Извештајот на Регулаторната Комисија за Енергетика покажа дека во 2019, биогоривата учествувале со само 0.19 проценти од вкупната потрошувачка на домашниот пазар.
Изненадувачки, тоа е намалување во однос на 2018 година кога учествувале со 0.2 проценти, иако со стратегијата за развој на енергетиката се предвидува зголемување на учеството на биогоривата до 10 проценти до 2030 година.
Во потрошувачката на нафтени деривати минатата година доминираат дизел-горивата со 68.5 проценти, по што следат безоловните бензини со 11.02 проценти, мазутот со 7.7 проценти и течниот нафтен гас со 7.8 проценти.
Продажбата на нафтени деривати на домашниот пазар во 2019 година бележи раст од 10.17 проценти во однос на 2018 година – при што значителен раст од 12.4 проценти има кај дизел-горивото, односно во 2019 година биле продадени вкупно 642.742 тони, споредено со 571.893 тони во 2018 година. Бензините имаат раст од 2.7 отсто, а горивото течен нафтен гас (ТНГ) 1.8 проценти.
На нашиот пазар минатата година се продадени 1.748 тони биогориво.
Обновливите извори што се користат во транспортот на ниво на Европската Унија се во постојан раст и во 2018 година нивниот удел изнесува осум проценти. Целта е до 2020 година да се достигне нивото од 10 проценти, а во 2030 до 14 проценти.
На бензинските станици во Европската Унија дизел-горивата содржат и до десет проценти чист биодизел. Истиот е блендиран со фосилното дизел-гориво на начин кој ги задоволува нормите за квалитет, а истовремено ја намалува емисијата на штетни гасови. Сите дизел-горива продадени на бензинските станици во Европската Унија во 2017 година содржеле биодизел, додека 87.6 проценти од бензинот содржел биоетанол.
Стимулирањето на биодизелот и биоетанолот на нашиот пазар може да има двоен ефект – намалување на емисијата на штетни гасови од возилата и поттикнување на земјоделството преку домашно производство на основната суровина – односно маслодајната репка.
Единствената рафинерија за производството на биогорива во нашата земја е во сопственост на Макпетрол и работи од 2007 година. Има капацитет од 30 илјади тони годишно, а за производство на биодизел-гориво се користи нерафинирано масло од семе од маслодајна репка.
Извор: Макпетрол Инфо Поинт