Giulietta не е нов модел на пазарот – но континуираното освежување на италијанскиот хечбек, како и докажаните технологии се доволно силни аргументи за да ѝ посветиме малку повеќе внимание.
После толку години, зошто седнавме зад управувачот на Giulietta? Па – да бидеме искрени – заради тоа што сакавме. Во неколку наврати сме имале можност да седнеме зад управувачот на италијанскиот хечбек, но тоа секогаш било на кратки интервали, без можност подобро да се запознаеме со неговите квалитети. Затоа, сега, кога ни се пружи таа можност – решивме да ја зграпчиме шансата и да поминеме два-три дена токму со Giulietta.
Giulietta и денес изгледа современо и свежо, со многу препознатливи Alfa Romeo детали
Giulietta веќе добро ја познаваме – и добро ја познавате. Италијанскиот хечбек редовно го гледаме на нашите улици – и ќе признаеме дека дури и денес изгледа модерно и свежо. Како и секогаш, дизајнот нема да биде по сечиј вкус – но не може да се негира реалноста дека Giulietta едноставно изгледа како да не старее.
Познавачите на Alfa Romeo ќе препознаат детали преземени директно од 8C Competizione – според нас, еден од најубавите автомобили на сите времиња. Секако, тука се и многуте препознатливи Alfa Romeo детали – од карактеристичната маска на ладилникот, странично поставената регистерска табличка, скриените задни рачки за вратите, итн… Плус, ни се допаѓаат еднобојните тркала и дискретниот заден спојлер.
Спортска кабина со ниско седење која повикува на возење
Одиме внатре! Атмосферата во кабината на Giulietta е типично-италијанска. Се седи ниско, спортски, и оние најважните команди не само што изгледаат одлично, туку се и идеално нагодени. Управувачот е совршено дименизониран и обвиен во кожа, алуминиумските педали изгледаат супер, а рачката од менувачот иделано „лежи во рака“. Се гледа дека ова е автомобил кој сака да биде возен.
Има и други интересни детали – на пример, одлично изгледаат аналогните инструменти и DNA селекторот. Да, во ред, графиката на некои од деталите е малку застарена – но сè е функционално, и во морето од разни-разни дигитални панели и инфозабавни системи, ваквите контроли се вистинско освежување.
Некои од пластиките не се на ниво на конкурентите, но во суштина – поголеми забелешки немаме. Би посакале да има уште малку можност за нагодување на управувачот, како и можност централниот наслон да се регулира по висина – но ова се ситници.
На задната клупа има простор за двајца, по потреба и тројца – но како и кај сите други автомобили од оваа класа, не би го препорачале тоа на подалечни дестинации. Багажникот е во рамките на класата – ќе имате 350 литри на располагање, достапни преку прилично голем и правилен отвор.
Вистинското уживање е зад управувачот
Вистинското уживање кај Giulietta доаѓа „на дневен ред“ кога ќе седнете зад управувачот и ќе почнете да возите. Директноста и динамичноста кои ги нуди италијанскиот хечбек се навистина нешто друго – и да, повторно ќе напоменеме дека ги разбираме Алфистите и нивната љубов кон италијанскиот бренд. Од свиок во свиок, Giulietta ја менува насоката на движење со ентузијазам кој станува вистинска реткост кај поновите – и реално, постерилни – автомобили.
Изненадувачки моќниот турбодизел се чувствува како да е побрз од она кое го ветува „на хартија“
А што имаше под поклопецот? Нашиот тестен автомобил дојде со 1.6-литарски JTD турбодизел кој испорачува 105 коњски сили и 320 Nm вртежен момент. Секако, кај Giulietta DNA селекторот треба секогаш да биде во D – бидејќи тогаш Giulietta го има оној вистинскиот карактер. Малиот турбодизел подготвено реагира на секое притискање на педалата за гас и зад управувачот чувството е како да имаме на располагање повеќе од декларираните 105 коњски сили.
Официјалните податоци говорат за „стотка“ за 11.3 секунди и максимални 185 километри на час – но во реално, секојдневно возење, чувството е дека Giulietta е многу побрза. А ако мислите дека овој ентузијазам е „пенализиран“ со висока потрошувачка – не е. За време на нашето неколкудневно дружење со Giulietta, борд-компјутерот одвај ја надмина границата од 6 литри на 100 изминати километри.
Заклучок: Талентите на Giulietta се вистинско освежување
По сето ова, среќни сме што имавме можност да поминеме малку време токму зад управувачот на Giulietta. Да, Giulietta не е најновиот модел во класата – но таа има таленти кои се вистинско освежување. Плус, сигурни сме дека е уште подобра со еден од модерните турбо-бензинци на Alfa Romeo, и дека многу, многу подобро звучи!
Спецификации
Модел: | Alfa Romeo Giulietta 1.6 JTD 105 Super |
Мотор: | 1.6-литарски турбодизел, 4 цилиндри |
Моќност: | 105 коњски сили / 4000 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 280 Nm / 1500 вртежи во минута |
Менувач: | Мануелен, 6 брзини |
0-100 км/ч: | 11.3 секунди |
Максимална Брзина: | 185 километри на час |
Должина: | 4351 mm |
Ширина: | 1798 mm (без странични ретровизори) |
Висина: | 1465 mm |
Тежина: | 1395 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2634 mm |
Багажен Простор: | 350 литри |
Потрошувачка: | 6.5 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Alfa Romeo Giulietta 1.4 TB 120 – 16.990 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Alfa Romeo Giulietta 1.6 JTD 105 Super – 25.440 Евра НАПОМЕНА: Во моментот на објавувањето на овој тест, Alfa Romeo Giulietta со 1.4-литарски турбо-бензинец со 120 коњски сили и дополнителна опрема се нуди по акциска цена од 14.950 Евра. |
Повеќе Информации: | Alfaromeo.mk |
Димензии
Фотографии