Velar е можеби најхрабрата интерпретација на Range Rover – и токму затоа ја искористивме можноста и самите да се увериме во рафинираниот карактер на модерниот, британски луксузен SUV.
Веднаш да разјасниме – Velar никогаш нема да го видите „до прозорци во кал“. Едноставно нема. Да не се разбереме погрешно – не е дека Velar не е способен да се соочи со калта и теренското возење кога тоа ќе го побарате од него – Velar e вистински Range Rover, односно Land Rover во секој аспект – но едноставно, Velar е многу подостоинствен и помодерен од тоа.
Velar изгледа фантастично, нели?
Како тоа? Па, ајде прво за дизајнот. Velar… Изгледа фантастично, нели? Има нешто посебно, нешто достоинствено и гордо кај сите модели на Range Rover – но кај Velar сето тоа е доведено до една точна на рафинираност и привлечност за која конкурентите можат само да сонуваат. Кај Velar нема ништо вулгарно, ништо непотребно – дизајнот е складен, пропорционален и современ. Всушност, Velar е… Убав.
На предниот дел едноставно доминираат широката маска на ладилникот и тенките, хоризонтални предни светла. На поклопецот на моторот е испишано Range Rover, додека на маската од ладилникот е поставена значката на Land Rover – да сме на чисто дека сепак, ова е Land Rover. На долниот дел од браникот се истакнуваат широките отвори за воздух, кои на целиот преден дел му даваат еден привлечен, пропорционален, хоризонтален линк.
Страничната линија е чиста и рамна, со карактерна линија која се провлекува од предните до задните светла и успева визуелно да го направи Velar понизок – иако не е. Задните светла се спојуваат во едноделна целина и малку наликуваат на некаква маска, а сликата за динамичност ја комплетира дискретниот заден спојлер. Дополнително – двобојната комбинација со црни страници и црн кров одлично ја заокружува идејата за луксузен SUV. Конечно – да завршиме со голееемите тркала – Velar е толку голем, што дури и 21-инчните тркала не изгледаат преголеми. Полн погодок.
Луксузна кабина со еден куп модерни технологии
Одиме внатре. Кабината на Velar е едноставно… Прекрасна. Дизајнот е истовремено воздржан, но и современ. Нема непотребни линии, непотребни детали – сè што е поставено, е поставено онаму каде треба да биде. Главниот збор го имаат трите дигитални дисплеи – еден пред возачот и два на централната конзола. Пред возачот се поставени дигиталните инструменти со неколку различни прикази, додека дисплеите на централната конзола се наменети за мултимедијалниот уред и за климата и режимите на возење.
Сите дисплеи се супер-сензитивни на допир, со висока резолцуија и модерно-наредени елементи. Да, како и сите дигитални дисплеи бараат малку повеќе внимание – но кога ќе ги „научите“ стануваат интуитивни и лесни за користење. На управувачот се поставени дел од командите кои – како и скоро сè друго во кабината – се чувствителни на допир. Бара малку навикнување – но кога ќе се навикнете, имаат поента.
Слично е и на задната клупа. Има мноооогу простор – дури и за тројца ако има потреба, но малку ќе смета тунелот за преносот кон задните тркала. Се гледа дека Velar е замислен за поминување подолги рути – задната клупа е идеално-комфорна и тешко е да се најде забелешка. Секако, огромна улога игра и огромниот панорамски стаклен кров кој дозволува многу, многу светлина да влезе во кабината.
Иако е огромен, Velar прилично лесно се снаоѓа низ град
Сега, ајде да возиме. Изненадувачки – Velar е лесен за возење низ град, и покрај аристократските димензии. Прегледноста е сосем во ред – да, столбовите се големи и на моменти малку пречат, но се навикнувате да гледате околу нив и не претставуваат посебен проблем. Секако, паркинг сензорите и камерите ја играат својата улога – но во движење, сосем е лесно да ги најдете границите на Velar и да успеете да го паркирате. На отворен пат, Velar е идеален сопатник – голем, комфорен и тивок.
Всушност, таа парадигма за комфор и тишина преовладува. Едноставно, Velar не саак ништо толку „вулгарно“ како „динамично возење“. Секако, има верзии на Velar кои го оправдуваат атрибутот „спортски“ од SUV – но во суштина, Velar сака да биде возен опуштено, мирно, релаксирано. Velar сака да ви овозможи да уживате во луксузот, мирот и тишината, таму некаде високо, над обичните смртници.
Секако, во оној момент кога ќе посакате да го напуштите асфалтот – можете комфорно и со многу самодоверба да го направите токму тоа. Сето знаење кое Land Rover го има со теренските возила е имплементирано и во Velar. Има неколку различни режими на работа кои се наменети да му овозможат на големиот Velar се прилагоди кон сите терени – и без посебен проблем да ги покори.
Моќен турбодизел со 240 коњски сили, автоматски менувач, погон на сите четири тркала
Соодветно на тоа, на Velar сосем добро му прилега и 2-литарскиот турбодизел со два турбополначи кој испорачува 240 коњски сили при 4000 вртежи во минута и 500 Nm вртежен момент од само 1500 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон – очекувано, нели – сите четири тркала преку 8-брзински автоматски менувач. Сето ова е сосем доволно за 1850 килограми тешкиот луксузен SUV да забрза до 100 километри на час за само 7.3 секунди и да постигне максимални 217 километри на час.
Ако го префрлите Velar во Dynamic режима на работа ќе добиете подиректно реагирање на притискањето на педалата за гас, како и поагресивно „држење“ на брзините во менувачот – но не сакате да го направите тоа, нели? Едноставно – уживајте во Velar и во чувството како се набивате во возачкото седиште секој пат кога ќе ја „закопате“ педалата за гас во мекиот патосник.
Заклучок: Velar наметнува достоинствен стил на возење.
Velar е интересен избор. Зошто? Затоа што е еден од најпривлечните големи SUV модели кои се нудат на пазарот. Затоа што наметнува опуштен, достоинствен стил на возење. Затоа што нуди една значително посовремена интерпретација на докажаните, традиционални британски вредности кога станува збор за луксузот. И токму затоа, Velar ги заслужува сите пофални епитети кои ги добива.
Спецификации
Модел: | Range Rover Velar R-Dynamic S 240 |
Мотор: | 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри |
Моќност: | 240 коњски сили / 4000 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 500 Nm / 1500 вртежи во минута |
Менувач: | Автоматски, 8 брзини |
0-100 км/ч: | 7.3 секунди |
Максимална Брзина: | 217 километри на час |
Должина: | 4803 mm |
Ширина: | 2145 mm (со странични ретровизори) |
Висина: | 1665 mm |
Тежина: | 1841 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2874 mm |
Багажен Простор: | 673 – 1731 литри |
Потрошувачка: | 9.7 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на тестираниот модел: | Range Rover Velar R-Dynamic S 240 – 113.000 Евра |
Повеќе Информации: | mk.landrover.com |