Со концептот Spring, Dacia го најавува своето прво електрично возило – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Со концептот Spring, Dacia го најавува своето прво електрично возило

Електричниот Spring е концептна најава за првото електрично возило на романскиот производител, кое пак е базирано на Renault City K-ZE кое се продава во Кина.

Според најавеното, првиот електричен модел на Dacia ќе биде лансиран идната година, и сосем е јасно дека концептот е всушност базиран на Renault City K-ZE, кој пак е базиран на Renault Kwid. Тоа воопшто не е изненадувачки, со оглед на тоа дека Dacia е во сопствеништво на франускиот бренд.

Сепак, концептот има некои козметички измени кои јасно го диференцираат од францускиот роднина – препознаваме предна маска која наликува на останатите модели на брендот, но и нови LED предни и дневни светла, како и нови LED задни светла. Од Dacia кажуваат дека со концептот ја најавуваат новата дизајнерска насока на брендот, особено на осветлувањето.

Што точно ќе се користи за моторизацијата на Dacia Spring, сега за сега не е познато – но најверојатно можеме да претпоставиме дека ќе го користи истиот погон како K-ZE. Тој модел користи батерија со капацитет од 26.8 kWh, како и електромотор кој испорачува 44 коњски сили и 119 Nm вртежен момент. Оваа комбинација овозможува автономија од околу 250 километри според старите NEDC стандарди. Од Dacia кажуваат дека серискиот автомобил ќе може да помине повеќе од 200 километри според WLTP процедурите.

Dacia Spring ќе биде достапен на почетокот на следната година. Од Dacia кажуваат дека ќе биде најдостапниот електричен автомобил во Европа. Мислиме дека Citroen има нешто да каже на таа тема.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.