ТЕСТ: MINI Cooper SE – Електрична градска ракета! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: MINI Cooper SE – Електрична градска ракета!

Својата трансформација кон електрифициран бренд MINI ја започна со плаг-ин хибридните модели, но денес пред нас го имаме првиот целоснo-електричен Cooper. Да зборуваме повторно за возењето „на струја“!

Набрзина да расчистиме – електричниот MINI Cooper на домашниот, британски пазар се вика MINI Electric, додека низ остатокот од светот се вика MINI Cooper SE. Зошто е тоа така, не би знаеле да ви објасниме – а и некако повеќе ни се допаѓа оригиналното, британско име… Но нејсе, тоа и не е толку важно. Ајде да зборуваме за електричниот MINI Cooper SE!

Познавачите на MINI веднаш ќе препознаат дека електричниот MINI Cooper SE изгледа (скоро) исто како сите други верзии на MINI Cooper. Да, се издвојува по некои детали – како на пример дискретно редизајнираниот преден браник (кој сега е затворен бидејќи нема потреба од ладење на мотор, а истовремено се подобрува аеродинамиката), зелено-жолтите акцентни детали и странични ретровизори, како и соодветните значки, но во суштина – тоа е тоа. И ни се допаѓа – а особено ќе ги пофалиме задните светла со графика како британското знаме. Фраерска финта!

Гласни поборници сме на идејата дека електрифицираните и електричните автомобили треба да бидат прифатени како нормална работа – а за да се случи тоа, треба да изгледаат исто како и конвенционалните автомобили. Затоа ја поздравуваме одлуката на MINI, Cooper SE да изгледа како и секое друго MINI.

Без разлика – ова е MINI Cooper – а тоа значи дека е фанки, фенси, современ и скоро бескрајно шармантен. Формата и ставот се веднаш-препознатливи и сите реагираат крајно позитивно на неговата појава. А уште кога „во муабетот“ ќе се додаде дека е електричен? Ехеее, тогаш веќе разговорот може да трае вечно..

Електричен?

Да, ова е целосно-електричен MINI Cooper SE. За време на неколкуте денови кои ги поминавме со Cooper SE, многумина нè прашаа дали е електричен автомобил, а потоа дали е целосно-електричен автомобил, и конечно – ама дали стварно е „комплет на струја?“. И секогаш одговорот е да. И тогаш интересот станува уште поголем а фасцинацијата се гледа на лицата на луѓето, дури и позади маски.

Под подот на Cooper SE е поставен батериски модул со капацитет од 32.6 kWh, односно искористливи 28.9 kWh. Оваа „резерва“ се чува заради зачувување на капацитетот на батериите. Батерискиот модул соработува со електромотор и директен пренос за да испорача 184 коњски сили кон предните тркала. Кон предните тркала испорачува и 270 Nm вртежен момент кои се достапни „од нула“ – а сето тоа резултира со перформанси од кои – верувајте, иако бројките можеби не се такви – застанува здивот. „Стотка“ пристигнува за само 7.3 секунди, а максималната брзина е 150 километри на час. Реакцијата на секое притискање на педалата за гас (добро де, електричен е, не е педала за гас…) е инстантно и без никакво колебање, а Cooper SE како да скока нанапред и граби кон секое парче слободен асфалт. Насмевките? Од уво до уво!

Поврзано:  ТЕСТ: MINI Countryman D - Не-баш-мини Mini!

Според официјалните мерења, MINI Cooper SE троши меѓу 13.2 и 15 kWh на 100 изминати километри, а од MINI кажуваат дека со полни батерии може да се поминат меѓу 225 и 235 километри, односно 270 километри според постарите (и не баш најпрецизни) NEDC мерења. Во реалноста, сосем лесно се постигнуваат околу 200 километри со едно полнење на батериите, особено во градски услови. Полнењето – во зависност од полначот до кој имате пристап – може да трае нешто повеќе од половина час, а на обичен полнач во домашни услови (со моќност од 2.1 kW) околу 12 часа.

Но повторно ќе нагласиме дека користењето на електричен автомобил бара мала промена во навиките на користење автомобил – наместо да ја празниме батеријата „до нула“ и да ја полниме „од нула“, ќе ја полниме секој пат кога имаме можност. Дома сме, и имаме приклучок за струја? Нека се полни неколку часа. Одиме некаде каде има полнач? Нека се полни половина час или еден час, додека да испиеме кафе или да го завршиме неделниот шопинг.

