Пристигна новиот, хибриден Honda Jazz! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Пристигна новиот, хибриден Honda Jazz!

Во салонот на Honda во Скопје веќе е изложен целосно новиот, високо-технолошки – и хибриден – Jazz!

Како што веќе пишувавме, Honda одлучи дека на стариот континент новиот Jazz ќе го понуди само во хибридна изведба. Истовремено, како што и беше најавено, новиот Jazz ја воведе и e:HEV значката на нашиот континент бидејќи е дел од e:Technology платформата на Honda.

Дел од хибридниот погон е 1.5-литарски атмосферски бензинец кој испорачува 98 коњски сили при 5000 вртежи во минута, како и 131 Nm вртежен момент од 4500 вртежи во минута. Електромоторот испорачува дополнителни 10-тина коњски сили, како и доволно вртежен момент за вкупната, системска моќност да е 109 коњски сили и 253 Nm вртежен момент. Перформансите се повеќе од респектабилни – официјалните бројки зборуваат за „стотка“ за 9.4 секунди, како и максимални 175 километри на час.

Според официјалните податоци, потрошувачката (во градски услови) би требало да е екстремно ниска – односно дури и помалку од 3 литри на 100 изминати километри. Ова секако се должи на хибридниот погон, но и на ефикасниот CVT автоматски менувач. Да, новиот Jazz може да се добие само со CVT автоматски менувач.

Секако, Jazz и понатаму е супер-практичен, а Honda (правилно) одлучи да врати некои од физичките команди во новиот Jazz, наместо да ги следи трендовите и сè да биде достапно преку мултимедијалниот уред. Цените на нашиот пазар започнуваат од 24.990 за Jazz во Comfort ниво на опрема, односно 25.990 за Honda Jazz во повисокото, Elegance ниво на опрема. За повеќе информации, посетете го салонот на Honda, или официјалната веб-страница.

Поврзано:  Honda и Nissan ги прекинаа разговорите за можно спојување


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.