ВОЗЕВМЕ: Прв контакт со новиот Renault Captur – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Прв контакт со новиот Renault Captur

Токму Renault Captur беше моделот со кој се основаше сегментот на градски кросовери – па со неговата втора генерација, францускиот бренд ќе се обиде да го повтори успехот.

Ајде на самиот старт да расчистиме – Captur е особено важен модел во сегментот. Ако при своето појавување скоро и немаше директна конкуренција, сега веќе во овој сегмент свои натпреварувачи имаат скоро сите конкуренти. А ако земеме во предвид дека Captur е продаден во повеќе од 1.5 милиони примероци, станува јасно зошто Captur е значаен само за Renault, туку и во сегментот во кој припаѓа.

Captur има свој, засебен идентитет.

Токму затоа, дизајнерите и инженерите на Renault и посветија многу време и внимание на втората генерација. Дизајнот е очигледно инспириран од тековните модели на Renault – познавачите веднаш ќе препознаат дизајнерски елементи кои потекнуваат од Megane, но и од најновотo Clio. Сепак, Captur има сопствен идентитет – на предниот дел вниманието го задржуваат светлосните групи и отворите за воздух, како и централно-поставеното лого на Renault.

Профилот има интересна и динамична линија благодарение на невообичаените форми на вратите, како и растечката линија на прозорците. Конечно, дизајнот го комплетираат задните светлосни групи кои најверојатно се и најинтересниот детал – нивната форма е навистина, навистина интересна и токму со овие светла Captur го зацврстува својот идентитет.

Кога сме веќе кај дизајнот – со Captur, Renault овозможува мал милион можности за персонализација. Captur можете да го нарачате во една од 11 бои на надворешноста, во четири различни двобојни комбинации, како и три различни пакети за персонализација на екстериерот – па можете да бидете сигурни дека вашиот Captur нема да наликува на ниту еден друг на улиците.

Поврзано:  КОНЦЕПТ: Renault Embleme е технолошки шоукејс на хибриден водороден погон

Квалитетот на кабината е на ниво кое обично го очекуваме од класа погоре

Ни се допадна и кабината – претставниците на Renault истакнаа дека многу внимание е посветено на квалитетот на материјалите во ентериерот, и верувајте – се забележува. Скоро сите површини кои редовно ќе ги допирате се покриени со квалитетни и меки материјали и нивото на завршна обработка е скалило погоре од она кое вообичаено го очекуваме од оваа класа.

Интересно – и малку несекојдневно, признаваме – изгледа централната конзола со големиот дисплеј од мултимедијалниот уред во неа, но по само неколку минути се навикнавме и немаме посериозни забелешки. Мултимедијалниот уред „бара малку учење“, но не е ништо страшно.

Позицијата за возење и прегледнота се одлични. Седиштата не само што изгледаат интересно, туку се и супер-комфорни. Сосем доволно место има и на задната клупа – поминавме малку време и таму – и немаме некои посебни забелешки.

Да, ова е сепак компактен SUV, но благодарение на подолгото меѓуоскино растојание и паметното распоредување на елементите во кабината, простор има повеќе од доволно. Немаме забелешка ниту на багажникот – низ широкиот отвор се достапни 536 литри – а тоа најверојатно е рекорд во класата.

Captur достоинствено се движи по патот

Конечно, ајде да одговориме и на прашањето каков е Captur зад управувачот. Во интерес на ефикасноста – ќе кажеме дека е одличен. Суспензијата компетентно ги впива нерамнините од патот и дури и на 17-инчните тркала на нашиот тестен модел, немавме никакви забелешки во однос на комфорот. Од друга страна, не е направен компромис ниту на управливоста, па Captur нема некакво нагласено навалување во свиоци – па можете да возите и малку подинамично, ако сакате.

Поврзано:  Renault Estafette се враќа како концептуално карго возило

Секако, Captur се снаоѓа и на отворен пат – комбинацијата од сосем доволно моќен турбодизел и автоматски менувач се покажа како идеална – и лесно ги совладавме километрите на нашата тест-рута.

Интересна палета на погонски единици – има и плаг-ин хибрид!

Ние најголемиот дел од времето времето го поминавме во модел опремен со 1.5-литарски dCi турбодизел кој испорачува 115 коњски сили во комбинација со 7-брзински EDC автоматски менувач – и токму оваа комбинација одлично му прилега на достоинствениот карактер на Captur.

Моторот се покажа и како ефикасен – поминавме неколку стотици километри, како на отворен пат така и на регионални патишта и низ град – и борд-компјутерот покажа просечна потрошувачка од само 4.8 литри на 100 изминати километри. Официјалните податоци кажуваат дека забрзувањето до 100 километри на час трае 11 секунди, додека максималната брзина е 186 километри на час.

Инаку, Captur е достапен со два бензинци – основниот е 1-литарски турбо-бензинец со 100 коњски сили, а над него е 1.3-литарскиот турбо-бензинец со 130 коњски сили. Турбодизелот е достапен во изведби од 95 и 115 коњски сили.

Во зависност од изведбата, можете да го добиете Captur со шест-степен мануелен или 7-брзински автоматски менувач. Дополнително, Renault неодамна го најави и плаг-ин хибриднот Captur E-Tech кој ќе комбинира 1.6-литарски бензинец со два електромотори и батерија со капацитет од 9.8 kWh – и ќе може да помине до 65 километри на електрична енергија.

Со Captur, Renault сака да го повтори успехот во класата

Сè на сè – првиот контакт со Captur е мошне позитивен. Компактниот француски кросовер јасно и гласно кажува дека сака да ја задржи својата позиција класата, и дека тоа ќе го прави со врвна рафинираност, одличен дизајн, моќни и економични мотори и многу нови технологии. А тоа се силни адути, навистина.

Поврзано:  Renault R17 Electric Restomod e ретро-модерно електрично возило!

Спецификации

Модел: Renault Captur 1.5 Blue dCi 115 EDC
Мотор: 1.5-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 115 коњски сили / 3750 вртежи во минута
Вртежен Момент: 250 Nm / 2000 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 7 брзини
0-100 км/ч: 11 секунди
Максимална Брзина: 186 километри на час
Должина: 4227 mm
Ширина: 2003 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1585 mm
Тежина: 1327 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2639 mm
Багажен Простор: 536 – 1275 литри
Потрошувачка: 4.8 литри на 100 километри (измерена, комбинирана)
Повеќе Информации: Renault.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.