ТЕСТ: Fiat Tipo Street 1.4 95 – Достапен, но не и здодевен! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Fiat Tipo Street 1.4 95 – Достапен, но не и здодевен!

Street-изведбата на Tipo е особено интересна – стилските додатоци го прават италијанскиот хечбек уште поинтересен и позабележлив – па тоа беше одлична причина да помиеме еден дождлив викенд токму со него.

Постојат предрасуди околу автомобилите кои се замислени да бидат ценовно подостапни – а воглавно, тие се во насока дека ваквите автомобили се анонимни, здодевни, неинтересни. Дали тоа навистина мора да биде така?

Новиот Fiat Tipo не ни е непознат автомобил – веќе имавме можност да го возиме во неколку различни каросериски изведби и со неколку различни мотори – прво го возевме Tipo во седан изведба, со 1.6-литарски MJET турбодизел, а потоа и како хечбек придвижуван од 1.4-литарскиот турбо-бензинец со 120 коњски сили.

Што е всушност Tipo Street?

Сега се дружиме со Tipo Street, кој под поклопецот ја носи најновата верзија на 1.4-литарскиот атмосферски бензинец на Fiat – мотор кој испорачува 95 коњски сили и ги исполнува новите и строги Euro 6d стандарди за емисија на штетни гасови. Но Tipo Street е интересен поради други работи – наменет да ги привлече помладите купувачи, Tipo Street добива интересни детали – црни алуминиумски фелни, LED дневни светла, затемнети задни стакла и опционално можете да добиете и црни капаци на страничните ретровизори и црни рачки на вратите.

Формата е онаа на конвенционален хечбек – но благодарение на формата и на долгото меѓуоскино растојание, Tipo е еден од најголемите автомобили во класата. Покрај големината, има и други детали кои ни се допаѓаат – на пример, магленките поставени во предниот браник, бумеранг задните светла (кои сè уште ни личат на оние кај Maserati 3200 GT) како и задниот спојлер успешно ја комплетираат сликата за еден динамичен хечбек.

Поврзано:  Fiat го паузира производството на електричниот 500е

Супер-просторна кабина и еден од најголемите багажници во класата.

Инаку, она е оној докажаниот Tipo кој веќе добро го познаваме. Кабината нуди исклучително многу простор, како на предните и на задните седишта, така и во багажникот. Во кабината малку доминира монотонијата од црни и сиви пластики, но во суштина – ова се докажани и издржливи компоненти.

Сите команди се јасни и лесни за користење, и има нешто освежувачко во имањето аналогни, физички контроли во време кога полека но сигурно, се се префрла кон дигитализација и контролирање преку централно-поставен мултимедијален уред. Возачкото седиште се нагодува по височина, а по височина и длабочина се нагодува и управувачот – па лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција.

На врвот на централната конзола е поставен аудио уредот, кој има можност за поврзување со паметен телефон преку Bluetooth, како и можност за USB поврзување. Директно пред менувачот се контролите за мануелниот клима уред.

Како што веќе знаеме – на задната клупа има повеќе од доволно простор, дури и за повисоки патници, а со 440 литри капацитет на багажникот, Tipo нуди еден од најдарежливите багажници во класата. Багажникот е достапен преку голема петта врата, па внесувањето и поголеми предмети не би требало да биде никаков проблем.

1.4-литарски атмосферец и прецизен менувач – тука човек може и да се забавува!

Немаме никакви забелешки ниту на 1.4-литарскиот атмсоферец со кој дојде нашиот тестен модел. Атмосферецот подготвено реагира на секое притискање на педалата за гас, и дури може да понуди и забава зад управувачот. Неговите 95 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 127 Nm вртежен момент од 4500 вртежи во минута можеби на хартија не ветуваат многу, но во реалноста сосем добро го придвижуваат италијанскиот хечбек – и тука може човек и да се забавува, вртејќи го моторот до максимум и користејќи го супер-прецизниот мануелен менувач.

Поврзано:  Fiat 600e добива Abarth верзија со 280 коњски сили

Официјалните бројки зборуваат за „стотка“ за 11.5 секунди и максимални 185 километри на час, но во реално возење, чувството е дека тие бројки се можеби малку конзервативни. Инаку, бидете внимателни со педалата за гас и Tipo со овој мотор нема да потроши повеќе од 8.5 литри на 100 километри во градски услови.

Зад управувачот, Tipo се однесува доверливо и предвидливо. Суспензијата успева да ги впие нерамнините од улиците, без притоа да има пренагласено навалување во свиоци. Нема премногу повратни информации низ управувачот, но сепак Tipo лесно ја следи саканата насока. Доколку претерате, тежнее кон подуправување, но во суштина – ова е хечбек кој има скриени таленти.

Tipo Street е забележителен на улиците!

Сето ова го прави Tipo Street да биде интересен – неколкуте ситни, но не-баш-незначителни детали успешно го освежуваат и прават да биде забележителен на улиците – онаму каде припаѓа. Нашите купувачи го препознаваат и се интересираат за него – неколку дена додека го возевме, неколку пати случајните минувачи нè прашуваа за него.

Кога на сето тоа ќе додадеме дека во моментов се нуди по специјална, акциска цена – тогаш Tipo Street навистина го заслужува вашето внимание. Бидејќи верувајте – успева да докаже дека достапните автомобили не мора да бидат здодевни!

Спецификации

Модел: Fiat Tipo 1.4 95 Street
Мотор: 1.4-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 95 коњски сили / 6000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 127 Nm / 4500 вртежи во минута
Менувач: Рачен, 6 брзини
0-100 км/ч: 11.5 секунди
Максимална Брзина: 185 километри на час
Должина: 4368 mm
Ширина: 1792 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1495 mm
Тежина: 1195 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2551 mm
Багажен Простор: 440 литри
Потрошувачка: 8.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Fiat Tipo 1.4 POP – 13.300 Евра
Цена на тестираниот модел: Fiat Tipo 1.4 Street – 14.620 Евра
Акциска цена на Tipo Street: Fiat Tipo 1.4 Street – 11.990 Евра
Повеќе Информации: Fiat.mk
Поврзано:  Пристигна и електричниот, супер-шармантен Fiat 600e!

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.