Полека но сигурно, KIA ја заокружи гамата на Ceed модели – покрај обичната и караванската изведба на Ceed, го нуди и спортскиот Proceed, а сега го комплетираме кругот со новиот Xceed.
Приказната со новата генерација на Ceed започна пред околу една година. Тогаш за прв пат седнавме зад управувачот на Ceed опремен со 1.4-литарскиот атмосферец. Неколку месеци подоцна го возевме Ceed Black Pack опремен со значително подобриот 1-литарски T-GDI турбо-бензинец со 120 коњски сили. Пред само неколку месеци го возевме одличниот и спортски Proceed кој го носеше моќниот 1.6-литарски T-GDI турбо-бензинец со 204 коњски сили, за сега да седнеме зад управувачот на Xceed.
Добро, но што е Xceed?
Добро, но што е Xceed, ве слушаме како нè прашувате преку магијата на интернетот. Оние кои се цинични ќе речат дека е само „Ceed на сантим-два повисока суспензија“, но вистината е дека не е баш толку едноставно. Всушност, Xceed и Ceed делат само еден панел од каросеријата – а тоа се предните врати.
Да, сè друго е ново – мораме да кажеме – изгледа одлично. Измените кај Xceed започнуваат со новите, заострени предни светлосни групи, поширокиот преден браник со поголеми отвори за воздух и редизајнирани решетки. Страничниот профил е вистински изменет – линијата на вратите и прозорците е динамична, а кровната линија е дури купеовска.
На задниот дел приказната за темелниот редизајн за заокружуваат редизајнираните задни светла, како и големиот дифузер интегриран во задниот браник. Формата е изразено позаоблена и подинамична и навистина – Xceed не изгледа скоро нималку слично на регуларниот Ceed. Сè на сè – дизјанерите на KIA одлично си ја работат работата во последно време – а тоа е очигледно и кај Xceed.
Измените продолжуваат и во кабината…
Изменета е и кабината – веднаш се забележуваат новите, супер-остри екрани наменети како за инструментите, така и за мултимедијалниот уред. Екранот пред возачот е со дијагонала од 12.3 инчи, додека оној за мултимедијалниот уред е со дијагонала од 10.25 инчи.
Ќе ги пофалиме и комфорните седишта (кои можете да ги добиете со контрастни опшивки во неколку различни бои), како и севкупниот квалитет на материјалите и завршната обработка.
Ергономијата и прегледоноста се задоволителни. Сите команди се онаму каде очекувате да бидат и ја поздравуваме одлуката некои од функционалностите да задржат засебни, физички команди наместо тие да бидат интегрирани во мултимедијалниот уред.
Скоро сè што ќе допрете е фино на допир, па и тука се препознаваат амбициите на KIA да целат скалило-две нагоре во однос на хиерархијата на нештата. Имаме малку забелешка на прегледноста кон задниот дел – но тоа е последица на привлечниот дизајн, и тоа е цена која сме повеќе од подготвени да ја платиме – особено бидејќи тоа лесно се компензира со камерите и сензорите за паркирање.
На задната клупа комфорно ќе се сместат двајца патници. По потреба ќе собере и тројца, но – исто како во било кој друг автомобил од оваа класа – тоа не би го препорачале. Она кое е за пофалба е просторната понуда за двајцата патници на задната клупа – ќе имаат доволно простор и за главите и за колената, додека багажникот ќе ви понуди капацитет од одлични 426 литри, кои нараснуваат на 1378 литри кога ќе ја спуштите задната клупа.
Каков е Xceed на нашите патишта?
Значи, зборувавме за дизајнот и за кабината – и впечатоците од нив се повеќе од добри. Но дали повисоката суспензија го упропастува чувството за возење хечбек? Ние би рекле не. Инженерите на KIA успеале да го погодат балансот меѓу комфор и динамичност – без притоа да биде нарушено уживањето во било која од овие работи. Во нормално возење, Xceed успева прилично талентирано да ги испегла нерамнините од нашите патишта – и покрај големите, 18-инчни тркала. Од друга страна, кога ќе посакате да возите подинамично, шасијата е доволно спортска за да не дозволи преголемо навалување во свиоци или пак недостаток на контрола.
