Ако сте еден од оние, посебните, супер-богати клиенти на Ferrari, можете да си нарачате автомобил кој ќе биде направен само за вас.
Токму тоа е приказната и со Ferrari Omologata. Овој one-off е базиран на 812 Superfast, но екстензивните преработки резултираат токму со овој автомобил, а дури е посебна и бојата. Всушност, од Ferrari кажуваат дека само ветробранското стакло и предните светла се останати исти – сè друго е сменето! Редизајнирани се сите каросериски елементи, отворите за воздух, крилата, итн.. Посебно ќе ги истакнеме дискретниот заден спојлер и нагласениот дифузер кои имаат задача да го насочуваат воздухот и да ја подобруваат стабилноста.
Кабината добива сини тркачки седишта со безбедносни појаси во четири точку, а и во кабината препознаваме детали кои оддаваат почит на старите тркачки автомобили на Ferrari.
Овој автомобил е направен по нарачка за неименуван европски клиент, и според Ferrari, задачата било „да се направи футуристички дизајн со препознатливи елементи и да се истакне потенцијалот на безвременската форма која ќе остави траен впечаток.“ За проектот биле потребни две години и не знаеме дали погонот е променет, но 812 Superfast веќе има 800 коњски сили и 720 Nm вртежен момент, така да..