На форумот CivicXI се појавија патент слики од екстериерот на претстојната генерација на популарниот Јапонски компакт.
Сликите прикажуваат дека новиот Civic ќе има еволуционен дизајн со помала доза на агресивност. Почнувајќи од напред, се забележува изменета решетка со нови светлосни групи во похоризонтална положба. Предниот браник располага со голем централен отвор за воздух, чија контура во долниот дел е слеана со страничните отвори.
Гледајќи го автомобилот во профил, воочливо е дека поклопецот на моторот е “полегнат”, а предниот дел е поиздолжен нанапред. Моделот исто така се одликува со похоризонтални линии и помалку изразени елементи, а тука е и хромирана лајсна која ја оцртува горната линија на страничните стакла.
Агресивниот заден дел е “припитомен” и повеќе нема остри задни светла. На нивното место се наоѓаат погенерични форми споени со потенка LED светлосна лента, над која се наоѓа интегрираниот спојлер на петтата врата. Претпоставуваме дека поради најголемиот дел на критики упатени кон овој елемент, браникот повеќе не располага со никакви лажни отвори со мрежи за воздух.
Се на се, идната генерација на компактот Civic изгледа позрело и треба да ги привлече купувачите на кои им беше одбивен агресивнииот дизајн на неговиот претходник.
Honda не објави информации за претстојната генерација, но познато е дека во план е да дебитира идната пролет. Моделот ќе се произведува во САД, бидејќи фабриката во Свиндон, Велика Британија ќе биде затворена во 2021.