ТЕСТ: Peugeot 2008 1.2 PureTech 130 Allure – Современ софистициран SUV. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Peugeot 2008 1.2 PureTech 130 Allure – Современ софистициран SUV.

Ренесансата на Peugeot е во полн ек – а најверојатно нема подобар доказ за тоа од новиот, пораснат, софистициран 2008!

Ако барате пример за автомобил кој јасно и гласно ги кажува амбициите на Peugeot, нема потреба да одите подалеку од новиот 2008. Всушност, ќе бидеме храбри и ќе кажеме дека новиот 2008 е еден од најкомплетните модели кои Peugeot во моментов ги нуди. Зошто? Читајте понатаму, и работите ќе станат појасни.

Дизајнот е директен резултат на многу самодоверба и јасна цел – да се биде на самиот врв во сегментот.

Ајде прво за дизајнот. Новиот 2008 е очигледно базиран на новиот 208 (со кој ја дели и платформата, но во зголемeно издание), но приказната тука е многу поинтересна. Ако 208 е младешкиот, весел и разигран модел, тогаш 2008 е зрелиот, софистициран, комплексен поголем брат. Moжеме да започнеме со неправилните форми на профилот на 2008, кои на овој француски SUV му даваат една сосем поинаков лик. „Исечените“ делови ги прекршуваат светлината и рефлексиите, а со тоа навестуваат комплексност и храброст која е директен резултат на многу самодоверба и јасна цел – да се биде на самиот врв во сегментот.

На предниот дел ја добиваме можеби најелегантно-изведената експресија на мачкините очи и лавјите заби. Ако кај другите модели на Peugeot лавјите заби се директно интегрирани во светлата, во 2008 се издвоени и успешно ја нагласуваат големината на моделот. Маската на ладилникот намерно го привлекува погледот кон средината, каде гордо стои лавот на Peugeot, а веднаш над него, на поклопецот на моторот е ознаката 2008.

На задниот дел доминира едноделниот светлосен потпис кој веќе го знаеме од другите модели на Peugeot, но повторно – има свој, засебен идентитет. Острите и чисти линии се комбинираат во комплексни форми кои на асфалтот едноставно изгледаат современо, а поради црните Ц-столбови кровот изгледа како да лебди. Ни се допаѓа храбрата портокалова боја, но и ситните детали – дискретниот заден спојлер, завршетоците на издувниот систем… Единствено би посакале број-два поголеми тркала, кои сметаме дека одлично би „му стоеле“ на 2008.

Поврзано:  Peugeot E-3008 и E-5008 добиваат Long Range изведба и поминуваат до 700 километри со едно полнење

Многу, многу простор, 3D i-Cockpit и материјали кои ги очекуваме кај многу поскапи возила.

Благодарение на зголемените димензии во однос на претходникот, сега 2008 нуди еден од покомфорните ентериери во класата. Нè пречекува кокпит кој можеме да го опишеме како модерна архитектура – слоевито наредени елементи, а главниот збор го има 3D i-Cockpit (како во 208 кој неодамна го возевме), „топтан“ со помалиот управувач поставени пред возачот. Инструментите се чисти, јасни и прегледни а сите контроли се лесни за користење.

На централната конзола е поставен голем мултимедијален уред преку кој се контролираат повеќето функционалности, а под него има кратенки до главните операции. Сепак, би сакале физички контроли за некои од контролите – како на пример за клима уредот – кои би го олесниле користењето додека автомобилот е во движење.

Инаку, i-Cockpit (неодамна направивме ретроспектива на еволуцијата на иновативниот пристап на Peugeot, повеќе прочитајте тука) продолжува да биде сè подобар и навистина немаме никакви посериозни забелешки. Ќе бидеме искрени и ќе признаеме дека на почетокот и нам ни беа малку чудни помалиот управувач и несекојдневните решенија направени околу него – но сега без никаква резерва признаваме дека ни се допаѓаат иновативноста и придобивките од ваквиот пристап.

