ТЕСТ: BMW 320d M-Sport – И понатаму ги поставува стандардите – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: BMW 320d M-Sport – И понатаму ги поставува стандардите

Конечно имавме можност да ја возиме новата Серија 3 на BMW на нашите, македонски патишта – и ја искористивме можноста да ги потврдиме ставовите за германскиот спортски седан.

Кога минатата година имавме ексклузивна можност први во светот да ја возиме новата „Тројка“, кажавме дека многу малку настани во автомобилската индустрија се толку важни, колку што е важно лансирањето на нова генерација на Серијата 3. Тоа е затоа што токму BMW ја усоврши формулата за спортски седан – и со секоја генерација успева одново да постави нови стандарди.

Сето тоа се постигнува преку внимателна еволуција. Секако од генерација во генерација, новите технологии се своевидни квантни скокови нанапред – но сепак, Тројката мора да остане Тројка.

Дефинитивно би го нарачале M-Sport пакетот

Познавачите и фановите на BMW ќе препознаат дизајнерски елементи кои се проткајуваат низ скоро сите генерации на еден модел – а така е и со новата Тројка. Тука се „бубрезите“ на предната маска, тука е неизбежниот и препознатлив Hoffmeister kink, тука е лесно-препознатливата форма со која BMW ги потпишува своите модели.

Ние дефинитивно би ја нарачале нашата Тројка со М-Sport пакет, како моделот кој го возиме. Спортските браници прават огромна разлика во изгледот на спортскиот седан – едноставно, браниците на обичната верзија не ни изгледаат најпривлечно. Од друга страна, спортските браници кои се дел од M-Sport пакетот одлично го истакнуваат карактерот на новата Тројка. Формата на Тројката е и исклучително аеродинамична – коефициентот на отпор е 0.23 Cd, најдобар од сите модели на BMW и еден од најдобрите во класата. Мораме да ги пофалиме и дизајнерите и инженерите на BMW кои одлучија дека во моделите на баварскиот бренд нема да има лажни завршетоци на издувните системи – за жал, ужасен тренд кој многу други производители го прифаќаат.

Поврзано:  ПРВО ВОЗЕЊЕ: Зад управувачот на новиот BMW X3

Модерна и комфорна кабина со многу, многу спортски детали и одлични спортски седишта

Со новата Тројка, BMW успеа да ја издигне кабината на својот спортски седан на ниво на кое едноставно порано не била. Материјалите се врвни, додека нивото на завршна обработка е за секоја пофалба. Ергономијата е на прилично добро ниво – се седи ниско и спортски, а сите команди се онаму каде треба да бидат. Особено ни се допаѓаат M-Sport спортскиот управувач и спортските седишта, кои истовремено се супер-комфорни и нудат одлична странична поддршка.

Пред возачот се поставени дигитални инструменти, додека на централната конзола едноставно доминира големиот екран од најновата генерација на iDrive системот на BMW. Она што ни се допаѓа е дека иако BMW го користи iDrive, сепак многу од контролите се конвенционални – на копче или нешто слично – а тоа ги прави супер-лесни за користење во сите ситуации.

Понудата на простор е одлична – како на предните, така и на задните седишта. Ова е автомобил кој на подолги релации е одличен кростосувач – патниците ќе уживаат во комфорната задна клупа и ќе имаат повеќе од доволно простор како за нозете, така и за главите.

Моќниот и економичен турбодизел нуди исклучителни перформанси

Новиот BMW 320d носи нов турбодизел. Да, името е исто,  но технологиите кои се дел од моторот се нови. Меѓу другото, новиот мотор користи два, секвенцијално-поставени турбополначи – а со тоа скоро целосно се елиминира карактеристичната турбо-дупка. Овој мотор веќе го возевме еднаш на презентацијата на Серијата 3, но сега имавме можност повторно да се увериме во неговите квалитети. А кои се тие квалитети? Како звучат 190 коњски сили при 4000 вртежи во минута и 400 Nm вртежен момент од само 1750 вртежи во минута? Како звучат 100 километри на час за само 6.8 секунди и максимални 240 километри на час?

Моторот ја пренесува силата кон задните тркала преку одлично-калибриран ZF автоматски менувач со 8 брзини, и сето тоа резултира со потрошувачка која може да биде импресивно ниска – за време на неколкудневното дружење со Серијата 3, измеривме просечна потрошувачка која беше нешто пониска од 9 литри на 100 изминати километри – повеќе од респектабилно.

Поврзано:  ТЕСТ: BMW X2 M Sport xDrive 20d - Компетентен, динамичен и контроверзен!

Главниот талент е токму динамичноста

Но сепак – главниот талент на Серијата 3 е нејзината динамичност – и токму тука, Серијата 3 е едноставно брилијантна. Ставете во Sport режим и баварскиот седан реагира подготвено на секое притискање на педалата за гас, а во свиоци е подготвен да му дозволи на задниот дел да заигра.

Секако, тоа лесно се корегира со малку „контра“ на управувачот, и резултира со контролирано, грациозно пролизгување. Ова дефинитивно е автомобил кој ќе ве „тинтра“ кога сакате да возите опуштено или ќе ве забавува кога тоа ќе го побарате од него.

Многу нови технологии, врвна безбедност

Веќе еднаш пишувавме, но да напоменеме пак  – новата Тројка ги добива сите нови технологии кои BMW ги нуди. Така, можете да го добиете гласовниот асистент, системот за асистенција при паркирање, системите за полу-автономно возење и многу, многу повеќе. Навистина нема потреба да ги споменуваме работите како клима уред, или пак премиум аудио уредот – тие работи се веќе очекувани.

Секако, не е занемарена ниту безбедноста – ќе ги добиете сите најмодерни системи за активна и пасивна безбедност – од мал милион воздушни перничиња, преку системите за полу-автономно возење кои безбедно ќе го запрат автомобилот ако забележат дека возачот не реагира, па сè до очекуваните системи за контрола на стабилноста, итн. Новата BMW Серија 3 веќе освои максимални пет ѕвездички на EuroNCAP тестирањата.

Целината е поголема од збирот на сите делови

Да се биде на врвот во сегментот не е лесно – сите го сакаат тронот и конкуренцијата е навистина талентирана. Но Серијата 3 повторно успева да покаже дека целиот пакет е многу повеќе од едноставен збир на сите индивидуални делови. Баварците навистина многу добро знаат да го прават она кое го прават – и да, како и секој автомобил, и Серијата 3 може да биде критикувана – но на крајот на денот, токму Серијата 3 повторно ги поставува стандардите по кои се мерат сите други.

Поврзано:  BMW ја претстави новата Серија 2 Gran Coupe

Спецификации

Модел: BMW 320d M-Sport
Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 190 коњски сили / 4000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 400 Nm / 1750 – 2500вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 8 брзини
0-100 км/ч: 6.8 секунди
Максимална Брзина: 240 километри на час
Должина: 4709 mm
Ширина: 2068 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1435 mm
Тежина: 1455 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2851 mm
Багажен Простор: 480 литри
Потрошувачка: 8.4 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: BMW 320d – 42.320Евра
Цена на тестираниот модел: BMW 320d M-Sport – Наскоро
Повеќе Информации: BMW.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.