ПРЕМИЕРА: McLaren 765LT е подготвен да ги нападне тркачките патеки! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: McLaren 765LT е подготвен да ги нападне тркачките патеки!

Британскиот производител ја претстави уште полесната, поагресивна и посилна верзија од импресивниот 720s.

На прв поглед, 765LT се разликува од стандардната верзија благодарение на редизајнираниот екстериер, оптимизиран за подобра аеродинамика и поголема потисна сила. Тој доаѓа со поизразен преден сплитер, изменети браници, нови странични прагови, поголем заден дифузер и зголемен заден спојлер. McLaren 765LT доаѓа со потенко ветробранско и странични стакла, додека задниот прозорец е направен од поликарбонат.

На задниот дел, под големиот спојлер се наоѓаат зголемени отвори за ладење на агрегатот и титаниумски издувен систем со четири идувни цевки, кој е за 40% полесен од челичниот. Покрај намалувањето на тежината, тој испорачува и поизразен звук.

Моделот е поставен на супер-лесни ковани алуминиумски фелни со титаниумски завртки, обвиени во Pirelli P Zero Trofeo R пневматици. Позади тркалата се наоѓаат карбон-керамички сопирачки со клешти преземени од тврдокорниот хиперавтомобил Senna, а доколку се одбере опцијата Track Brake Package, моделот доаѓа и со дискови од Senna.

Намалувањето на тежината е изразено и во кабината, така што 765LT е опремен со карбонски тркачки седишта кои се 18 килограми полесни од спортските, користени кај 720s. За дополнително олеснување, клима уредот и аудио системот се отстранети, додека фиоките на вратите се заменети со мрежи. Целиот ентериер е обвиен во Алкантара и има додатоци од карбон, а на средишната конзола се наоѓа 8-инчен мултимедијален екран.

Силата доаѓа од 4.0-литарски твин-турбо V8 агрегат со ковани алуминиумски клипови, дополнителна пумпа за гориво, изменета пумпа за масло и рекалибрирана компјутерска единица. Благодарение на овие модификации, моторот произведува 765 кс и 799 Nm вртежен момент – 45 кс и 30 Nm повеќе од 720s.

Погонската единица е искомбинирана со седум-степена трансмисија со двојна спојка, со оптимизирани степени на пренос а 15% пократко забрзување од стандардниот модел. Трансмисијата е опремена со нова “limit downshift” функција, која ја одложува командата на возачот за намалување на степен на пренос при промена што би ги надминала дозволените вртежи на моторот, и ја извршува кога брзината на патот и моторот ќе бидат синхронизирани.

Поврзано:  Вечерно кино: Lando Noris вози McLaren P1 целосно изработен од Lego коцки!

Зборејќи за перформансите, 765LT може да забрза од 0-100 км/ч за 2.7 секунди и од 0-200 км/ч за 7.2 секунди. Моделот исто така може да помине четвртина милја за помалку од 10 секунди и постигнува максимална брзина од 330 км/ч. Како последица на сите мерки за заштеда на тежина, моделот тежи 79 килограми помалку од 720s и има тежина од 1,229 килограми.

Производството на моделот ќе биде ограничено на 765 примероци, а првите испораки ќе започнат во Септември.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.