Независен аналитичар од Германија дојде до интересен резултат – во првите седум месеци од оваа година, во Европа се продадени повеќе електрични возила отколку во Кина.
Веќе неколку години, Кина апсолутно доминира кога станува збор за продажба на електрични возила – локалното производство, големиот избор и привлечните цени ги прават електричните возила особено интересни за кинеските купувачи. Но во првите седум месеци од оваа година, во Европа се продадени повеќе електрични возила во однос на Кина. Независниот аналитичар Матиас Шмит се повикува на податоци од неколку различни организации кои ги следат трендовите во автомобилската индустрија.
Разликата не е (пре)голема – со околу 269.000 целосно-електрични продадени возила и 231.000 плаг-ин хибридни возила (само во западна Европа), водството е само околу 14.000 возила. Според аналитичарите, една од најсилните причини за ваквиот тренд се субвенциите кои многу од западно-европските држави ги даваат за купување на електрични возила, како и забрзаниот развој и зголемената понуда на електрични возила кои производителите ги прават за да ги задоволат еко-стандардите.
Познавачите на авто-индустријата очекуваат ваквите трендови да продолжат – американскиот производител Tesla ја зголемува продажбата во регионот, Volkswagen групацијата започнува да го испорачува електричниот ID.3, а наскоро и другите брендови кои се дел од Volkswagen групацијата ќе започнат да ги испорачуваат своите модели базирани на MEB платформата – на 1ви Септември ќе биде претставен Skoda Enyaq iV а спортската дивизија на Seat веќе го потврди Cupra El Born.
Истовремено, своевидна инвазија на електрични модели подготвува и PSA – Peugeot веќе ги лансираше плаг-ин хибридните Peugeot 508 и 3008 (кои ги возевме на почетокот на оваа година на официјалната презентација), како и целосно-електричните 208 и 2008 (нашиот тест на електричниот е-208 погледнете го тука), Citroen неодамна го лансираше плаг-ин хибридниот C5 Aircross, како и новиот C4 кој е достапен и како целосно-електричен автомобил, но и супер-шармантниот Ami, а Opel покрај плаг-ин хибридните модели, ја лансираше целосно-електричната Corsa-E и ја најави електричната Mokka-E.