Британскиот бренд кој сме навикнати да го асоцираме со спортски и елегантни купе модели претстави нов кросовер во обид да ја зголеми продажбата на автомобили.
Како што можеме да видиме на фотографиите, DBX го презема дизајнот на спортскиот Vantage и го адаптира во попрактична форма, со додавање па “кросоверските” елементи како темни заштитни пластики на браниците и кровни шини.
Ентериерот е во препознатлив Aston Martin стил, но со понова технологија. Главниот инструмент панел е дигитален екран со големина од 12.3 инчи, додека во централната конзола е сместен 10.25 инчен екран на допир за мултимедија. Физичките копчиња се намалени само на неопходниот број, а во централната конзола е додадено и глувче за контролирање на командите.
Новиот Aston Martin DBX е погонуван од 4.0-литарски V8 агрегат кој испорачува 542 кс и 700 Nm вртежен момент. Ова истиот агрегат кој го користат Vantage и BD11 V8, произведен од AMG, но со повеќе сила. Како резултат на тоа, DBX забрзува од 0-100 км/ч за 4.5 секунди кон максималната брзина од 291 км/ч.
Силата кон подлогата се испраќа преку девет-степен автоматски менувач усогласен со систем за погон на сите четири тркала со активен централен диференцијал и заден диференцијал со ограничено пролизгување.
Aston Martin DBX тежи 2,245 килограми и доаѓа сериски опремен со адаптивна воздушна суспензија која располага со систем за против навалување и електрични прилагодливи амортизери. Тоа значи дека висината од подлогата може да се зголеми за 45 милиметри или намали за 50 милиметри, во зависност од режимот на возење.