ТЕСТ: Volkswagen T-Cross 1.0 TSI 115 Life – Екстра-урбан кросовер! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Volkswagen T-Cross 1.0 TSI 115 Life – Екстра-урбан кросовер!

SUV-гамата на Volkswagen постојано се зголемува, а ние тукушто имавме можност подобро да се запознаеме со најмалиот член на семејството – новиот T-Cross!

Германците многу внимателно влегуваат во нови сегменти – едноставно, тоа е пристапот кој го применуваат. Анализираат, истражуваат, дознаваат што бараат купувачите и потоа им го нудат токму тоа. Всушност, не е ни чудно што SUV-гамата на VW е толку успешна – поголемиот Tiguan и несекојдневниот T-Roc (кој ние го возевме минатата година, нашиот тест можете да го погледнете тука) се меѓу најпродаваните модели во Европа минатата година.

И ако Volkswagen го нуди T-Roc како авангарден, таканаречен Lifestyle SUV, тогаш T-Cross е всушност оној, порационалниот, попрактичниот модел. Но тоа не го прави ниту малку здодевен – напротив, во нашите очи T-Cross изгледа навистина интересно.

T-Cross изгледа особено интересно – дури подобро од модели кои би требало да се поавангардни.

Ајде да започнеме со формата – која храбро одбира да биде малку конвенционална и едноставна – и со тоа успева да понуди многу простор во кабината. Деталите се интересни – на предниот дел вниманието оди кон широката маска на ладилникот, околу која се поставени тенките, хоризонтални предни светла. Во браникот се вградени светлата за магла, а во средината на истиот тој браник добиваме декоративен елемент во сива боја.

Профилот е чист и прегледен, со остри карактерни линии кои визуелно го двојат T-Cross на две половини. Кога ќе отидеме кон задниот дел, забележуваме дека таму доминираат споените светлосни групи – кои едноставно изгледаат кул, и не прифаќаме никакво друго мислење – како и големиот спојлер. Ни се допаѓаат и ситните детали – како на пример брендот Volkswagen кој е изгравиран во централниот страничен столб.

Поврзано:  Volkswagen ја проширува SUV-понудата со Tayron, поставен меѓу Tiguan и Touareg

Сè на сè – T-Cross изгледа интересно и привлечно, особено во оваа интересна, забележителна сина боја. Дури ќе бидеме храбри и ќе кажеме дека T-Cross ни изгледа поубаво од поголемиот T-Roc. Сликата за робустност ја заокружуваме со кровните носачи и големите тркала.

Просторна, комфорна и практична кабина

Одиме внатре! Познавачите на Volkswagen тука ќе се чувствуваат како дома – сите команди ни се веќе добро познати и лесни за користење. Седењето може да биде изненадувачки ниско за еден кросовер – но тоа ни се допаѓа. Прегледноста е одлична благодарение на формата, но и на големите стаклени површини. Седиштаат во нашиот модел се во комбинација од штоф и кожа, и само што се супер-комфорни, туку нудат и одлична поддршка.

Дизајнерскиот пристап во кабината е сличен на оној на екстериерот – па формите се чисти и аглести. Генерално, на многу места се користени квалитетни пластики кои се допадливи на допир, но на некои места забележуваме поцврсти материјали. Ни се допаѓаат декоративните елементи на главната конзола која се протега пред возачот и совозачот, како и контрастните опшивки на седиштата. На централната конзола вниманието оди кон мултимедијалниот уред кој овозможува поврзување со мобилен телефон, додека пред возачот се поставени чисти и лесно-разбирливи инструменти. Доколку сакате, можете да го нарачате T-Cross со дигитален дисплеј за прикажување на инструментите.

Всушност, T-Cross е изненадувачки практичен. Неговата форма значи дека нуди многу простор во кабината – па и на задната клупа има доволно простор па ќе собере и тројца на кратки интервали, а за двајца е одлично. Багажникот е достапен преку голем отвор и нуди капацитет од 385/455 литри (во зависност од позицијата на лизгачката задна клупа), односно одлични 1281 литар кога се спуштени задните седишта. Во кабината има многу места за одлагање ситници, а нашиот тестен модел имаше дури и безжичен полнач за мобилен телефон, поставен под контролите (да, физички се!) за клима уредот.

