Škoda неодамна го освежи големиот Superb – а тоа e одлична причина повторно да поминеме малку време со големиот чешки седан.
Кога пред неколку години седнавме зад управувачот на новата, трета генерација на големиот чешки седан, рековме дека Superb во целост го заслужува и оправдува своето име. Секако, лесно е да бидеме цинични и да речеме – „Да, да, ете, Škoda Superb, сигурно е одличен..“ – но да бидеме искрени, ако ги земеме сите работи во предвид, Superb е еден од оние автомобили на кои навистина е тешко да им се најде замерка.
Козметичките измени се дискретни – но доволно го освежуваат големиот седан
Ајде прво за освежувањата. Козметичките измени се прилично дискретни – добиваме редизајниран преден и заден браник, нови предни светла, нови тркала и уште неколку други ситници. Ни се допаѓа хромираната врска меѓу задните светла, која на големиот Superb му дава одредена доза на рафинираност. На предниот дел вниманието го задржуваат редизајнираните светла кои изгледаат поостро – но уште поважно, сега користат LED технологија за моќно осветлување, но добиваат и Matrix LED функционалност за прилагодување на светлината во реално време.
Редизајнирани се и задните светла – и како и другите понови модели на брендот, задното лого е заменето со големите букви ŠKODA поставени на поклопецот на багажниот простор. На нашиот тестен автомобил одлично му прилегаа и големите, 18-инчни тркала. Помали едноставно не би одговарале.
Комфорна, просторна и практична кабина со мал милион практични ситници
Слично е и во кабината – односно, она кое не е расипано, нема потреба да се поправа. Но при повнимантелна инспекција, забележуваме дека некои од површините се покриени со нијанса помеки материјали, а дискретно е редизајнирана и централната конзола за да можат во неа да се вградат поголеми мултимедијални уреди. Ќе пофалиме некои од практичните детали – на пример, со мек материјал се обложени џебовите за одлагање ситници во вратите, со што се елиминира несаканото тропкање кога нешто ќе оставите во нив, а понатаму – тука е чадорот во возачката врата и држачот за влезници за паркинг на ветробранското стакло. Ситници – но практични и важни ситници.
Инаку – ова е Superb! А тоа значи супер-комфорна кабина со многу, многу, многу простор и практичност за која многу други автомобили можат да позавидат. Всушност, Superb и понатаму има простор како некои автомобили кои се класа-две поголеми (и поскапи). На задната клупа е просторно како во супер-луксузна лимузина, а пристапувањето е лесно благодарение на голеееемите врати.
Нашиот тестен модел дојде со привлечно-текстурирани седишта со контрастни опшивки – како напред, така и позади. Плус, патниците на задната клупа добиваат и сопствени контроли за клима-уредот, завеси во вратите, централен наслон и уште пар други ситници. Сликата за просторната понуда ја завршуваме со пештерскиот багажник со капацитет од 625 литри, кои нараснуваат на 1760 литри кога ќе ги спуштите задните седишта.
Superb е на свое на автопат, но сосем добро се снаоѓа и во градскиот метеж
Интересно е што и покрај замашните димензии (Superb е долг безмалку 5 метри и широк повеќе од 2 метри), маневрирањето во град не е проблематично. Прегледноста кон предниот дел и страните е сосем добра, а намалената прегледност кон задниот дел се компензира со паркинг сензори и камера. Да, неизбежен е фактот дека Superb е голем автомобил, но во ниту еден момент не се чувствува „незграпен.“ Но сепак, ќе бидеме искрени – вистинскиот дом на Superb е автопатот. Superb е едноставно создаден да голта и голта километри – да седнете во Скопје и да возите до Прага – и воопшто да не се изморите. Ќе забележиме дека на повисоки брзини се слуша малку бучава од ветрот – но тука веќе зборуваме за… Повисоки брзини! ;)
Суспензијата е јасно ориентирана кон комфорот, а тоа го прави возењето на доооолги релации супер-лесно. Тука уште еднаш ќе ги напоменеме Matrix LED предните светла кои ги гасат долгите светла „околу“ автомобил кој е пред вас или доаѓа од спротивната насока – и едноставно нема потреба да се грижите околу нив. Заслужени пет поени!