За прв пат го возиме 1.4-литарскиот T-GDI со 140 коњски сили
Конечно – ајде малку и за погонот. Ова е прв пат да го возиме 1.4-литарскиот T-GDI на KIA – и мораме да кажеме дека сме пријатно изненадени. Во оваа конфигурација испорачува 140 коњски сили и 220 Nm вртежен момент. Силата ја пренесува кон предните тркала преку 7-брзински DCT менувач со двојна спојка (вистински благодет во урбаниот метеж) и сето тоа резултира со „стотка“ за 9.5 секунди и максимална брзина од 200 километри на час. Менувачот воглавно добро си ја врши работата – бидете во Sport режим и тој веднаш и подготвено ќе реагира на секое притискање на педалата за гас, а кога сте во Normal, тогаш малку полетаргично ќе реагира со цел да ја на намали потрошувачката.
А потрошувачката? За време на неколкудневното дружење со Xceed измеривме просечна потрошувачка од нешто под 9 литри на 100 изминати километри во градски услови – што не е воопшто лоша бројка ако се земат перформансите, големите тркала и автоматскиот менувач во предвид.
Опрема? Што би рекле – нема што нема.
Нашиот Launch Edition модел дојде со навистина многу, многу, многу опрема. Меѓу другото, истакнуваме LED осветлување напред и позади, стаклен кров, 18-инчни тркала, двозонски автоматски клима уред, кожен ентериер, дигитални инструменти пред возачот, огромен мултимедијален уред со Bluetooth поврзување, Android Auto и Apple CarPlay, навигација, греење и ладење на седиштата, автоматски менувач, цела гама на системи за активна и пасивна безбедност, како и мал милион воздушни перничиња… Листата едноставно трае и трае…
Заклучок – Xceed е врвната интерпретација на ексцентричен урбан кросовер
Сегментот во кој се натпреварува Xceed не е „лесен“ – тука порано имаше повеќе конкуренција, но пазарот полека но сигурно ги истакна оние кои имаа да понудат нешто повеќе. KIA прв пат влегува во овој сегмент и навистина мора да се докаже – и со оглед на она кое го видовме, KIA има навистина компетентен натпреварувач во својот агол. Xceed изгледа одлично, доаѓа со многу опрема и верно ги следи трендовите. Дали ќе биде по сечиј вкус? Не, секако дека не – но ваквите возила ретко се по сечиј вкус. Ти е се наменети за оние кои сакаат малку подинамичен, поробустен изглед во урбаната околина, без притоа да мораат да одберат голем, тежок SUV. А во тој случај, би рекле – полн погодок!
Спецификации
Модел: | KIA Xceed 1.4 T-GDI 140 DCT Launch Edition |
Мотор: | 1.4-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри |
Моќност: | 140 коњски сили / 6000 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 242 Nm / 1500 – 3200 вртежи во минута |
Менувач: | Автоматски, 7 брзини со двојна спојка |
0-100 км/ч: | 9.5 секунди |
Максимална Брзина: | 200 километри на час |
Должина: | 4395 mm |
Ширина: | 1826 mm (без странични ретровизори) |
Висина: | 1485 mm |
Тежина: | 1345 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2650 mm |
Багажен Простор: | 426 – 1378 литри |
Потрошувачка: | 8.8 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | KIA Xceed 1.0 T-GDI LX Vision – 18.550 Евра |
Цена на тестираниот модел: | KIA Xceed 1.4 T-GDI 140 DCT Launch Edition – 32.300 Евра |
Повеќе Информации: | KIAmotors.com.mk |
Фотографии
Фотографија: Дејан Маликовски & CARclub.mk