Кога за прв пат седнавме зад управувачот на Xceed, кажавме дека кросоверот на KIA е за оние кои сакаат подинамичен и поробустен автомобил за урбаните средини. Нашиот став не е променет, но дали Xceed импресионира толку убедливо и во неговата основна варијанта?
Стратегијата на KIA секогаш била да понуди колку што е можно повеќе, без притоа да ја ограби домашната банка на купувачите. И таа стратегија – сакале конкурентите да го признаат тоа или не – се покажува како успешна. Всушност, таа стратегија е една од причините за брзиот и успешен раст на KIA на европскиот пазар. Па токму затоа, ја прифативме понудата повторно да се „подружиме“ со Xceed – но овој пат во неговата основна изведба.
Да, кога пред неколку месеци се запознавме со Xceed, тоа го направивме со врвната Launch Edition изведба на кросоверот на KIA. Тој модел дојде со „сите нишани“ – од големи тркала, до LED осветлување, сончев кров, автоматски менувач, моќен турбо-бензинец… Но сепак, каква би била онаа „нормалната“ верзија на Xceed? Па… Не толку различна, ако сме искрени!
1-литарскиот T-GDI повторно импресионира!
Приказната ќе ја започнеме со она кое се крие под поклопецот – а тоа е 1-литарскиот T-GDI турбо-бензинец со три цилиндри кој испорачува 120 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 172 Nm вртежен момент од 1500 до 4000 вртежи во минута. Малиот три-цилиндерски турбо-бензинец ја пренесува силата кон предните тркала преку супер-прецизен 6-степен мануелен менувач и овозможува 100 километри на час за 10.9 секунди и максимални 184 километри на час. Нам ни се допаѓа овој мотор – ни остави одличен впечаток кога за прв пат го возевме во Ceed Black Pack, а тие впечатоци сами ни се потврдија сега со Xceed.
Леснотијата со кој „крева“ вртежи е изненадувачка – а со тоа и леснотијата со која го задвижува 1332 килограми тешкиот Xceed. Всушност, во градски услови во ниту еден момент не ни недостасуваше моќност – Xceed со овој мотор лесно „држи темпо“ со остатокот од сообраќајот, а освен можеби малку специфичниот звук, ништо не издава дека под поклопецот се крие мотор со три цилиндри. Потрошувачката – слично како и кај Ceed – едвај надминува 8 литри на 100 километри.
Привлечен дизајн – и во основната варијанта Xceed изгледа фул-опремен.
Океј, одиме понатаму. Ајде сега за екстериерот. Го добиваме истиот оној привлечен дизајн кој ни се допадна кај Xceed Launch Edition. Разликите се сведуваат на број-два помали тркала, странични трепкачи поставени на крилата наместо во ретровизорите и уште неколку други ситници. Но во суштина – тоа е тоа. Xceed дури и во неговата „основна“ варијанта изгледа привлечно и во ништо не нагласува дека се работи за најдостапната изведба. Вреди да се напомене дека дури и во оваа изведба, Xceed добива целосно LED осветлување, тонирани стакла, кровни носачи и алуминиумски тркала…
Комфорен, практичен ентериер со сите потребни играчки.
Конечно, ајде да седнеме во возачкото седиште. Тука би требало разликите да се највоочливи, нели? Во ред, ги нема кожните седишта, го нема огромниот 10.25-инчен мултимедијален уред и го нема автоматскиот менувач.
Но затоа добиваме седишта обвиени во штоф кои нудат изненадувачки многу поддршка во сите насоки и се навистина комфорни, добиваме одличен 8-инчен мултимедијален уред кој ги има сите важни работи (и меѓу другото и Android Auto и Apple Carplay функционалност)…
Добиваме и управувач обвиен во кожа, команди на управувачот, двозонски клима уред, задни паркинг сензори и камера, сензор за дожд, USB приклучок, темпомат…
Вреди повторно да напоменеме дека просторната понуда на задната клупа е во рамките на класата – двајца ќе се сместат комфорно, а „во тесно“ ќе има место и за тројца патници. Задната клупа се дели во однос 60:40, а багажниот простор е со капацитет од 426, односно 1378 литри.
Динамичен, самоуверен и комфорен
Секако, Xceed и понатаму е комфорен, без притоа да е направен компромис во однос на управливоста. Суспензијата упорно ги впива нерамнините од нашите улици, а електричниот серво-управувач иако не пренесува скоро никакви информации од подлогата, сепак верно го насочува Xceed од свиок во свиок. Да, во оние моменти кога ќе ги надминеме способностите на Xceed можеме да очекуваме подуправување – но верувајте, треба навистина многу за тоа да се случи, а Xceed навремено ги најави своите намери.
Кога на сето тоа ќе ги додадеме и сите безбедносни системи кои се дел од Xceed Vision – контрола на тракцијата и стабилноста, ABS, систем за следење на коловозната лента, систем за помош за тргнување на нагорнини, 6 воздушни перничиња и многу, многу повеќе – станува јасно дека Xceed Vision верно ја следи стратегијата на KIA за која веќе зборувавме.
Xceed Vision ги надминува очекувањата!
Всушност, тука некаде и ќе ја завршиме дискусијата за Xceed Vision. Дури и во својата основна варијанта, Xceed не прави никакви поголеми компромиси во однос на опремата и моторизацијата. 1-литарскиот турбо-бензинец е повеќе од адекватен, а за опремата немаме никакви забелешки – многу од конкурентите не нудат волку „играчки“ дури ни во највисоките нивоа на опременост. Токму затоа повторно ќе ги потврдиме позитивните впечатоци од Xceed – тој ги надминува очекувањата!
Спецификации
Модел: | KIA Xceed 1.0 T-GDI 120 Vision |
Мотор: | 1-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри |
Моќност: | 120 коњски сили / 6000 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 172 Nm / 1500 – 4000 вртежи во минута |
Менувач: | Мануелен, 6 брзини |
0-100 км/ч: | 10.9 секунди |
Максимална Брзина: | 184 километри на час |
Должина: | 4395 mm |
Ширина: | 1826 mm (без странични ретровизори) |
Висина: | 1485 mm |
Тежина: | 1332 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2650 mm |
Багажен Простор: | 426 – 1378 литри |
Потрошувачка: | 8.3 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | KIA Xceed 1.0 T-GDI LX Vision – 18.550 Евра |
Цена на тестираниот модел: | KIA Xceed 1.0 T-GDI LX Vision – 18.550 Евра |
Повеќе Информации: | KIAmotors.com.mk |