Има автомобили кои на улиците се наметнуваат со нивната агресивност или пак со високата цена, но на прсти се бројат автомобилите кои се издвојуваат бидејќи се едноставно – фраерски!
Оригиналниот, минијатурен и бескрајно шармантен Fiat 500 се произведуваше скоро 20 години, и е произведен и продаден во безмалку 4 милиони примероци. Автомобилот што ја моторизираше Италија и доби свои верзии на уште неколку пазари ширум светот има свои поклоници и фанови – од Ф1 шампиони, до филмски ѕвезди и благородници од кралски семејства, Fiat 500 е еден од најважните автомобили во историјата. Всушност, легендарниот британски магазин Top Gear одлучи токму малиот Fiat 500 да го прогласи за „Најсекси Автомобил на Светот“ во сега веќе далечната 2006-та година.
Значи, очекувањата не се воопшто големи.
Кога Fiat го лансираше новиот Fiat 500 во 2007-мата година – иако очекувањата беа големи и никој не знае да направи мал автомобил како што знаат италијаните – ретко кој очекуваше дека автомобилот ќе биде толку успешен. Дизајнерите на Fiat до тој степен го погодија ретро-инспирираниот дизајн, што малиот автомобил продолжи онаму каде оригиналниот Fiat 500 застана – успева да изгледа одлично во секоја ситуација и да изгледа како да припаѓа насекаде – и покрај плажа, и во градскиот метеж, и во дворот на некоја викендичка, па и пред театар или музеј. А ретки се автомобилите кои успеале во тоа.
Дизајнерите на Fiat успеале да го пренесат безвременскиот шарм на стариот, во новиот 500!
Фановите на оригиналниот Fiat 500 ќе ги препознаат деталите – „бумбарестиот“ нос, привлечниот профил и закосениот заден дел со препознатливите задни светла. Дизајнерите на Fiat успеаја да го пренесат безвременскиот шарм на стариот автомобил во најновиот, а со тоа го направија новиот да биде исто толку кул, исто толку интересен и исто толку фраерски!
Во споредба со првиот Fiat 500, новиот изгледа некако џиновски – но во контекст на модерните автомобили, Fiat 500 е минијатурен. Долг само 3.5 метри и широк нешто над 1.6 метри, Fiat 500 е компактен и практичен. За разлика од стариот автомобил, сега доаѓа со три врати и моторот е поставен напред, па имаме и задоволителен багажен простор.
На предниот дел вниманието веднаш го привлекуваат предните светла, дневните светла и маската на ладилникот, додека на задниот дел ги издвојуваме привлечните задни светла и дискретниот спојлер. Нашиот тестен модел дојде со дополнителен Rockstar бодикит кој вклучува малку поспортски бодикит со додатоци на браниците и страничните прагови, мат-сребрени странични ретровизори и уште неколку поситни детали.
Дополнително, добивме и супер-привлечни 16-инчни алуминиумски тркала кои одлично му прилегаат на Fiat 500. Ни се допаднаа и веќе-споменатиот дискретен спојлер и хромираниот завршеток на издувниот систем.
Компактен, изненадувачки-просторен и шармантен ентериер
Одиме внатре! Кабината на Fiat 500 успева и во ентериерот да го пренесе шармот и дизајнот на екстериерот. Секако, има мноооогу можности за персонализација, а нашиот тестен модел дојде со делумно-кожните седишта кои се дел од Rockstar пакетот, како и уште неколку други додатоци кои ни „направија мерак“ – како на пример сребрената рачка од менувачот која едноставно изгледа кул. Се седи прилично високо, што пак гарантира одлична прегледност преку прилично големите стаклени површини.
Сите контроли се лесни за разбирање и користење и станува јасно дека Fiat 500 е замислен да биде „на свое“ во градскиот метеж. Возачот и совозачот имаат повеќе од доволно место а во кабината има навистина многу светлина поради големите стаклени површини, но и делумно-стаклениот кров.
Да бидеме тотално искрени, задните седишта не се предвидени за возрасни луѓе кои имаат нозе, но за деца (или за возрасни, но на кратки релации) е повеќе од доволно. Багажникот (кој е достапен преку гооооолема петта врата) е со капацитет од 185 литри и всушност е изненадувачки практичен бидејќи лесно се пристапува до сè што имате внатре.