Свој удел во леснотијата има и добро-познатиот 2-литарски TDI турбодизел кој испорачува 150 коњски сили при 3000 вртежи во минута и 360 Nm вртежен момент од 1700 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон предните тркала преку одличниот 7-брзински DSG автоматски менувач со двојна спојка, а сето тоа резултира со „стотка“ за 9.1 секунда и максимални 221 километар на час. Доволно? Апсолутно – во реалноста, чувството зад воланот е дека Superb е многу побрз, особено кога станува збор за меѓузабрзувањата. Нема ни некој особено голем „пенал“ на бензинската пумпа – за време на нашето тестирање, Superb трошеше помалку од 8 литри на 100 изминати километри.
Вреди да напоменеме дека Superb е ориентиран кон практичноста и кофморот – а тоа значи дека не е најдинамичниот автомобил во сегментот. Но тоа е апсолутно во ред – не ни треба да биде спортски седан. Не му е тоа намената. Superb е замислен да биде комфорен крстосувач – а таа улога ја исполнува оскаровски. Сепак, немојте да мислите дека Superb е „брод“ и дека е тотално анемичен зад управувачот – напротив, управувањето е сосем директно и прецизно, иако нема скоро никакви повратни информации низ управувачот. Има малку поизразено навалување во свиоци, но доколку сакате да го елиминирате тоа можете да го нарачате Dynamic Chassis Control пакетот кој ќе ви овозможи да изберете неколку различни режими на возење.
Многу стандардна опрема, но и неколку внимателно-одбрани додатоци
Нашиот тестен модел беше во нивото на опрема кое Škoda го нарекува Ambition. Тоа значи дека стандардно ги добивате Matrix LED предните светла светла, задните LED светла, Climatronic автоматски трозонски клима уред, но и борд-компјутер во боја, загревање на предните седишта, паркинг сензори, сензори за дожд, Front Assist систем за автоматско сопирање и многу, многу повеќе.
Дополнително, нашиот модел доби и 18-инчни тркала, адаптивен темпомат со радар кој функционира при брзини до 210 километри на час, голем 8-инчен мултимедијален уред со навигација, дигитална инструмент-табла, KESSY систем за отклучување, заклучување и стартување без клуч, камера за паркирање и уште неколку други ситници – но во суштина, сè што е потребно за вистински да се ужива во Superb.
Разумот неизбежно победува.
Големиот Superb продолжува да биде еден од најрационалните автомобили на пазарот. Навистина е тешко да му се најде објективна замерка. Superb е голем, практичен, семеен (или деловен) крстосувач кој нуди многу за вложеното. И токму затоа – разумот победува.
Спецификации
Модел: | Škoda Superb 2.0 TDI 150 Ambition DSG |
Мотор: | 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри |
Моќност: | 150 коњски сили / 3600 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 360 Nm / 1750 вртежи во минута |
Менувач: | Автоматски, 7 брзини |
0-100 км/ч: | 9.1 секунда |
Максимална Брзина: | 221 километри на час |
Должина: | 4869 mm |
Ширина: | 2031 mm (со странични ретровизори) |
Висина: | 1469 mm |
Тежина: | 1589 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2841 mm |
Багажен Простор: | 625 – 1760 литри |
Потрошувачка: | 8.1 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Škoda Superb 1.5 TSI 150 Active MT6 – 23.710 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Škoda Superb 2.0 TDI 150 Ambition DSG – 34.730 Евра АКЦИСКА ЦЕНА: 29.700 Евра |
Повеќе Информации: | Skoda.com.mk |
Фотографии
Фотографија: Дејан Маликовски