | Toyota.com.mk |