ВРЕМЕПЛОВ: 15 години Bugatti Veyron – Приказната позади најбрзиот автомобил на светот! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВРЕМЕПЛОВ: 15 години Bugatti Veyron – Приказната позади најбрзиот автомобил на светот!

Своевремено, 16-цилиндерскиот мега-автомобил на Bugatti ја држеше титулата за најбрз автомобил на светот. Ова е приказната позади Bugatti Veyron!

Дали би верувале дека зад Bugatti Veyron стои скица нацртана на коверт, нацртана на експресен воз кој се движи меѓу Токио и Нагоја? Но вистината е токму тоа. По дискусија со тогашниот одговорен за развој на погони во Volkswagen – Karl-Heinz Neumann – тогашниот извршен директор и претседател на одборот на Volkswagen Групацијата, Ferdinand Piech самиот ја нацрта скицата за погонот која понатаму ќе биде основа за развој на Bugatti Veyron 16.4.

Bugatti Veyron е пресвртница во автомобилизмот и во она кое го го сметаме за мега-автомобил. Veyron беше првиот автомобил во сериско производство со повеќе од 1000 коњски сили и првиот автомобил кој постигна максимална брзина повисока од 400 километри на час. Вистинско инженерско ремек-дел, а приказната зад неговиот развој е подеднакво интересна.

Визија за спектакуларен мотор

Некои работи биле јасни веќе на почетокот – моторот требало да биде моќен и да надмине сè што постоело до тој момент. Секако, моторот е срцето на Veyron, а Ferdinand Piech веќе имал идеја за мотор со 18 цилиндри. Тој дизајнирал мотор со 18 цилиндри кој всушност бил изграден од три VR6 редови, поставени под агол од 60 степени еден од друг. Овој атмосферски мотор испорачувал импресивни 555 коњски сили од неговите 6.25 литри и бил исклучително рафиниран. Соодветно на неговата рафинираност, бил потребен автомобил во кој овој спектакуларен мотор ќе биде сместен.

Бренд кој одговарал на моторот

Сепак, во рамките на Volkswagen групацијата недостасувал бренд кој ќе му одговара на вакво инженерско ремек дело. Приказната како всушност Piech дошол до идејата да го купи Bugatti е интересна – тој бил токму на велигденски одмор и на подарок од неговиот син добил макета од Bugatti Type 57 SC Atlantic. Гледате каде одиме со ова? Piech си купил втора макета и станал опседнат со брендот. Го презентирал својот предлог пред одборот на групацијата и дал јасни инструкции – да се проверат правата за брендот и да се купат доколку е тоа можно.

Поврзано:  Барате „половни“ предни светла за вашиот Bugatti Chiron? Ќе ве чинат „само“ 150.000 Евра!

Неколку месеци подоцна, во 1998-ма, Volkswagen групацијата станува сопственик на Bugatti. Брендот и правата околу него се откупени од италијанскиот импортер на автомобили Romano Artioli, кој бил сопственик од 1987-мата година. Под капата на Artioli беше претставен легендарниот Bugatti EB 110.

Планот на Piech полека но сигурно почнал да се остварува – тој сакал повторно да го издигне Bugatti и да го врати онаму каде бил во 20-тите и 30-тите години од 20-тиот век. На самиот врв на автомобилската индустрија. Токму затоа започнале дискусиите до Giorgetto Giugiaro околу првиот концепт…

Првите дизајнерски студии

Првиот концепт кој го видовме е Bugatti EB 118. Луксузното купе го доби 6.25 литраскиот мотор и беше претставено на саемот на автомобили во Париз во 1998. Ова луксузно купе имаше алуминиумска шасија, погон на сите четири тркала и прецизна суспензија. Дизајнерот Giugiaro претстави модерна интерпретација на дизајнерскиот јазик на Jean Bugatti и ги постави насоките за иднината на брендот.

Само неколку месеци подоцна, го видовме и Bugatti EB 218. Вториот концепт – визија за супер-луксузен седан – го видовме во Женева. Вториот концепт ги имаше истите технички решенија како и купето, но во една попрактична форма. Луксузниот ентериер беше изработен од најквалитетните материјали и беше уметничко дело самиот по себе.

Од таму, Bugatti отиде кон дизајнирање на ненадминат спортски автомобил. Интересно – овој концепт се викаше 18/3 Chiron. Третиот концепт исто така пристигна од Italdesign, но овој пат во соработка со главниот дизајнер на Volkswagen – Harmut Warkuss. Овој концепт ги прекрши конвенционалните правила и понуди навистина уникатен дизајн.

Поврзано:  Утринска гимнастика: Bugatti W16 Mistral постави нов брзински рекорд

Конено, во Токио во 1999-тата година го видовме EB 18/4 Veyron. Овој концепт изнуди одлични реакции како од јавноста, така и од експертите во индустријата и потенцијалните купувачи. Прототипот беше навистина сличен на финалниот продукт, а визијата на Piech беше јасна – автомобилот треба да е веднаш препознатлив. Тој се водел од едноставното мото на Ettore Bugatti – „Ако е споредливо, не е Bugatti.“

Во Женева во 2000, Piech го стаписа светот. Тој објави дека ќе направат автомобил кој ќе има мотор кој ќе испорачува 1001 коњска сила, ќе може да достигне 400 километри на час и ќе може да забрза до 100 километри на час за помалку од 3 секунди. Всушност, тој кажа дека автомбилот ќе има импресивни перформанси било каде, а истовремено ќе можете со него да отидете на оперска претстава, истиот ден, на истите пневматици.

Сериското производство е потврдено во 2001

Кога Bugatti го претстави EB 16.4 Veyron во Париз во Септември 2001, бројките се сменија, но номенклатурата остана иста. Таа бројка – 16.4 – го означува бројот на цилиндри и бројот на турбополначи. Новиот мотор е во W16 конфигурација. Два V8 мотори се поставени на агол од 90 степени еден од друг, а цилиндрите во самите мотори се на агол од 15 степени.  Оваа W-конфигурација е компактна (колку што може да биде компактна), а сите блокови се споени во едно коленесто вратило. По долготраен развој, искористени се четири турбополначи, а моторот испорачуваше 1001 коњска сила и 1250 Nm вртежен момент. Сето тоа резултираше со импресивни перформанси и максимална брзина повисока од 406 километри на час. Но зошто токму оваа бројка?

Поврзано:  Утринска гимнастика: Bugatti W16 Mistral постави нов брзински рекорд

Одговорот – како и сè друго кога станува збор за Veyron – е интересен. Ferdiand Piech работел на развојот на легендарниот Porsche 917 во 60-тите години, како и на 917 PA во 70-тите. Овој тркачки автомобил користел 16-цилиндерски мотор и постигнувал максимална брзина од 406 километри на час на Mulsanne правецот. Нормално, Veyron морал да биде побрз.

„Veyron го катапултираше Bugatti во димензија која беше без преседан“ – изјави Stephen Winkelmann, сегашниот претседател на брендот, и додаде – „Хипер-спортскиот автомобил овозможи вистинско воскреснување на брендот во духот на Ettore Bugatti. Тој го издигнал инженерството на ниво на уметност и секогаш се стремел кон врвно совршенство со сè што правел.“

Па, нели Bugatti Veyron е токму тоа?



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.