ТЕСТ: Jeep Renegade 1.0 GSE 120 Night Eagle – Вистинскиот одметник! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Jeep Renegade 1.0 GSE 120 Night Eagle – Вистинскиот одметник!

Компактниот Renegade веќе се има појавено на нашите страници – но новиот турбо-бензинец, како и новата Night Eagle специјална изведба се одлични причини за тој повторно да продефилира на CARclub.mk

Renegade ни се допаѓа – кратко и јасно. Во нашите очи, токму кај Renegade ја гледаме најдобрата интерпретација на дизајнерскиот јазик кој пред декади и декади го постави легендарниот Wrangler – кружните предни светла, вертикалните отвори на решетката за воздух, „коцкастите“ задни светла и уште еден милион други ситни детали. Renegade е несомнено Jeep – луѓето го препознаваат и му се радуваат, а во оваа Night Eagle изведба е уште поинтересен.

Night Eagle го истакнува урбаниот карактер на Renegade

Но што е Night Eagle? Па, во суштина – дизајнерски пакет кој уште повеќе го истакнува урбаниот карактер на Renegade, но на начин на кој Renegade Night Eagle заслужено станува специјална едиција.

Приказната започнува со црните детали на екстериерот – црната маска на ладилникот, големите, 18-инчни црни тркала од лесна легура, црните кровни носачи црните елементи околу прозорците и затемнетите задни прозорци.

Секако, тука се и неизбежните (и многу кул) црни значки – логото JEEP на поклопецот на моторот, црните значки Renegade на вратите, како и црната значка Night Eagle на багажникот.

Црно-на-црно и во кабината – и ни се допаѓа!

Сличната црно-на-црно приказна продолжува и во кабината – добиваме црни декоративни елементи околу звучниците, отворите за вентилаци и околу инфозабавниот уред, црн премиум материјал на седиштата и уште неколку други детали. Сè на сè – навистина ни се допаѓа комбинацијата.

Плус, некако „во глобала“ ни се допаѓа кабината на Renegade. „Коцкастата“ форма на Одметникот значи дека во кабината има навистина многу простор и преовладува чувство на просторност и светлина. Седењето е комфорно и високо, сите команди се лесни за користење, а ни се допаѓа и 8.4-инчниот UCONNECT мултимедијален уред со навигација и Android Auto и Apple Carplay поврзување.

Поврзано:  Jeep го најавува новиот Compass

Воланот е обложен со кожа а менувачот има одлична, топчеста рачка. Менувањето брзини е лесно благодарение на прецизниот од на менувачот, а за оние мрзливите тука е и опцијата за автоматски менувач. Ни се допаѓа и изборот на робустни и издржливи материјали во кабината, а особено ни се допаѓаат и функционалните и практични контроли за главните функционалности.

Придобивките од формата на Renegade продолжуваат и на задната клупа – па има многу простор кон кој лесно се пристапува. Како и кај другите изведи на Renegade, и тука добивме багажен простор со капацитет од 350 литри (кои нараснуваат на скоро 1300 литри со преклопени задни седишта) достапни преку гоооолема петта врата. Плус, има интересна игра во Renegade, а таа се вика „Пронајдете ги сите скриени Jeep ознаки.“

Нов, 1-литарски турбо-бензинец со 120 коњски сили

Ајде сега да зборуваме за новиот 1-литарски турбо-бензинец. Малиот, три-цилиндерски мотор е нов во гамата на FCA и е идеален за вакви апликации. Испорачува 120 коњски сили при 5750 вртежи во минута и 190 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута.

Во комбинација со мануелен менувач и погон на предните тркала му овозможува на Renegade да забрза до 100 километри на час за 11.2 секунди и да постигне максимални 185 километри на час.

Во реални услови на возење, изненадува леснотијата со која малиот турбо-бензинец го задвижува Renegade. Турбо-бензинецот лесно „крева“ вртежи, а дури и звукот не е лош. Сето ова е проследено со градска потрошувачка од околу 7.5 литри на 100 изминати километри – сосем респектабилно.

А како е со Renegade во град? Еднаш веќе рековме дека Renegade е вистински урбан SUV, а сега само се потврдува тој став. Прегледноста и формата го прават лесен за користење во градскиот метеж, а суспензијата одлично ги впива сите нерамнини од улиците. Немаме никакви замерки ни за возењето на автопат – при брзина од 120 километри на час моторот „врти“ нешто помалку од 3000 пати во минута, па во кабината е комфорно и прилично тивко. А кога ќе „имет снемано“ асфалт, Renegade сосем компетентно се справува со најчестите предизвици.

Поврзано:  Jeep го најавува новиот Compass

Вистинскиот дом на Renegade е урбаната џунгла.

Но сепак – колку и да звучи како клише – вистинскиот дом на Renegade Night Eagle е урбаната џунгла, а таму неговиот лик едноставно доминира. Нема модел кој настапува со толку самодоверба и таква екстровертност. На Renegade му прилегаат храбри и екстровертни возачи, бидејќи некако, дури и во гамата на Jeep, Renegade Night Eagle е вистинскиот одметник!

Забелешка: Во моментот на објавување на овој тест, Jeep Renegade може да се добие по специјална, промотивна цена од 15.900 Евра.

Спецификации

Модел: Jeep Renegade 1.0 GSE 120 2WD MT6 Night Eagle
Мотор: 1-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
Моќност: 120 коњски сили / 5750 вртежи во минута
Вртежен Момент: 190 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 6 брзини
0-100 км/ч: 11.2 секунди
Максимална Брзина: 185 километри на час
Должина: 4236 mm
Ширина: 1805 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1684 mm
Тежина: 1320 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2570 mm
Багажен Простор: 351 – 1297 литри
Потрошувачка: 7.7 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Jeep Renegade 1.0 GSE 120 hp FWD MT SPORT – 15.900 Евра
Цена на тестираниот модел: Jeep Renegade 1.0 GSE 120 2WD MT6 Night Eagle – 19.800 Евра (со вклучен промотивен попуст од 1500 Евра во моментот на објавување на овој тест.)
Повеќе Информации: Jeep.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.