Lamborghini подготвува нешто навистина спектакуларно – автомобил кој ќе биде резервиран само за тркачките патеки и ќе располага со 830-коњски атмосферски V12!
Тркачката дивизија на Lamborghini се вика Squadra Corse – и токму оваа дивизија е задолжена за развој на новиот SCV12. Што знаеме за новиот автомобил?
Луѓето од Lamborghini објавија изненадувачки многу – знаеме дека SCV12 ќе има атмосферски V12 кој ќе развива повеќе од 830 коњски сили, знаеме дека е поставен врз целосно-нова карбонска шасија и дека влече елементи од тркачките автомобили, знаеме дека задната суспензија ќе биде прицврстена директно на менувачот и дека ќе има магнезиумски тркала обвиени во специјални Pirelli пневматици.
Сепак, можеби најинтересниот новитет е системот за „аеродинамичка компресија на воздухот при високи брзини“ – односно, новиот автомобил ќе има систем кој ќе „симулира“ турбополнач при високи брзини! Останува да видиме како сè тоа ќе функционира, но 830 коњски сили од атмосферски мотор навистина звучат импресивно. Дополнително, од Squadra Corse кажуваат дека SCV12 има толку напредна аеродинамика, што има повеќе потисна сила од GT3 тркачки автомобил.
Сега за сега не знаеме колку примероци ќе бидат произведени, но знаеме дека SCV12 ќе биде резервиран само за тркачките патеки, односно дека нема да може да се регистрира и да се вози на обичните улици. Купувачите ќе бидат дел од супер-ексклузивен клуб кој ќе им понуди напредни обуки за возење, техничка асистенција од инженерите на Squadra Corse и специјална обука од петкратниот победник на 24 Часа Ле Ман – Emanuele Pirro.