Кинеските автомобили не се ништо ново – но што се случува кога италијанско студио ќе проба да внесе малку добро-познат шарм во приказната? Ги добиваме DR Automobiles!
Приказната за DR Automobiles (и не, не е „Доктор Автомобили“, името доаѓа од името на основачот – Massimo di Rissio) започнува во 2006-тата година кога токму господинот di Rissio одлучил дека ќе даде малку италијански стил и ќе наметне италијански стандарди на возила кои ги произведуваат други компании.
Скоро 15 години подоцна, DR Automobiles е застапен ширум европскиот пазар и продава неколку илјади автомобили годишно. Дали тоа ќе ги загрижи етаблираните европски брендови? Секако дека не. Од друга страна, дали заслужува внимание? Апсолутно!
DR3 е компактен coupe-SUV кој се обидува да ги следи трендовите
Она што е пред нас е DR Automobiles DR3 – компактен coupe-SUV кој се обидува да ги следи трендовите. Па добиваме ненаметлив, модерен дизајн, став типичен за еден SUV, интересна двобојна комбинација, големи алуминиумски тркала и слични детали. Заштитните панели се интересен дополнителен детал кој уште повеќе ја нагласува кросоверската линија. Сепак, да погледнеме малку подлабоко и ќе го препознаеме очигледното ребрендирање на Chery Tiggo – кое само по себе и не е лоша работа. Chery е огромен производител од Кина, кој всушност поседува повеќе од 4000 патенти и кој продаде 750.000 возила во 2018. Значи, сериозен играч.
Обрнете малку повеќе внимание на деталите и ќе забележите „остатоци“ од Tiggo – на неколку места се забележуваат ознаките на Tiggo. Двотонската комбинација (односно црниот кров) е додадена во италија, а таму се додадени и затемнетите стакла, како и DR ознаките – но сè на сè, ова е сосем современо дизајниран автомобил. Да, секако, ќе препознаеме разно-разни детали кои се дискретно „позајмени“ од некои од европските конкуренти, но навистина – DR3 изгледа сосем коректно и европски. Имаме ситни забелешки, како што се тотално непотребните хромирани детали на рачките од вратите и чудно повисоката задна суспензија – но тоа е тоа.
Слична е приказната и во кабината – финалната обработка е генерално добра, но многу од пластиките кои се користени во ентериерот се цврсти и крути на допир. Ергономијата е во ред, но ќе забележиме дека возачкото седиште не се нагодува по височина, а управувачот не се нагодува по длабочина, па потребна е мала „гимнастика“ додека да најдете коректна возачка позиција.
На централната конзола доминира мултимедијалниот уред, под кој се поставени контролите за клима уредот. Инструментите се јасни и лесни за интерпретирање, a познавачите ќе препознаат детали од графиката кои навистина наликуваат на европските конкуренти.
Простор има сосем доволно, како на предните седишта, така и на задната клупа – но не очекувајте дека на задната клупа ќе сместите тројца патници. Сосем коректен е и багажниот простор кој е достапен преку прилично голем отвор и кој нуди капацитет од одлични 420 литри. Добиваме седишта кои се обвиени со кожа, паркинг-камера, сончев кров…
1.5-литарски атмосферец, 11 секунди „до стотка“, 175 километри на час
За придвижување на DR3 е задолжен 1.5-литарски, 4-цилиндерски атмосферски бензинец кој испорачува 106 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 135 Nm вртежен момент при 2750 вртежи во минута. Перформансите се адекватни – „стотка“ пристигнува за 11.5 секунди а максималната брзина е 175 километри на час. Потрошувачката – ако сте внимателни – е ситно под 10 литри бензин на 100 километри. Силата се пренесува кон предните тркала преку 5-степен мануелен менувач, а опција за погон на сите четири тркала не е достапна. Од друга страна, достапна е верзија со фабрички вграден плински уред.
Какво е возачкото искуство? Па, ќе бидеме искрени и ќе кажеме дека европските конкуренти немаат многу причини за страв – но во реалноста, DR3 е лесен за возење и управување низ градскиот метеж. Би сакале малку повеќе „гризање“ од сопирачките бидејќи на моменти оддаваат чувство како да не се баш способни најбезбедно да го запрат автомобилот. Суспензијата успева да ги впие нерамнините од улиците и покрај големите тркала, но без разлика на тоа, би побарале малку повеќе звучна изолација при возење на отворен пат.
Оваа италијанско-кинеска љубовна приказна го заслужува нашето внимание
И сега, на самиот крај, во која насока оди оваа италијанско-кинеска љубовна приказна? Ако земеме во предвид дека Chery е бренд кој иако не е многу познат, сепак придонесува со докажани технологии, а DR Automobiles успева да вметне малку европски шмек во формулата – тогаш добиваме производи кои иако не се идеални, сепак заслужуваат да бидат разгледани.
Спецификации
Модел: | DR Automobiles DR3 |
Мотор: | 1.5-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри |
Моќност: | 106 коњски сили / 6000 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 135 Nm / 2750 вртежи во минута |
Менувач: | Рачен, 5 брзини |
0-100 км/ч: | 11.5 секунди |
Максимална Брзина: | 175 километри на час |
Должина: | 4170 mm |
Ширина: | 1760 mm (без странични ретровизори) |
Висина: | 1570 mm |
Тежина: | 1215 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2555 mm |
Багажен Простор: | 420 литри |
Потрошувачка: | 9.7 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | DR Automobiles DR3 – 14.990 Евра |
Цена на тестираниот модел: | DR Automobiles DR3 – 14.990 Евра |