Audi на саемот на автомобили во Лос Анџелес ја претстави Sportback изведбата на својот електричен SUV.
Во суштина, E-Tron Sportback е купе-SUV изведба на електричниот Audi E-tron – но во нашите очи изгледа значително подинамично и поинтересно. Предниот дел е остар, со изразена предна маска и нови Matrix LED предни светла, кои користат нова технологија за осветлување. Овие светла за прв пат се нудат во сериски автомобил, и нудат исклучителна прецизност во осветлувањето. Светлата имаат микро-огледало кое може да биде придвижено до 5000 пати во секунда – а тоа пак овозможува да бидат осветлени или маскирани одредени делови пред вас со исклучителна прецизност.
Купеовскиот дизајн резултира и со позаострено ветробранско стакло, како и остар заден дел. На задниот дел препознаваме и интегриран заден спојлер кој дополнително ја истакнува купеовската форма. Задниот дел добива и потенки задни светла, а целиот автомобил има помускулест став. Купувачите ќе можат да нарачаат тркала во димензии од 19 до 22 инчи. Благодарение на формата и дигиталните странични ретровизори, S-Line изведбата има коефициент на отпор од само 0.25 Cd – со што E-Tron Sportback може да помине околу 10 километри повеќе со едно полнење од конвенционалниот модел.
На самиот почеток ќе се нудат Sportback 55 quattro, кој користи батерија со капацитет од 95 kWh и два електромотори, кои испорачуваат вкупно 360 коњски сили и 561 Nm вртежен момент, како и Sportback 50 quattro кој користи помала батерија со капаицтет од 71 kWh. Електромоторите тука испорачуваат 313 коњски сили и 540 Nm вртежен момент. Кога ќе го префрлите Sportback 55 Quattro во S режим на работа, моторите испорачуваат до 408 коњски сили и 664 Nm вртежен момент во интервали од 8 секунди. Помоќниот автомбоил може да помине до 466 километри со едно полнење, додека послабиот до 347 километри со едно полнење.
E-Tron Sportback може да се наполни до 80% за помалку од 30 минути на брз полнач со моќ од 120 или 150 kW. Цените во Германија ќе започнуваат од 71.350 Евра, нарачките ќе бидат отворени во текот на овој месец а првите примероци ќе бидат испорачани на почетокот на следната пролет.