Французите се неизмерно горди на C3 и C3 Aircross – и всушност, токму тие два модели се бестселерите на Citroën. Па кога ни се укажа можноста повторно да поминеме малку време со C3 Aircross – и тоа во неговото врвно издание – со задоволство ја прифативме понудата!
Прв пат седнавме зад управувачот на C3 Aircross пред нешто повеќе од две години – и уште тогаш, компактниот кросовер на Citroën ни остави позитивни впечатоци. Компактните димензии, футуристичкиот дизајн и модерните погонски единици се само неколку од многуте силни аргументи кои C3 Aircross ги има во својот агол. Сега, две години подоцна повторно сме со C3 Aircross – но овој пат во неговото врвно издание кое го носи името Shine и опремен со најновиот, 1.5-литарски BlueHDi турбодизел со 100 коњски сили.
Неколкуте години на пазарот воопшто не го „остареле“ C3 Aircross – тој и понатаму изгледа како концепт-автомобил!
Кога прв пат го возевме C3 Aircross, рековме дека наликува на концепт-возило – и тоа е и понатаму вистина. Неколкуте години на пазарот воопшто не го „остареле“ – напротив, тој и ден денес изгледа свежо и несекојдневно, особено кога ќе му нафрлиме малку интересни и привлечни детали. На пример, на нашиот тестен автомобил добивме детали – кровни носачи, странични ретровизори, декоративни елементи околу предните светла, на Ц-столбот и околу значките на алуминиумските фелни – во „дреч“ портокалово-црвена боја. Во нашите очи, ваквите детали изгледаат одлично – не само што го разигруваат дизајнот на C3 Aircross, туку и му помагаат уште повеќе да се издвои од конкурентите и му прилегаат на младешкиот, ексцентричен, Citroën-ест дух!
Моменталниот дизајнерски јазик на Citroën по сè изгледа им се допаѓа на купувачите – меките линии и површини оддаваат чувство на смиреност, кое како да недостасува меѓу агресивните дизајни на некои од конкурентите. Како што рековме – дизајнот на C3 Aircross изгледа свежо, без притоа да бидат искористени непотребни стилски трикови. Дополнително, заштитните панели околу целиот автомобил ја зајакнуваат сликата за робустност, како и навестуваат дека C3 Aircross може да го напушти асфалтот, доколку тоа го побарате од него.
Комфорна, светла и практична кабина
Одиме внатре! Во кабината продолжува истата онаа приказна со деталите во боја – добиваме црвени детали на управувачот, на отворите за вентилација како и на седиштата. А седиштата? Седиштата се посебна приказна – како дел од амбициите на Citroën да ги понуди најкомфорните возила на пазарот, C3 Aircross добива супер-комфорни седишта во кои седењето е како да седите во фотелја. Само би посакале и совозачкото седиште да имаше наслон за рака.
Некои од површините во кабината – како на пример страничните потпирачи за рацете, како и горниот дел од предната конзола – се покриени во истиот материјал како и седиштата, и навистина ни се допаѓа! Ни се допаѓа одлуката да се понуди нешто друго освен гума, пластика или кожа – ваквите материјали се привлечни, пријатни на допир и би требало да се лесни за одржување.
Инаку, во целата кабина има многу места за одлагање ситници – во вратите, пред рачката од менувачот, во задните врати, итн. Сепак, бидејќи C3 Aircross е семеен компактен кросовер, мора да биде практичен, а тоа се заокружува со просторната понуда и на задната клупа, како и со багажникот во зависност од поставеноста на седиштата нуди 410, 520 или 1290 литри на располагање.
Како што напоменавме, седиштата се супер-комфорни, а благодарение на големите стаклени површини и прегледноста е одлична. Контролите се лесни за пронаоѓање и користење, дури и малку комплицираниот темпомат.
Имаме мала забелешка на некои од пластиките во кабината кои се цврсти – но затоа се издржливи. Многу од функциите се контролираат преку мултимедијалниот уред – и сè уште не сме фанови на ваквиот пристап, но трендовите се такви какви што се, а мултимедијалниот уред прилично брзо одговара на командите. Ќе ја истакнеме леснотијата за поврзување со мобилен телефон, а ќе го пофалиме и системот за навигација.