Маневрабилен и економичен

Зад управувачот, T-Cross е токму онаков каков што очекувате да биде – неутрален и лесен за маневрирање. Суспензијата одлично ги впива нерамнините од нашите улици и немаме никакви забелешки на комфорот. Благодарение на прегледноста и маневрабилноста, лесно ќе се снајдете по секакви улици, а нема да имате никаков проблем ниту кога ќе го напуштите асфалтот за малку лајт-оф-роуд возење. Паркирањето во град дополнително го олеснуваат сензорите за паркирање.

Поврзано:  Пристигна новиот Volkswagen Passat!

Ни се допаѓа и сега веќе добро-познатиот 1-литарски TSI турбо-бензинец кој испорачува 115 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 200 Nm од 2000 до 3500 вртежи во минута. Овој мотор може да се комбинира и со DSG автоматски менувач, но ние го пробавме со супер-прецизен 6-степен мануелен менувач. Официјалните податоци кажуваат дека со овој мотор, T-Cross постигнува 100 километри на час за сосем прифатливи 10.2 секунди, како и максимална брзина од 193 километри на час. За време на неколкудневното возење, измеривме просечна потрошувачка во градски услови од околу 7.5 литри бензин на 100 изминати километри. Секако, со потешка нога таа бројка расте – но 7.5 литри „на сто“ во град е повеќе од респектабилно.

Многу опрема, врвни резултати на Euro NCAP.

Ајде малку и за опремата.  Меѓу другото, нашиот тестен модел дојде со алуминиумски тркала, кровни носачи, централен наслон, мултифункционален волан, движечка задна клупа, борд компјутер, LED дневни светла, голем 8-инчен мултимедијален уред, Keyless пристап светла за магла, автоматски клима уред, декоративни елементи, адаптивен темпомат, асистент за долги светла, Light & Sight пакет, USB приклучоци… На сето тоа можеме да ги додадеме и сите системи за активна и пасивна безбедност, како и многуте воздушни перничиња и воздушни завеси…

Заклучок – Volkswagen T-Cross е повеќе од само мал урбан кросовер

Volkswagen T-Cross е компактен. Volkswagen T-Cross е урбан, и Volkswagen T-Cross е кросовер. Но збирот од сите тие факти е многу поголем од засебните делови – поставен на платформата на Polo, T-Cross всушност е еквивалент на одличниот Skoda Kamiq и динамичната Arona, но во едно позрело, Volkswagen издание. Практичноста и просторната понуда се меѓу најдобрите во класата, а дизајнот е свеж и кул – и успева да го извлече максимумот од конвенционалната форма.

Поврзано:  Во салонот на Volkswagen пристигна новиот Taigo

Ако сакате модерен, практичен и фанки урбан кросовер кој може да го напушти асфалтот за вашето патување до вашата викендичка – тогаш погледнете го T-Cross. И изберете некоја убава боја, бидејќи на ваквите автомобили им прилегаат храбрите комбинации!

Спецификации

Модел: Volkswagen T-Cross 1.0 TSI 115 Life
Мотор: 1-литарски турбодизел, 3 цилиндри
Моќност: 115 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 200 Nm / 2000 вртежи во минута
Менувач: Рачен, 6 брзини
0-100 км/ч: 10.2 секунди
Максимална Брзина: 193 километри на час
Должина: 4108 mm
Ширина: 1760 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1584 mm
Тежина: 1250 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2551 mm
Багажен Простор: 385/455 – 1281 литри
Потрошувачка: 7.4 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Volkswagen T-Cross – 18.900 Евра
Цена на тестираниот модел: Volkswagen T-Cross 1.0 TSI 115 Life – 25.153 Евра
Акциска цена на тестираниот модел: Volkswagen T-Cross 1.0 TSI 115 Life – 20.500 Евра
Повеќе Информации: VW.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.