Новиот седан на кинескиот производител Geely е поставен на CMA платформата која веќе ја користат моделите на Volvo!
Всушност, Compact Modular Architecture (CMA) платформата е заеднички проект на Volvo и кинескиот гигант Geely. CMA платформата е докажана и успешна – веќе се користи за Volvo XC40, како и електричниот Polestar 2, а се користи за моделите на Lynk & Co.
Geely Preface е модерно-дизајниран седан со карактеристично-европски дизајн, и дури и наликува на моделите на Volvo. Сепак, динамичните и спортски пропорции му даваат премиум изглед, а таканаречената Космос Маска на Geely доминира на предниот дел.
Сега за сега немаме никакви информации околу погоните со кои Geely ќе го нуди Preface, но се очекува да бидат истите погони кои Volvo веќе ги користи кај своите модели – а тоа значи 1.5 и 2-литарски турбо-бензинци со хибридна опција, а не исклучен ниту целосно-електричен модел.
Интересно е дека од Geely кажуваат дека Preface ќе биде глобален модел. Според плановите, прво ќе биде лансиран во Кина, а понатаму и на други пазари ширум светот. Со оглед на тоа дека Geely е вистински автомобилски гигант, не би биле воопшто изненадени доколку кинеската компанија започне да гради сериозна дистрибутивна мрежа и низ Европа.