Peugeot за прв пат го претстави својот i-Cockpit со концепт во 2010 – сега, 10 години подоцна правиме ретроспектива на иновативниот пристап на французите кон тоа како една кабина треба и може да изгледа и функционира!
Луѓето од Peugeot се навистина горди на i-Cockpit – нивниот несекојдневен пристап кон нештата бараше многу трпение и многу работа. Но 10 години подоцна, многумина му завидуваат на i-Cockpit, а никој не се охрабрува да го имитира.
Ајде да го вратиме часовникот. Март, 2010-та година, Саемот на Автобили во Женева. Peugeot го претставува (во нашите очи) спектакуларниот SR1 коцепт за спортско луксузно купе – а дел од него беше првиот i-Cockpit. Визијата на Peugeot уште тогаш беше јасна – да се понуди сосем поинакво, динамично и персонализирано искуство зад управувачот, а купето беше најава за новата дизајнерска насока на Peugeot, со Gilles Vidal поставен на врвната функција.
Неколку години подоцна, првата интерпретација на i-Cockpit ја видовме во Peugeot 208 во 2012. Целта беше да се наметне нов препознатлив бренд-идентитет, кој истовремено ќе придонесе кон безбедноста – целта на i-Cockpit е да се подобри безбедноста, бидејќи нема потреба возачот да го тргне погледот од патот за да ги погледне инструментите.
Внимателно и плански, Peugeot ги постави главните компоненти на i-Cockpit:
- Компактен управувач кој ќе ги истакне управливоста и уживањето во возењето.
- Head-up пристап кон прикажување на информациите со можност за конфигурирање и персонализирање на дисплејот.
- Голем мултимедијален уред кој е во линијата на видикот на возачот и е пристапен за допирање.
- Пијано-прекинувачи кои овозможуваат директен и лесен пристап до главните функции на автомобилот.
Како што минуваа годините, забележувавме како одредени компоненти од разни концепти на Peugeot се пренесуваа во сериските автомобили. На пример, EXALT концептот е директна инспирација за конзолата во новиот Peugeot 508, додека архитектурата на i-Cockpit во новиот Peugeot 208 е инспирирана од Peugeot Fractal.
Всушност, i-Cockpit на три различни нивоа ги зацврстува идеите за врвна ергономија и комфор во возењето.
- Првото ниво е на нивото на очите – информациите се диреткно во линијата на видикот на возачот, поставени во видното поле – па возачот воопшто не треба да го оттргне погледот од патот.
- Второто ниво е на нивото на рацете – материјалите се пријатни на допир, финалната обработка е на повисоко ниво, а физичите контроли се на место каде очекувате да бидат и се лесни за користење. Контролирањето е дополнително олеснето од EAT8 автоматскиот менувач.
- Третото ниво е нивото на целото тело – просторот за патниците формира кокпит кој „се замотува“ околу нив и сите седишта нудат одлични комфор и поддршка.
Е сега, зошто сето ова функционира?
Кога се развиваат вакви системи „од нула“, многу различни правила во однос на ергономијата, прегледноста и архитектурата на возилата мора да бидат земени предвид. Затоа се користат податоци за профилот на купувачите (односно екстензивни антропометрички податоци) – на пример, се гледа односот меѓу градите и нозете и како тоа влијае. Па, ако просечниот маж е висок 1.76 метри, тогаш неговата половина може да биде на висина од 87 до 98 сантиметри – а тоа директно влијае на поставеноста на возачот во самиот автомобил и прегледноста која ја има.
Ваквите податоци се искористени за да се пресметаат можностите за прилагодување на седиштата, на пример. Истиот пристап се користи и за распонот на прилагодување на управувачот. А сето тоа влијае кон она чувство на безбедност од една страна, и леснотија на користење на сите функционалности од другата страна.
Денес, скоро сите модели кои Peugeot ги нуди добиваат i-Cockpit. Од практичниот и повеќенаменски Rifter, до новите (и супер-тренди) 208 и 2008, па сè до големите 3008 и 5008 и знаменосецот 508. Токму кај новите 208 и 2008 ја видовме најновата верзија на i-Cockpit – онаа со 3D приказ на информациите, која оди чекор понатаму во начинот на кој ни ги прикажува деталите. Но и тука максимално внимание е посветено на безбедноста – благодарение на „слоевитиот“ приказ на најважните информации, истражувањата на Peugeot покажуваат дека времето за реакција е подобрено за половина секунда. Тоа можеби звучи малку – но верувајте, половина секунда може да направи огромна разлика!
Низ годините, Peugeot го усовршуваше i-Cockpit – и секој пат кога ќе речеме „тоа е тоа, подобро од ова не може да биде“, французите наоѓаат начин повторно да нè изненадат и да нè импресионираат. Секако, i-Cockpit има и свои критичари, но верувајте – кога ќе го пробате, и вие ќе бидете импресионирани.