Новиот 1.5-литарски BlueHDi ги исполнува најстрогите стандарди
Од неодамна, C3 Aircross се нуди со новиот 1.5-литарски BlueHDi турбодизел кој ги исполнува најновите и најстроги ЕУ норми за еколошка прифатливост. Новиот турбодизел испорачува 102 коњски сили при 3500 вртежи во минута и 250 Nm од 1700 вртежи во минута. Во комбинација со 6-степениот мануелен менувач, овој мотор му овозможува на C3 Aircross да забрза до 100 километри на час за 12.1 секунда и да постигне максимални 175 километри на час.
За време на нашето тест-возење, ние измеривме градска потрошувачка од околу 6.3 литри на 100 изминати километри, односно 5.3 литри на 100 изминати километри надвор од град. Одличниот вртежен момент и добро-одмерените степени на пренос значат дека C3 Aircross ќе „повлече“ лесно во скоро сите ситуации, а за екстра опуштено возење ние можеби би го нарачале со автоматски менувач.
C3 Aircross одлично се снаоѓа во град и на автопат, но не бега ниту од теренско возење.
Кога сме веќе кај возењето, каков е C3 Aircross за возење? Па како и досега – и сега е лесен за управување и маневрирање. Секако, нема никакви спортски претензии – и не ни треба да ги има – туку главниот збор го има комфорот. Суспензијата успева да ги исфилтрира нерамнините и само повремено се пренесуваат несакани вибрации во кабината. На отворено е навистина комфорно и се патува како во број-два поголеми автомобили.
Управувањето е доволно директно и прецизно – но повторно, ова не е спортски автомобил. Серво-управувачот е супер лесен, а 6-брзинскиот мануелен менувач е осетно попрецизен од 5-брзинскиот кој го замени.
Дополнително, сакате да го напуштите асфалтот? Иако C3 Aircross не може да се добие со погон на сите четири тркала, напредниот GripControl систем кој ги регулира системите за стабилност и тракција гарантира дека излетите по терен нема да бидат никаков проблем. Секако, ова не е екстремен теренец, но стигнувањето до вашата викендичка или до некоја излет-локација нема да биде ама баш никаков проблем.
Заклучок: Совршено е јасно зошто токму C3 Aircross е еден од бестселерите на Citroën!
И на крајот – две-и-нешто-ситно години подоцна – какви се импресиите од C3 Aircross? Па – исти како и првиот пат кога го возевме. Дизајнот сè уште е свеж и интересен, кабината е просторна, практична и привлечна, а новиот турбодизел е исклучително економичен и сосем доволно моќен. Совршено ни е јасно зошто C3 Aircross е еден од бестселерите на Citroën – едноставно, ваквите аргументи „палат“ кај купувачите. Плус, кога ќе се земе предвид опремата и шармот – тогаш C3 Aircross е во вистинско светло!
Димензии
Спецификации
Модел: | Citroën C3 Aircross 1.5 BlueHDi 100 Shine |
Мотор: | 1.5-литарски турбодизел, 4 цилиндри |
Моќност: | 102 коњски сили / 3500 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 250 Nm / 1750 вртежи во минута |
Менувач: | Рачен, 6 брзини |
0-100 км/ч: | 12.1 секунда |
Максимална Брзина: | 175 километри на час |
Должина: | 4155 mm |
Ширина: | 1976 mm (со странични ретровизори) |
Висина: | 1630 mm (со кровни носачи) |
Тежина: | 1203 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2604 mm |
Багажен Простор: | 410 – 520 – 1289 литри |
Потрошувачка: | 6.3 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Citroën C3 Aircross 1.2 Puretech BVM Live – 13.990 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Citroën C3 Aircross 1.5 BlueHDi 100 BVM Shine – 19.530 Евра |
Повеќе Информации: | Citroën.com.mk |