Да, во ред, Fiat 500 нема да ја освои наградата за Најголем Автомобил на Светот – но токму тоа е поентата. Fiat 500 е мал, маневрабилен и супер-шармантен градски фраер! За пофалба е новиот UConnect мултимедијален уред кој овозможува лесно поврзување со мобилен телефон, како и Android Auto и Apple CarPlay функционалности, а во нашиот случај имавме на располагање и навигација.
Сè на сè – кабината на 500 е функционална, со мал милион ситни детали кои успеваат да го пренесат шармот и во ентериерот, а истовремено е доволно просторна и функционална за возило кое е замислено да се вози примарно низ град…
Fiat 500 припаѓа во градот, и градот му припаѓа нему!
А каков е Fiat 500 во град? Како што рековме – на домашен терен! Малите димензии го прават бесконечно практичен и маневрабилен. Барањето слободно паркинг место станува неколку пати полесно, а сите кои ќе го видат реагираат позитивно. Мислите дека спортските автомобили изнудуваат реакции од минувачите? Очигледно не сте возеле Fiat 500. Возењето низ градскиот метеж дури станува интересно, бидејќи барањето „место да се протнам“ станува игра и вистинско освежување е да се вози автомобил кој не е директно зависен од сензори и камери за паркирање. Да, нашиот Fiat 500 имаше и задни сензори за паркирање, но ова е еден од ретките автомобили за кои можеме да кажеме дека навистина не му требаат. Плус, тука е одличното City копче кое прави управувачот да е супер-лесен – буквално можете да го вртите со малиот прст!
Секако, со Fiat 500 можете да излезете и надвор од град, и сосем комфорно ќе се возите и на автопат. Има забава и во „бркање свиоци“ бидејќи малите димензии прават да се чувствувате како да возите многу, многу брзо иако можеби не го правите тоа навистина. Дали е ова спортски автомобил? За таков опис можеби ќе треба да побарате некоја Abarth изведба, но има забава за пронаоѓање и кај регуларниот Fiat 500.
Докажан 1.2-литарски атмосферец.
Задолжен за придвижување на нашиот тестен автомобил беше 1.2-литарски атмосферски бензинец со четири цилиндри кој испорачува 69 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 102 Nm вртежен момент од 3000 вртежи во минута. Силата оди од моторот кон предните тркала преку 5-степен мануелен менувач и 100 километри на час пристигнуваат за 12.9 секунди, додека максималната брзина е респектабилни 163 километри на час.
На „хартија“ (добро де, на екран) овие бројки и не делуваат импресивни, но се сосем доволни за низ град и за повремено излегување и на автопат. Плус, вистинско задоволство е да се користи рачниот менувач кој е прилично прецизен и степените на пренос се одлично одмерени. Потрошувачката низ град е околу 8 литри бензин на 100 изминати километри.
И што заклучивме? Сакаме Fiat 500!
И по сето ова, каде сме сега? Сега сме кај заклучокот дека навистина, навистина го сакаме Fiat 500. Малиот автомобил успеа да го пренесе шармот од оригиналниот лилипутанец во модерно, современо издание – без притоа да изгуби трошка од онаа италијанска заводливост и навидум-бесконечна харизма. Ова е автомобил на кој му успеа да нè насмее од уво до уво на секое влегување и да нè натера да се завртиме и да го погледнеме на секое паркирање. Ова е автомобил кој не е најголемиот автомобил на светот, но сигурни сме дека има огромно срце. Ова е автомобил кој се наметнува со својот карактер и со безвременскиот дизајн. Ова е вистински градски фраер!
Спецификации
Модел: | Fiat 500 1.2 69 Rockstar |
Мотор: | 1.2-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри |
Моќност: | 69 коњски сили / 5500 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 102 Nm / 3000 вртежи во минута |
Менувач: | Рачен, 5 брзини |
0-100 км/ч: | 12.9 секунди |
Максимална Брзина: | 163 километри на час |
Должина: | 3571 mm |
Ширина: | 1827 mm (со странични ретровизори) |
Висина: | 1488 mm |
Тежина: | 980 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2300 mm |
Багажен Простор: | 185 – 550 литри |
Потрошувачка: | 8 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Fiat 500 1.2 POP – 11.950 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Fiat 500 1.2 Rockstar – 14.140 Евра |
Повеќе Информации: | Fiat.mk |