ТУРБО ТЕСТ: SsangYong Korando 1.6 E-XDI Elegance AWD Auto – Европеизација на SsangYong – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТУРБО ТЕСТ: SsangYong Korando 1.6 E-XDI Elegance AWD Auto – Европеизација на SsangYong

Новиот Korando е интересен за европскиот пазар – корејскиот експерт за теренски возила нуди SUV кој е правен во согласност со желбите и очекувањата на европските купувачи.

Верувале или не, моделот за кој ќе зборуваме денес е во својата четврта генерација. Korando постои од далечната 1982-ра година и во изминативе скоро 40 години континуирано еволуира во сè помодерен и помодерен SUV. Ако првата генеација беше базирана на Jeep CJ-7, втората беше поставена врз платформата на легендарниот Musso, третата веќе беше со нагласено-европски дизајн, а најновата, четврта генерација ја повторува и зацврстува токму таа приказна.

Korando сака да биде европски SUV

Новиот Korando сака да биде европски SUV – толку е едноставно. Тоа веднаш се забележува со дизајнот – пропорциите на корејскиот SUV се европски, а формите чисти. Предниот дел е широк и него го карактеризираат остри и чисти линии. Предниот дел изгледа навистина привлечно – особено интересно изгледаат тенките и широки предни светла, како и големите отвори за воздух.

Профилот го дефинираат линии кои се интересно прекршени и му даваат мускулест лик, додека на задниот дел вниманието го привлекуваат задните светлосни групи и декоративната хромирана лајсна. Во ред, ќе признаеме дека дизајнот на Korando нема да биде по сечиј вкус, но морате да признаете дека деновите на контраверзните дизајни на SsangYong се веќе минато.

Темелно-европеизиран ентериер.

Слична е приказната и во кабината – ја отворивме вратата и нè пречека темелно-европеизиран ентериер. Корејците кажуваат дека пристапот кон дизајнирање на ентериерот го нарекуваат Blaze Cockpit – и веднаш ќе препознаете европски детали и технологии. Пред возачот е поставен огромниот 10.25-инчен дигитален дисплеј за инструментите, преку кој ги следите најважните параметри околу возењето, но системите за асистенција. Дисплејот е со висока резолуција и супер-лесен за разбирање.

На централната конзола е поставен 8-инчен мултимедијален уред кој делува како да е една генерација зад дигиталните инструменти – но сепак ги нуди сите функционалности кои се потребни.

Кабината е исклучително пространа – и во неа повеќе од доволно простор ќе имаат како возачот и совозачот, така и патниците. Материјалите во кабината се воглавно фини на допир и се на ниво на она кое го очекуваме од докажаните корејски конкуренти, но сепак на некои места се забележуваат нијанса поцврсти пластики. Немаме забелешка на просторната понуда – како што напоменавме, на предните седишта и на задната клупа има повеќе од доволно простор, а багажникот е со капацитет од 551 литар, односно 1248 литри со спуштени задни седишта.

1.6-литарски турбодизел и автоматски менувач

Нашиот тестен модел беше придвижуван од 1.6-литарски турбодизел, кој ја испорачуваше силата кон сите четири тркала преку автоматски менувач со 6 брзини. Според официјалните податоци, моторот испорачува 136 коњски сили при 4000 вртежи во минута и 320 Nm вртежен момент од 1500 до 2500 вртежи во минута. Генерално, впечатоците се позитивни – моторот и менувачот се соодветно усогласени, па нема несакани вибрации во возењето. Всушност, и тука се забележува трендот на европеизација – SsangYong чекори кон намалување на капацитет на моторот, воведување нови технологии и искористување на максимумот од погонските единици.

Официјалните податоци зборуваат за спринт до 100 километри на час кој трае 12.1 секунда, како и за максимална брзина од 182 километри на час. Управувањето е неутрално и во кабината не се пренесуваат скоро никакви несакани вибрации, освен на ситни нерамнини. Инаку, од Korando не смеете да очекувате спортски карактеристики – едноставно, не му е тоа намената.

Korando е подготвен да биде комфорен, практичен семеен или деловен транспортер, но и да излезе надвор од асфалтот. Ние го пробавме Korando во теренски услови во кои очекуваме вообичаено да се користи – и немаше никаков проблем. Всушност, тука експертизата на SsangYong како производител на компетентни теренци доаѓа до израз. Контролите се едноставни – на контролерот одберете дека сакате да возите теренски и оставете системите самите да „си ја бркаат работата“, а вие чувствувајте се како теренски суперхерој.

Предрасудите постојат, но дајте му шанса на Korando!

Новиот Korando е интересен модел. Да, предрасудите постојат и луѓето обично мислат дека се работи за кинески бренд – но вистината е дека SsangYong е докажан јужнокорејски бренд со долгогодишна традиција. Всушност, тие самите сакаат да кажат дека се SUV специјалисти. Дајте му шанса нa Korando, ќе Ве изненади!

Спецификации

Модел: SsangYong Korando 1.6 E-XDI Advanced
Мотор: 1.6-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 136 коњски сили / 4000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 320 Nm / 1500 – 2500 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 6 брзини
0-100 км/ч: 12.1 секунди
Максимална Брзина: 182 километри на час
Должина: 4450 mm
Ширина: 1870 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1630 mm
Тежина: 1700 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2675 mm
Багажен Простор: 551 – 1248 литри
Потрошувачка: 9.1 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: SSangYong Korando 1.5 T-GDI 163 MT6 Base – 17.850 Евра
Цена на тестираниот модел: SsangYong Korando E-XDI Elegance AWD Auto – 28.500 Евра
Повеќе Информации: automakedonija.com.mk

Фотографии

Фотографиja: Дејан Маликовски & CARclub.mk



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.