Пред само неколку месеци, Jeep го претстави Wrangler Rubicon 392 Concept со V8 и 450 коњски сили – а денес го гледаме серискиот производ кој има дури 470 коњски сили и 640 Nm вртежен момент!
Jeep Wrangler Rubicon има огромен, 6.4-литарски атмосферски V8 кој испорачува 470 коњски сили и 640 Nm вртежен момент. Силата ја испорачува кон сите четири тркала преку автоматски менувач, а сето тоа значи „стотка“ за нешто над 4.5 секунди.
Wrangler Rubicon 392 добива поголем отвор за воздух на поклопецот на моторот, специјални значки, поголем и поагресивен издувен систем, 5 сантиметри повисока суспензија и уште неколку други детали. Rubicon 392 е одвоен од подлогата цели 26 сантиметри и може да помине низ вода длабока 82.5 сантиметри. Дополнително, моќниот Wrangler добива и зајакната шасија и надградена суспензија со Dana 44 оски со заклучување на диференцијалите, како и Fox амортизери.
Стандардно ќе доаѓа со 17-инчни тркала, околу кои се поставени (огромни) 33-инчни BFGoodrich K02 теренски пневматици. Не е заборавено ниту на кабината, која добива специјални шевови, нов мултимедијален уред и уште неколку ситни детали.
Продажбата ќе започне на почетокот на следната година.