ПРЕМИЕРА: Плаг-ин хибридни Range Rover Evoque и Land Rover Discovery Sport – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Плаг-ин хибридни Range Rover Evoque и Land Rover Discovery Sport

Новиот плаг-ин хибриден систем испорачува вкупно 309 коњски сили и 540 Nm вртежен момент – и ветува потрошувачка од само 1.4, односно 1.6 литри бензин на 100 километри!

Плаг-ин хибридниот систем на JLR кој дебитира кај Evoque и Discovery Sport комбинира 1.5-литарски три-цилиндерски турбо-бензинец кој испорачува 200 коњски сили со електромотор кој нуди дополнителни 109 коњски сили. Секако, тука е и батеријата која е со капацитет од 15 kWh, а системската моќност е 309 коњски сили и одлични 540 Nm вртежен момент. Дополнително, наполнете ја батеријата и со Evoque P300e ќе можете да поминете 66 километри на електрична енергија, односно 62 километри со Discovery Sport P300e.

Импресивни се и бројките околу потрошувачката – според строгите WLTP мерења, Range Rover Evoque P300e троши само 1.4 литри на 100 изминати километри, додека Land Rover Discovery Sport P300e троши само 1.6 литри бензин на 100 изминати километри. Обата автомобили имаат напреден погон на сите четири тркала (со електромоторот поставен на задната оска), а силата ја пренесуваат преку 8-брзински автоматски менувач. Evoque забрзува до 100 километри на час за 6.4 секунди, Disco Sport за 6.6, а двата автомобили можат да постигнат до 135 километри на час на електрична енергија.

Хибридниот погон има три различни режими на возење – стандарден е Hybrid режимот, каде системот самиот одлучува како ќе функционира и во реално време се прилагодува кон условите на патот. EV режимот значи дека автомобилот ќе се движи само на електрична енергија, а SAVE режимот му дава приоритет на бензинскиот мотор за да ја наполни и одржи батеријата на одредено ниво.

Нарачките на некои пазари се веќе отворени, а од JLR кажуваат дека со оглед на ефикасноста на новиот погон, очекуваат токму P300e изведбите да бидат меѓу најпопуларните. Ние неодамна го возевме Land Rover Discovery Sport, а минатата година го возевме и новиот Evoque, кој патем беше прогласен за Најпосакуван Автомобил според гласачите на Златно Тркало.

Поврзано:  Defender и џез одат заедно!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.