Часовничарите од Jacob & Co го претставија Bugatti Chiron Tourbillon – часовник кој се развиваше околу една година, и во кој е вградена минијатурна верзија од W16 моторот кој се вградува во најбрзиот автомобил на светот.
Часовникот се вика едноставно Bugatti Chiron Tourbillon. Била потребна околу една година за да се развие часовникот, а врвниот детал е токму минијатурната реплика од W16 квад-турбо бензинецот кој се вградува во вистинскиот Bugatti Chiron.
Интересно, во „моторот“ вграден во Bugatti Chiron Turbillon има 16 подвижни клипови, кои се врзани на минијатурно коленесто вратило. Луѓето од Jacob & Co се особено горди на овој детал и го опишуваат како „еден од најмалите и најкомплицираните делови за часовник некогаш направени.“ Дополнително, има и два мали „турбополначи“ кои се вртат.
Механизмот и основата се поставени на четири амортизери, кои се дизајнирани да функционираат како амортизерите на еден автомобил. Многу детали од часовникот можат да бидат прилагодени според желбите на купувачот, а кристалот овозможува лесен поглед во комплицираниот механизам на овој импресивен (и неверојатно скап) часовник.