Малку автомобили имаат толку легендарна историја, каква што има Defender – па дали новиот Defender го оправдува името? Прочитајте го нашиот тест и дознајте!
Со цел навистина да го оправдаме нашиот став за новиот Defender, овој тест ќе го поделиме во четири целини. Во првиот дел ќе зборуваме за дизајнот, а понатаму ќе зборуваме за тоа каков е новиот Defender во град, каков е кога ќе му поставите теренски предизвици, и конечно – каков е новиот Defender на отворен пат.
Сепак, пред да зборуваме за сето тоа – ајде да зборуваме малку за новата платформа на која е поставен Defender. Инженерите на Land Rover имале интересен предизвик – а тоа е да се воскресне икона која од една страна ќе ги евоцира спомените на легендарниот Land Rover Defender, а од друга страна, да ги задоволи сите модерни правила и законски прописи кои мора да ги задоволи секој нов автомобил.
А тоа и не е толку лесно. Првиот, легендарен Land Rover (кој дури потоа го доби името Defender, откако Land Rover стана бренд) се нудеше на пазарот – низ неговите неколку генерации и итерации – дури 67 години. Всушност, ако не грешиме, Land Rover Defender беше меѓу најдолго-постоечките модели на пазарот, и е вистинска икона не само на автомобилскиот дизајн, туку и на можностите на еден автомобил, авантуристичкиот дух кој еден автомобил може да го има и вредностите кои еден автомобил може да ги пренесе.
Го разбирате предизвикот, нели? Не е лесно сето ова да се пренесе во еден нов автомобил и навистина – меѓу ентузијастите на брендот има(ше) навистина многу страв. Веќе ја нема конвенционалната шасија – сега Defender користи супер-цврст монокок дизајн. Веќе ги нема оние стари технологии – сега Defender го добива сето знаење и сите нови технологии со кои Land Rover располага. А сето тоа го прави многу поцивилизиран и многу помодерен автомоби, но стравот е – дали е вистински Land Rover, односно вистински Defender?
Предизвик Број 1: Дизајн.
Веднаш штом ќе го погледнете Defender (кој патем е достапен во две изведби – 90, со три врати и 110, со пет) – во првата милисекунда – станува јасно дека ова е Land Rover и дека ова е Defender. Дизајнерите на Land Rover успеале да го пренесат духот на стариот Defender во новиот автомобил – формите се чисти и јасни, линиите се прави и едноставни. На предниот дел новите круг-во-квадрат светла јасно кажуваат од каде потекнуваат, а отворите за воздух поставуваат директна врска меѓу стариот и новиот автомобил. На поклопецот на моторот гордо стои името Defender, а заштитните панели околу целиот автомобил ја истакнуваат неговата робустност.
На заднот дел малите светла се директен омаж кон стариот автомобил и насекаде забележуваме мали детали кон кои реакциите се „Еј, ова е исто како и на стариот“ – од Safari прозорците во кровот, па сè до плочите за стапнување кои се поставени на поклопецот на моторот. А оние панелите во стаклените површини на страниците на Defender? Тие се таму за на нив да се постават дополнителни компоненти – куфер, или пак скалички за да се качите „на кров.“ А ако сакате да се качите, вреди да се напомене дека Defender може да носи до околу 170 килограми на кров во движење, односно над 300 килограми кога е паркиран.
Дизајнерите на Land Rover можат да држат лекции по дизајн, особено поглавјето „Како да се Направи Голем Теренец кој Нема да Биде Вулгарен.“ Во нашите очи, ова е еден од најубавите – ако не и најубавиот – теренци кои се нудат во моментов на пазарот. Браво.
Предизвик Број 2: Defender во град.
Океј, јасно е дека ова е голем автомобил. Всушност, заедно со резервното тркало поставено на задната врата (која патем, се отвора странично), Defender е долг пет метри. Не може да се избегне неговата големина која е визуелно истакната и преку чистите, прави површини. Но од друга страна, седечката позиција е висока, големите стаклени површини овозможуваат и одлична прегледност – освен кон задниот дел, каде во ретровизорот гледате само огромно тркало – а рамните агли прават да е навистина лесно да можете да процените до каде се границите на автомобилот и лесно да процените каде се наоѓа на коловозот.
Секако, огромна улога во лесното маневрирање имаат и малиот милион камери и сензори со кои доаѓа Defender. Не сме толку горди за да не признаеме дека дури и на најспретниот возач, ваквите системи за асистенција му.. Асистираат!
Кога сме веќе тука, ајде малку и за кабината. Defender не е замислен да биде конвенционално луксузен. Да, нема сомнеж дека тука се работи за скап и луксузен автомобил, но примарното внимание е дадено на робустноста и леснотијата за користење и одржување. Па затоа, кабината е покриена во квалитетни, робустни материјали – материјали кои ќе го издржат тестот на времето. На сè што ќе допрете е посветено многу, многу внимание, завршната обработка е импресивна, а материјалите се квалитетни и фини на допир.
Инаку, ергономијата е навистина одлична – спомнавме дека прегледноста е повеќе од задоволителна, сите команди се лесни за користење и онаму каде е можно добиваме физички контроли наместо сè да е достапно преку мултимедијалниот уред. На предниоте седишта чувството е доминантно и аристократско, на задната клупа има мнооооогу простор во сите насоки, а во третиот ред (да, нашиот автомобил дојде со трет ред седишта) има доволно простор за деца. Плус, во целата кабина има многу места за одлагање ситници и дребулии, најверојатно околу стотина (преувеличуваме, намерно) места за полнење на паметни уреди и слично и уште мал милион други практични моменти. Патниците во третиот ред дури добиваат и сопствени контроли за клима-уредот!
