Освежување и за спортската Cupra Ateca! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Освежување и за спортската Cupra Ateca!

Откако SEAT ја претстави освежената Ateca, спортската дивизија на шпанскиот бренд ја претстави и својата верзија на фејслифтираниот SUV.

Минатата седмица SEAT ја претстави освежената Ateca. Сега ја имаме и освежената верзија која доаѓа од спортскиот под-бренд на Seat – Cupra.

Cupra Ateca ги добива новите стајлинг елементи на Seat Ateca, но дополнително добива и ексклузивни Cupra елементи. Меѓу другото, ги препознаваме освежените, редизајнирани предни и задни светла, но забележуаме и уште поагресивен браник, нови LED задни светла, како и нови, 19-инчни тркала со бронзени елементи.

Внатрешноста добива нов, 10.25-инчен дигитален панел со инструменти пред возачот, нов 9.2-инчен мултимедијален уред, како и нов, редизајниран управувач. Како и на екстериерот, и во кабината има бронзени детали, а достапни се и нови материјали за некои од површините.

Инаку, Cupra Ateca го задржува 2-литарскиот турбо-бензинец кој испорачува 300 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. Силата се пренесува преку 7-брзински DSG автоматски менувач кон 4Drive погон на сите четири тркала. Сепак, иако погонот е истиот, перформансите не се – благодарение на рекалибриран погон на сите четири тркала, Cupra Ateca може да забрза до 100 километри на час за 4.9 секунди – 0.3 секунди побрзо од „стариот“ модел. Максималната брзина останува иста – 247 километри на час.

Меѓу другото, освежената Ateca добива нови, напредни системи за асистенција – предиктивен адаптивен темпомат и други технологии, а купувачите можат да нарачаат и Brembo сопирачки со високи перформанси, како и издувен систем од експертите од Akrapovic.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.