Германската тјунерска компанија Manhart претстави засилена изведба од насилниот модел на Mini – John Cooper Works GP.
Автомобилот е обоен во „British Racing Green“ боја и е украсен со црвени детали. Доаѓа опремен со пакетот GP3 F350, кој содржи пократки пружини за 20 милиметри напред и 15 милиметри позади, или целосно прилагодливи амортизери во три верзии, а вози на 8.5×18-инчни фелни обвиени во 235/30 пневматици.
Неговиот 2.0-литарски четири-цилиндарски агрегат е засилен да испорачува 350 кс и 530 Nm вртежен момент, што е значително повеќе од оние 306 кс и 450 Nm со кои располага стандардниот модел.
Модификациите опфаќаат замена на цевката за филтерот за честици, нов интеркулер, Remus издувен систем и рекалибрација на компјутерската единица на моторот.
Manhart не ги објави бројките од перформансите на GP3 F350, но на стандардниот модел му беа потребни 5.2 секунди да постигне забрзување од место до 100 км/ч на патот кон максималната брзина од 265 км/ч.