Новата, плаг-ин хибридна варијанта на RAV4 не само што е најмоќната изведба во историјата на моделот, туку во градски услови може да помине скоро 100 километри со полни батерии!
Од Toyota кажуваат дека новиот хибриден систем испорачува водечка комбинација од моќ и ефикасност. Зошто го кажуваат тоа? Па, вкупната, системска моќност е дури 306 коњски сили (и со тоа ова е најмоќната изведба на RAV4), а истовремено може со полни батерии во градски услови да помине до 98 километри според City WLTP циклусот. Инаку, според стандардните WLTP мерења кои покриваат комбинирани услови на возење, автономијата на електрична енергија е 75 километри, а потрошувачката на гориво е само 1 литар бензин на 100 изминати километри. Хибридниот систем е надграден да може да испорача возење „на струја“ и при брзини до 135 километри на час.
А како е надграден системот? Па, прво и осново – има значително поголема батерија. Батеријата со RAV4 PHEV е со капацитет од 18.1 kWh. Ја сочинуваат 96 индивидуални ќелии, а самата батерија има волтажа од 355.2 V – тоа овозможува испорака на значително повеќе моќност.
Понатаму, имаме подобрување и кај електромоторите – предниот електромотор испорачува 134 kW (во споредба, предниот мотор кај RAV4 Hybrid испорачува 88 kW), додека задниот е непроменет и понатаму испорачува 40 kW. Конечно, имаме измена и кај конвенционалниот (но супер-ефикасен) 2.5-литарски бензински мотор, кој сега испорачува 185 коњски сили при 6000 вртежи во минута.
Вкупната, системска моќност е 306 коњски сили – кои овозможуваат забрзување до 100 километри на час за рамно 6 секунди – значително подобрување од 8.4-те секунди кои ѝ требаат на „обичната“ хибридна „Рав-Четворка“. Дополнително, RAV4 има три стандардни режими на возење – Normal, Eco и Sport, но добива и еден нов Trail режим кој е наменет за соочување со покомплицирани теренски предизвици, како и полесно справување со лизгави површини.
Секако, плаг-ин хибридните автомобили ги постигнуваат овие перформанси и бројки доколку имате можност да ги полните батериите. На домашен полнач батеријата се полни за околу 7 часа – односно, да кажеме преку ноќ. Доколку во вашиот дом инсталирате соодветен брз полнач, батеријата се полни за нешто над два часа.