Целосно-електричниот Ford Mustang ја носи ознаката Lithium, и е заеднички проект на Ford и производителот Webasto.
Ford подготви нешто навистина радикално за SEMA – а тоа е електричниот Ford Mustang Lithium кој испорачува 900 коњски сили и скоро неверојатни 1355 Nm вртежен момент – и тоа од нула вртежи во минута!
„Не е тајна дека ќе ги електрифицираме нашите најпопуларни модели“ изјави одговорниот за развој на продукти во Ford – Hau Thai-Tang – и додаде – „Овој уникатен прототип е одлична можност за нас, заедно со Webasto да им покажеме на нашите купувачи дека нови електрични погони можат да понудат одлични перформанси.“
Инаку, Mustang Lithium добива карбонски делови од каросеријата, поставен е на пониска суспензија, а добива и 20–инчни тркала од Forgeline, обвиени во Michelin Pilot Sport 4S пневматици. Интересна е одлуката на Ford во целиот систем да искористи и 6-степен мануелен менувач, преку кој се пренесуваат сите тие коњски сили кон задните тркала.
Моќта доаѓа од Phi-Power двојадрен електромотор, кој користи 800-волтен Webasto батериски систем. Ford веќе најави дека планира огромни инвестиции во електрифицирани возила до 2022, а во меѓувреме ги покажува своите технички можности преку ваквите концепти. Веќе знаеме дека следната година ќе добиеме и електричен SUV кој влече инспирација токму од Ford Mustang.