Значи – да сумираме. Defender е голем. Навистина голем – но не е проблем да се експлоатира во градски услови. Прегледноста, маневрабилноста и камерите и сензорите го олеснуваат животот. Само внимавајте на рестрикции на висина при влез во подземни гаражи.
Предизвик Број 3: Defender и теренско возење.
Ќе бидеме искрени и ќе кажеме дека навистина очекувавме дека Defender нема да има ама-баш-никаков проблем со каков било теренски предизвик. Едноставно, замислен, развиен и конструиран е да може да се соочи со секаков терен и секаков предизвик.
Ајде малку бројки. Новиот Defender има агол на пристапување од 38 степени, агол на отстапување од 40 степени и агол на „прекршување“ од 31 степен. Воздушната суспензија може да биде спуштена за 40 милиметри, односно подигната за 75 милиметри – и уште 70 милиметри над тоа, за вкупно 145 милиметри. Сакате да возите низ вода? Никаков проблем, Defender може да помине низ вода длабока 900 милиметри! Кога суспензијата е поставена на „највисоко“ Defender е оддалечен од подлогата скоро 30 сантиметри!
Своја улога има и меѓуоскиното растојание кое надминува три метри, односно екстремно-кратките надвисоци кои се резултат на сето тоа – и токму тие овозможуваат Defender да може да „нападне“ толку екстремни агли – всушност, Defender може да се искачува и симнува по стрмнини кои се под агол до 45 степени!
Секако, Defender доаѓа со два активни диференцијали – кои можете самите да ги контролирате, или пак да одберете еден од режимите за возење и да го оставите самиот „да си ја брка работата“. Можете да одберете еден од неколкуте режими – Eco, Comfort, Grass Gravel & Snow, Mud & Ruts, Sand, Rock Crawl и Wade. Секако, тука се и очекуваните системи за автоматско движење по нагорнина или надолнина, итн.
И што значи сето ова? Сето ова значи дека на Defender не му требаат патишта. Некако, цело време додека го возевме Defender низ глава ни се вртеше реченицата на Doc Brown од Back to the Future – Where we’re going, we don’t need roads! Едноставно – Defender самиот си ги прави патиштата. Каде сакаме да одиме? Овде лево? Нема проблем. Таму десно? Повторно нема проблем. Длабока вода или кал? Пфф..
Секако, свој удел тука има и одличниот 2-литарски турбодизел кој испорачува 240 коњски сили и 430 Nm вртежен момент. Да, секако – ќе ги има оние кои ќе прашаат дали е доволно, а ние ќе одговориме дека да, сосем доволно. За време на нашето возење едноставно не дојдовме до момент кога си рековме „ах, ќе беше добро да имавме уште стотина коњски сили“ – комбинацијата од сета таа технологија и моќниот турбодизел се покажа како повеќе од адекватна за сите предизвици.
Заклучок од предизвикот број три? Новиот Defender е вистински Defender. И нема потреба ништо повеќе да биде кажано.
Предизвик Број 4: Defender на отворен пат.
Некако, поучени од старите теренци, сите ние очекуваме дека модерните теренци (ама оние, вистинските теренци) имаат проблем на отворен пат – стануваат бучни, некомфорни и непријатни за подолги патувања.
Ако нешто навистина нè изненади кај новиот Defender – тоа е неговата рафинираност на отворен пат. А и навистина, нема зошто да не е таков – воздушната суспензија, добрата звучна изолација, моќниот мотор и комфорната кабина гарантираат дека патувањето на отворено е комфорно и пријатно, дури и при брзини кои се *кхм, кхм* малку над ограничувањата. Defender едноставно ги голта километрите.
Defender ги заслужува сите пофални зборови!
И сето тоа полека-полека нè носи до конечниот заклучок за Defender. Би било навреда за него да го наречеме SUV. Тој е вистински теренец, вистински мултиталент кој успева да се адаптира кон секој предизвик. Сакате голем, комфорен крстосувач? Го имате. Сакате супер-компетентен теренец за кој не постојат граници? Повторно, никаков проблем, само насочете ја генералната насока во која сакате да одиме, одберете го режимот на возење и притиснете ја педалата за гас. Ваквите автомобили се ретки и покажуваат до каде всушност е стигната автомобилската индустрија. Ваквите автомобили ги заслужуваат сите добри и пофални зборови кои ќе ги добијат, и ваквите автомобили ја заслужуваат нашата почит.
Defender успева да го постигне сето тоа, но и многу, многу повеќе.
Кралот е мртов. Да живее кралот!
Спецификации
Модел: | Land Rover Defender 110 D240 S |
Мотор: | 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри |
Моќност: | 240 коњски сили / 4000 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 430 Nm / 1400 вртежи во минута |
Менувач: | Автоматски, 8 брзини |
0-100 км/ч: | 9.1 секунди |
Максимална Брзина: | 188 километри на час |
Должина: | 5018 mm (со резервно тркало) |
Ширина: | 2105 mm (со странични ретровизори) |
Висина: | 1967 mm |
Тежина: | 2305 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 3022 mm |
Багажен Простор: | 916 – 2233 литри |
Потрошувачка: | 12 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Land Rover Defender 90 D200 S – 63.300 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Land Rover Defender 110 D240 S – 101.900 Евра |
Повеќе Информации: | mk.landrover.com |