Повеќето материјали кои можеме да ги допреме се квалитетни, фини на допир и привлечно-текстурирани. Особено интересен ни е материјалот со карбон-ефект со кој е обложена конзолата. Околу возачкото и совозачкото седиште има доволно места за одлагање дребулии, а повторно го добиваме оној супер-практичен држач за мобилен телефон поставен пред менувачот. Ситен, но важен детал – другите треба да учат од Peugeot.

Изненадувачки многу простор има и на задната клупа. Благодарение на продолженото меѓуосовинско растојание, патниците на задната клупа комфорно ќе патуваат а сите заедно ќе имаат на располагање одлични 434 литри во багажникот кои се достапни преку голем отвор со правилна форма. Секако, задните седишта се преклопуваат и тогаш багажниот простор расте на 1467 литри.

Поврзано:  Peugeot ја комплетира електричната понуда со новиот Е-408

Комфорен на патот, моќен и економичен „под хауба“.

Океј, но каков е 2008 зад воланот? Со новиот компактен SUV, Peugeot ја продолжува приказната на динамични автомобили – управувањето е доволно директно за да може да понуди забава зад воланот, иако самото управување не пренесува премногу повратни информации од подлогата. При градски брзини серво-управувачот е супер-лесен, што пак овозможува лесно маневрирање, додека при повисоки брзини добива повеќе отпор – со што се зголемува чувството на прецизност и смиреност. Суспензијата успешно ги рафинира нерамнините од нашите патишта дури и на 17-инчните тркала.

Нашиот тестен модел дојде опремен со 1.2-литарскиот PureTech турбо-бензинец кој испорачува 130 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 230 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута. Во комбинација со 6-степениот мануелен менувач овозможува забрзување до 100 километри на час за 8.9 секунди и максимална брзина од 198 километри на час. Менувачот е прецизен и лесен за користење, но сепак мислиме дека на карактерот на 2008 повеќе му одговара одличниот EAT8 8-брзински автоматски менувач на PSA.

Но во реалноста, комбинацијата од турбо-бензинец и манулен менувач нуди забава во возењето без притоа да бидеме пенализирани со висока потрошувачка – за време на неколкудневното дружење измеривме просечна потрошувачка од околу 8 литри бензин на 100 изминати километри.

Заклучок: Доказ дека Peugeot е во полн ек.

Е сега – ајде да одговориме на прашањето кое сами го поставивме. Зошто новиот 2008 е еден од најкомплетните модели кои Peugeot во моментов ги нуди? Затоа што успешно комбинира трендовски SUV пропорции со софистициран дизајн, многу опрема, врвна безбедност, француски шарм и моќни мотори. Истовремено, не е ниту преголем за да биде проблематичен низ град, ниту премногу мал за да биде делегиран во улогата на „второ возило“. Напротив – 2008 може да ги исполни сите задачи без посебен приговор и гордо да докаже дека французите многу добро знаат што прават.

Поврзано:  Peugeot станува официјален едукативен партнер на Under the Pole програмата за подводно истражување

На крајот, нема многу дилеми – многу простор во компактен „отпечаток“, дизајн кој едноставно се издвојува од конкуренцијата и многу, многу модерни технологии. Навистина нема подобар доказ дека Peugeot е во полн ек.

Спецификации

Модел: Peugeot 2008 1.2 PureTech 130 BMV6 Allure
Мотор: 1.2-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
Моќност: 130 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 230 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 6 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 8.9 секунди
Максимална Брзина: 198 километри на час
Должина: 4300 mm
Ширина: 1987 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1550 mm
Тежина: 1192 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2605 mm
Багажен Простор: 434 – 1467 литри
Потрошувачка: 8.3 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Peugeot 2008 1.2 Puretech 100 Active – 18.150 Евра
Цена на тестираниот модел: Peugeot 2008 1.2 PureTech 130 Allure – 22.870 Евра
Повеќе Информации: Peugeot.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.