ПРЕМИЕРА: Volkswagen Golf R напаѓа со 320 коњски сили, напреден погон на сите четири тркала и Drift режим! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Volkswagen Golf R напаѓа со 320 коњски сили, напреден погон на сите четири тркала и Drift режим!

Новиот Golf R – кој воедно е и најмоќниот Golf на сите времиња – катапултира до 100 километри на час за 4.7 секунди и постигнува максимални 250 километри на час!

Како и досега, Golf R е придвижуван од моќен 2-литарски, четири-цилиндерски турбо-бензинец. Моќниот „турбаш“ сега испорачува 320 коњски сили и 420 Nm вртежен момент, а ги пренесува кон сите четири тркала преку напреден погон на сите четири тркала. Перформансите се одлични – „стотка“ за 4.7 секунди и максимални 250 километри на час. Во зависност од пазарот, Golf R ќе доаѓа со мануелен или DSG автоматски менувач. Според најавеното, европските купувачи ќе можат да го добијат новиот Golf R само со DSG менувач.

Новиот Golf R ќе го препознаете по поагресивниот преден браник со големи отвори за воздух и црни детали, како и уникатната маска на ладилникот. Понатаму, добива специјални странични прагови, спортски заден браник со интегриран дифузер, како и четири издувни цевки. Кабината добива супер-мека Nappa кожа на спортските седишта, карбонски детали, алуминиумски педали, спортски управувач, дигитални инструменти…

„Под кожата“ Golf R добива и ревидирана суспензија со поцврсти пружини и стабилизатори. Голем дел од компонентите се изработени од алуминиум, а геометријата е ориентирана кон постигнување повисоки брзини во свиоци. Golf R е поблиску до подлогата за цели 20 милиметри. Golf R добива моќни сопирачки – 358 милиметарски на предните тркала, како и двоклипни предни шепи.

Управувањето е прилагодено за уште поголема динамика, а адаптивната суспензија нуди шест режими на работа, меѓу кои се очекуваните Comfort, Sport, Race и Individual, но новитет се Special и Drift. Special режимот е оптимизиран за Nurburgring Nordschleife и всушност доаѓа со помека суспензија во однос на Race режимот – а така полесно ги надминува нерамните патишта на легендарната патека.

Поврзано:  Volkswagen ја објави првата скица од најмалото ЕВ, највероајтно ќе го носи името ID.Every1

Drift режимот му овозможува на Golf R да го прави токму тоа – параметрите на системот за стабилност се прилагодени да овозможат пролизгување низ системот за погон на сите четири тркала, а Golf R може да стане „страничен“. Одлично!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.