Alfa Romeo 8C-R Tazio е виртуелна визија за екстремен хиперавтомобил – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Alfa Romeo 8C-R Tazio е виртуелна визија за екстремен хиперавтомобил

Alfa Romeo е бренд со силен спортски дух, кој ги инспирира дизајнерите да создаваат модели кои би сакале да бидат лансирани од производителот.

Таков е случајот и со индустрискиот дизајнер Арсени Костромин, кој го прикажа својот сон во виртуелна форма. Неговиот сон е наречен 8C-R Tazio, чие име оддава почит кон Италијанскиот тркачки возач Тацио Нуволари – успешен возач во класите со моторцикли и автомобили, а исто така и победник на Ле Ман 24 часа во 1933 година во тимот на Alfa Romeo.

Неговата визија претставува сериски хиперавтомобил со високи перформанси, кој би се натпреварувал и во тркачките серии. Според дизајнерот, хиперавтомобилот бил инспириран од дизајнот на класичниот модел Alfa Romeo Disco Volante и неколку експериментални автомобили направени во 1953 година.

Гледан од напред, 8C-R Tazio се одликува со отворен дизајн со големи отвори за проток на воздух, масивен преден спојлер и ја инкорпорира V-формата на карактеристичната решетка, препознатлива за моделите на Alfa Romeo. Светосните групи се направени во вид на широки, но ниски темни четириаголници со по три LED светла од секоја страна – дизајнерски елемент инспириран од моделите Alfa Romeo SZ и Alfa Romeo Brera.

Гледан од страна, хиперавтомобилот делува максимално прилепен до подлогата, со исклучок на панелите на тркалата, чии облини се издигнуваат повисоко. Највисокиот елемент на 8C-R Tazio е кабината, поставена кон средината на моделот и се одликува со непрекинато ветробранско стакло, од едната до другата страна.

На задниот дел најмногу паѓа во очи масивниот заден спојлер, составен од повеќе делови, од кои средишниот се користи и како воздушна сопирачка. Исто така тука се и голем дифузер, канал за довод за воздух над покривот и еден издувен систем Akrapovic инспириран од болидите на Формула 1.

Виртуелниот модел на сликите изгледа реално како е фотографиран во живиот свет, а тоа е заслуга на професионалното искуство на дизајнерот Арсени, кој претходно работел во Volkswagen, Alpine и Genesis, а во најскоро време беше член на дизајнерскиот тим на импресивниот Koenigsegg Gemera.

Навистина прекрасно! Зарем не?



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.