ТЕСТ: Ford Focus Active 1.5 EcoBoost 150 – Познат, но сепак поинаков. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Ford Focus Active 1.5 EcoBoost 150 – Познат, но сепак поинаков.

Со новиот Focus, Ford сака да понуди цело семејство на возила кои меѓусебно дискретно се разликуваат, но поради тоа успеваат да ги задоволат потребите на многу различни купувачи – и токму затоа седнавме зад управувачот на Ford Focus Active.

Не е тајна дека навистина ни се допаѓа новиот Ford Focus – во сите негови изведби. Прв пат го возевме Focus пред скоро две години на неговата официјална промоција во Франција, потоа повторно тука во Македонија – и тоа во луксузната Vignale изведба, а потоа и во Titanium Business верзијата. Минатата година го возевме и налудничавиот, 280-коњски Focus ST, а сега конечно седнуваме зад управувачот на Focus Active.

Што е всушност Focus Active?

Ознаката Active ни кажува дека оваа изведба на Focus добива суспензија која ја одвојува каросеријата од подлогата за дополнителни 30 милиметри. Дополнително, добиваме и пластични заштитни панели околу целиот автомобил, како и заштитни панели поставени под него. Сето тоа го прави Focus Active да изгледа поробустно – но истовремено и да биде подподготвен со справување со теренски предизвици.

Ни се допаѓа „двобојниот“ изглед кој го добиваме благодарение на заштитните панели. Focus Active дефинитивно изгледа поробустно – особено кога во приказната ќе ги додадеме и кровните носачи, како и 17-инчните тркала и задниот спојлер. За оние кои сакаат уште повеќе практичност, Focus Active може да се добие и како караван – но во нашите очи, хечбекот е вистинскиот избор.

Во ред, во ред – ова не е сериозен теренец. Но не ни треба да биде. Focus Active е кросоверска изведба на (веќе-одличниот) Focus наменета за оние кои имаат подинамичен животен стил, а не сакаат да возат голем, неефикасен SUV бидејќи немаат реална потреба од него, ниту пак сакаат да ја навлечат на себе стигмата која доаѓа со возење SUV.

Поврзано:  Новиот Ford Mustang GT пристигна во Македонија!

Како е во кабината?

Повторно – ова е Focus кој веќе добро го познаваме. Ја отвораме вратата и нè пречекува светол, комфорен и практичен ентериер. Пред возачот се поставени јасните и прегледни инструменти, како и командите и контролите кои се лесни за користење. Седиштата се комфорни и добро-профилирани, а прегледноста е повеќе од задоволителна – всушност, можностите за нагодување како на седиштата, така и на управувачот гарантираат дека ќе најдете комфорна и прегледна возачка позиција.

На врвот на централната конзола е поставен SYNC уредот на Ford кој нуди многу фукционалности, лесно поврзување со мобилен телефон, но и Apple CarPlay и Android Auto. Под мултимедијалниот уред има отвори за вентилација, а под нив се физичките контроли за клима-уредот – кои се супер-лесни и интуитивни за користење. Низ целата кабина има мал милион места за одлагање ситници – отворите во вратите се доволно големи, а доволно простор има и во централната конзола и под централниот наслон.

На задната клупа е како во стандардниот Focus – а тоа значи сосем доволно простор во кој лесно се пристапува преку големите, широки задни врати. Не е направен никаков компромис ниту во однос на багажниот простор – ги добиваме истите 375 литри кои ги нуди и стандардниот Focus.

Но направен е компромис во однос на динамичноста, нели?

Напротив. Focus и понатаму е на самиот врв во класата кога станува збор за динамичност и управливост – и понатаму ја менува насоката на движење со леснотија и ентузијазам кои едноставно како да недостасуваат кај повеќето конкуренти. За разлика од „цивилните“ верзии на Focus, Focus Active стандардно доаѓа со независна суспензија на задната оска.

Од друга страна, повисоката суспензија и нијанса поголемиот профил на пневматиците значат дека успешно ги впива сите нерамнини и вибрации до подлогата – а сето тоа го прави без зголемено навалување во свиоци, ниту пак некаков компромис во управливоста. Ова се должи на експертизата на инженерите на Ford и вреди да напоменеме дека сите Active модели стандардно добиваат мултилинк задна оска.

Поврзано:  Новиот Ford Mustang GT пристигна во Македонија!

150-коњски бензинец? Сигурно многу троши.

Ах, продолжуваме да се бориме со предрасудите. Во ред, ајде. Нашиот тестен модел дојде опремен со новиот, 1.5-литарски EcoBoost турбо-бензинец кој испорачува 150 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 240 Nm вртежен момент при 1600 вртежи во минута. Секако, Focus Active може да се добие со мануелен или автоматски менувач. Во нашиот случај, го добивме новиот 6-степен мануелен менувач на Ford, а во комбинација со него забрзувањето до 100 километри на час трае 9.3 секунди, додека маскималната брзина е 205 километри на час.

За време на неколкудневното дружење со Focus Active, поминавме неколку стотици километри – како во град, така и надвор од градските гужви. За време на возењето, измеривме просечна потрошувачка вo градски услови се движење меѓу 7.5 и 8.5 литри бензин на 100 изминати километри.

Секако, тука својата улога ја игра и системот за одбирање на режим на возење – па можете да изберете меѓу Eco, Normal и Sport режимите. Нам најинтересен ни беше токму Sport режимот бидејќи тука 1.5-литарскиот EcoBoost е во „вистинско светло“ – подготвено одговара на секое притискање на педалата за гас и лесно го катапултира Focus Active нанапред. А дури ни 3-цилиндерскиот бензинец не звучи лошо.

Да, но…

Но нема но. Признаваме – Focus Active успеа да нè изненади. Очекувавме дека ќе бидат направени некои компромиси поради повисоката суспензија. Очекувавме да бидеме разочарани – и со задоволство можеме да кажеме дека тоа не се случи. Да кажеме дека не сме разочарани. Focus Active е вистинскиот избор за оние кои сакаат динамичен, забавен и практичен автомобил, кој може да ги заврши семејните обврски, да понуди забава зад управувачот и да изгледа кул додека го прави сето тоа – но кога ќе го побарате тоа од него, ќе може да го напушти асфалтот и ќе отидете подалеку од онаму до каде би стигнале со обичен автомобил.

Поврзано:  Новиот Ford Mustang GT пристигна во Македонија!

На крајот – искочи дека и Ford Focus Active веќе ни е добро познат. Но сепак, на свој начин – тој е поинаков.

Спецификации

Модел: Ford Focus Active 1.5 EcoBoost 150
Мотор: 1.5-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
Моќност: 150 коњски сили / 6000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 240 Nm / 1600 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 6 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 9.3 секунди
Максимална Брзина: 205 километри на час
Должина: 4397 mm
Ширина: 1979 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1483 mm
Тежина: 1297 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2700 mm
Багажен Простор: 375 литри
Потрошувачка: 8.3 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Ford Focus Active 1.0 EcoBoost 125 – 23.700 Евра
Цена на моделот без доп. опрема: Ford Focus Active 1.5 EcoBoost 150 – 25.000 Евра
Цена на тестираниот модел: Ford Focus Active 1.5 EcoBoost 150 – 27.440 Евра
Промотивна цена на тестираниот модел: Ford Focus Active 1.5 EcoBoost 150 – 23.000 Евра
Повеќе Информации: ford.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.