Jaguar го освежи луксузниот XF со затегнат дизајн, нов ентериер и нови мотори! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Jaguar го освежи луксузниот XF со затегнат дизајн, нов ентериер и нови мотори!

Луксузниот седан (и караван) на Jaguar добива прилично темелно освежување – кое започнува со нов екстериер, па продолжува со нов ентериер и завршува со нови технологии и погонски конфигурации!

Темелно-освежениот XF добива ревидиран дизајн, со нова предна маска на ладилникот, нови предни и задни браници, редизајнирани предни светлосни групи со Double-J дневни светла, како и нови задни светла кои влечат инспирација од спортскиот F-Type. Достапни се и нови бои, како и нови дизајни за големите тркала од лесна легура. Секако, новиот XF е достапен како седан со четири врати, но и супер-практичен (а ние би рекле и супер-секси) Sportbrake караван.

Освежувањето продолжува во кабината, каде главниот збор го има новиот 11.4-инчен мултимедијален Pivi Pro уред со закривен дисплеј. Овој мултимедијален уред е задолжен за повеќето функционалности во XF, а самиот дисплеј е три пати посветол и 48% поголем од системот кој досега се нудеше во британскиот луксузен седан. Дополнително, од Jaguar кажуваат дека до 90% од секојдневните функционалности се достапни со само две допирања на екранот. Секако, системот доаѓа со Apple CarPlay и Android Auto поддршка.

Дополнително, кабината добива и нов, 12.3-инчен дигитален панел со инструменти поставен пред возачот. Овој панел е конфигурабилен според желбите на возачот и се комбинира со дополнителен хед-ап дисплеј кој проектира информации директно на ветробранското стакло.

Инженерите посветиле многу внимание и на рафинираноста, па покрај супер-комфорниот ентериер и врвните материјали, XF воведува и новитет во сегментот – а тоа е активен noise cancelling систем. Поточно, системот цело време ги „слуша“ вибрациите кои се пренесуваат од асфалтот под XF и преку аудио системот емитува звук кој во суштина ги „анулира“ несаканите звуци – па патниците можат да уживаат во тишината.

Поврзано:  Jaguar C-X75 повторно се враќа

Освежениот XF ќе се нуди со еден дизелски и два бензински мотори. 2-литарскиот турбодизел доаѓа со лајт-хибридни технологии и испорачува 204 коњски сили и 430 Nm вртежен момент, а може да се комбинира со 8-брзински ZF автоматски менувач и со погон на задните или на сите четири тркала.

За оние кои сакаат турбо-бензинец, на располагање се две верзии на 4-цилиндерскиот Ingenium мотор кој испорачува 250 или 300 коњски сили. Послабиот (да, моторот со 250 коњски сили е „послабиот“) доаѓа со автоматски менувач и може да се добие со погон на задните или сите четири тркала, додека помоќниот повторно доаѓа со автоматски менувач, но само со погон на сите четири тркала.

Дизелот забрзува до 100 километри на час за 7.6 секунди и троши само 5.2 литри на 100 изминати километри, додека бензинците забрзуваат до 100 километри на час за 6.9, односно 6.1 секунда.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.