Да, но како е зад воланот?

А во реалниот свет – ова е вистински MINI Cooper. Искуството на инженерите на MINI и BMW со електричниот i3 резултира со врвна ефикасност, рационално пакување на батериите (што пак резултира со идентична просторна понуда со конвенционалниот MINI Cooper) и харизма која ја имаат многу малку други автомобили. Ентериерот е онаков каков што очекуваме – привлечен и модерен, со квалитетни материјали и беспрекорна завршна обработка. Задната клупа и понатаму не е препорачлива за подалечни дестинации, а и багажникот и понатаму е со капацитет од 211 литри – not great, not terrible – но повеќе од доволно за секојдневните потреби.

Поврзано:  Mini претстави бензинска верзија на спортскиот John Cooper Works

Со Cooper SE, MINI воведува и нов дигитален дисплеј пред возачот, како и освежена генерација на централниот мултимедијален уред. Поврзувањето со било каков паметен телефон е супер-лесно, инструментите се јасни, разбирливи и лесни за користење – и MINI Cooper SE е автомобил кој е всушност супер-лесен за секојдневно користење.

А верувајте, ќе сакате да го користите! Компкактните димензии, инстантната моќност и ниското тежиште (поради батериите) го прават фантастичен за возење – дури (храбро) би рекле и позабавен од конвенционално MINI. Верувале или не, тежината не е значително зголемена – Cooper SE тежи само 145 килограми повеќе од регуларниот MINI Cooper S. Насочете го Cooper SE кон свиок и тој верно и послушно ги следи насоките, и подготвено се ротира околу сопствената оска. Ставете го во Sport режим и уживајте во инстантните реакции и сиот-тој-вртежен-момент!

Од друга страна, одберете Green (или Green+) режим и Cooper SE се трансформира во забележително „поцивилизиран“ автомобил. Испораката на моќност е „измазнета“ и смирена, па Cooper SE се чувствува како понормален автомобил. Плус, и автономијата расте.

Интересен предизвик – и уште еден аргумент за промени во навиките на возење – е возењето со една педала. Кога ќе го стартувате Cooper SE, режимот за рекуперација на електрична енергија е во „поагресивниот“ режим – а тоа значи дека кога ќе ја отпуштите педалата за „гас“, Cooper SE кочи самиот и ги полни батериите. А сето тоа пак значи дека за возење ќе ја користите само педалата за забрзување – скоро и да нема потреба да ги користите сопирачките!

Поврзано:  ТЕСТ: MINI Countryman D - Не-баш-мини Mini!

Заклучок: Кога ќе се „навлечете“ на перформансите…

И всушност каков е заклучокот? Во нашите очи, MINI Cooper SE е навистина добро-размислен и издржан електричен автомобил. Помалиот батериски модул (во однос на некои од конкурентите) значи помала автономија – но истовремено значи и пониска цена и побрзо полнење. Истражувањата на MINI покажале дека просечниот сопственик на еден од нивните автомобили на ден поминува околу 40-тина километри, па батериите би ги полнел еднаш на 4-5 дена. Од друга страна, кога ќе се „навлечете“ на перформансите (можеби кокаинот ствара поголема зависност, но не сме сигурни, не сме пробале) – сè друго е некако… Здодевно.

Дали има компромиси кои треба да се направат? Секако, но покажете ни автомобил околу кој не се прави барем некаков компромис. Од друга страна, MINI Cooper SE е компактен, современ, супер-динамичен и шармантен автомобил кој е замислен да владее со урбаниот асфалт. Всушност, убаво си кажавме – Mini Cooper SE е електрична градска ракета!

Спецификации

Модел: MINI Cooper SE
Мотор: Електромотор 135 kW
Батерија: 32.6 kWh
Моќност: 184 коњски сили
Вртежен Момент: 270 Nm
Менувач: Автоматски, директен
Забрзување 0-100 км/ч: 7.6 секунди
Максимална Брзина: 150 километри на час
Должина: 2850 mm
Ширина: 1932 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1414 mm
Тежина: 1365 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2495 mm
Багажен Простор: 211 литри
Автономија: 225 – 235 километри според WLTP
Цена на тестираниот модел: MINI Cooper SE + NAV – 33.900 Евра
Повеќе Информации: MINI.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.