ВОЗЕВМЕ: Новиот Peugeot 208 во Португалија – Вистински хај-тек супермини! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Новиот Peugeot 208 во Португалија – Вистински хај-тек супермини!

Меѓу првите во светот имавме можност да го возиме новиот Peugeot 208 во сите негови изведби – и ова се нашите впечатоци од првиот контакт со новиот, хај-тек француски супермини.

Амбициите на Peugeot да се натпреварува во премиум сегментите веќе добро ги знаеме – францускиот производител јасно и гласно кажа каде сака да биде уште со новите 3008 и 5008, како и новиот 508. Овие автомобили веќе добро ги познаваме – бевме на светската промоција на 5008 во Лисабон пред неколку години, минатата година во Монако го возевме новиот 508, а оваа година – повторно во Португалија – имавме можност да седнеме и зад управувачот на новиот 208.

Со 208, французите поставуваат преседан

Новиот 208 е исклучително важен автомобил. Зошто? Затоа што французите направија преседан, одлучија дека нема одолговлекуваат и уште на самиот старт ќе го понудат новиот супермини во три погонски изведби – новиот 208 можете да го добиете со бензинец, турбодизел или како електричен автомобил. А тоа е храбро. Навистина храбро.

Но французите не застануваат таму – новиот 208 добива нов, храбар и модерен дизајн, како и многу, многу, многу технологии кои обично ги очекуваме кај поголеми (и значително поскапи) автомобили. А сето тоа резултира со автомобил кој не само што ги исполнува очекувањата, туку благодарение на креативните инженерски решенија напредните технологии –  убедливо ги надминува.

Авангарден, très chic дизајн

Ајде прво за дизајнот. На предниот дел доминираат аглестите предни светла, од кои „излегуваат“ големите вертикални дневни светла кои наликуваат на лавји заби. На средина е поставена големата маска на ладилникот на која е поставен лавот на Peugeot, а на самиот врв гордо стои ознаката 208. Веднаш станува јасно дека французите се особено горди на новиот автомобил, нели?

Одиме понатаму – профилот на 208 е уште поинтересен, особено во GT-Line и GT изведбите – декоративните елементи околу крилата кои се во сјајна црна боја дополнително ги истакнуваат динамичните линии на новиот хечбек, па дури и кога стои – 208 изгледа како да се движи. Најдобро од сè најверојатно ни изгледа задниот дел – особено споените задни светлосни групи и црнот спојлер (на GT-Line верзиите). Како што и му доликува, новиот 208 е достапен во различни и храбри бои – и се надеваме дека купувачите ќе одберат токму некоја од нив.

Најнова интерпретација на i-Cockpit со 3D дисплеј

Но верувајте – вистинската револуција станува очигледна кога ќе ја отворите возачката врата. Ја отвораме широката возачка врата и нè пречекува ентериер кој комбинира авангарден дизајн со модерни материјали – што пак резултира со кабина која се издвојува од сè друго во класата. По новиот 208, конкурентите изгледаат некако… Здодевни?

Поврзано:  Peugeot ја комплетира електричната понуда со новиот Е-408

Предните седишта нудат одлична поддршка и се супер комфорни – но како и секогаш, главното внимание го привлекува малиот управувач и инструментите кои се поставени над него. Најновата генерација на i-Cockpit системот добива интересен тродимезионален дисплеј, кој е тешко да се објасни – но во суштина, информациите се прикажуваат на две „рамнини“ – и кога го движите погледот, се менува и нивната поставеност.

Изгледа импресивно, верувајте. Веднаш до дигиталните инструменти, на централната конзола е поставен гооооолем мултимедијален уред преку кој се контролираат сите функционалности во 208, а под него се поставени копчиња за полесен пристап до многу од нив. Сето ова „бара малку навикнување“ – но за само неколку моменти лесно се навикнавме и едноставно ја разбираме поентата на i-Cockpit филозофијата на Peugeot.

Основното ниво на опрема не ги добива дигиталните инструменти пред возачот – добива конвенционални, аналогни инструменти, но и тие имаат модерна графика и интересна длабочина – и не се воопшто за потценување.

Возиме многу, многу варијанти на новиот 208

Возењето го започнуваме со 1.5-литарски BlueHDI турбодизел кој испорачува 100 коњски сили и 250 Nm вртежен момент кон предните тркала преку 6-брзински рачен менувач. На сите брзини моторот работи рафинирано и мирно, и се забележува дека инженерите на Peugeot посветиле многу внимание на намалување на бучавоста во кабината, како и елиминирање на несаканите вибрации од патот. Според официјалните податоци, 100-коњскиот турбодизел овозможува забрзување „до стотка“ за 11.4 секунди и максимална брзина од 188 километри на час – сосем респектабилни бројки.

Бидејќи се работи за GT-Line, добиваме и малку ревидирана суспензија која е поцврста и позитивно влијае на управливоста, без негативно да влијае на комфорот во кабината. Всушност, на повисоки брзини, новиот 208 е еден од потивките автомобили во сегментот – постигнување кое секако е за поздрав, особено во контекст на премиум амбициите на францускиот бренд.

Поврзано:  ТЕСТ: Peugeot 3008 1.2 MHEV 136 GT - Поинаков SUV.

Од турбодизелот се префрлуваме во 130-коњски турбо-бензинец во, кој ги пренесува своите 130 коњски сили и 230 Nm вртежен момент кон предните тркала преку 8-брзински автоматски менувач. Тука максималната брзина е 207 километри на час (можеле да се потрудат да биде 208, нели?), додека бенчмаркот од 100 километри на час се постигнува за само 8.7 секунди – ова се перформанси кои се сосем респектабилни и за хот хеч. Автоматскиот менувач одлично му прилега на карактерот на 208 – менувањето (како и кај 508 и 3008/5008) е супер-мазно и нема несакани „скокања“. Искрено – се радуваме дека автоматските менувачи полека но сигурно го наоѓаат своето место и во овој сегмент на автомобили.

Ништо помалку интересен не е ни 100-коњскиот PureTech турбо-бензинец во комбинација со мануелен менувач. Всушност, очекуваме дека токму овој мотор ќе биде најинтересен на нашиот пазар – бидејќи нуди идеална комбинација од забавни перформанси и економичност.

„Стотка“ пристигнува за рамно 11 секунди, а максималната брзина е 188 километри на час. Како и изведбата со 130 коњски сили, и оваа изведба подготвено реагира на секое притискање на педалата за гас, а успева и да звучи добро – да, звукот е карактеристично трицилиндерски, но не е груб ниту непријатен.

Конечно, зад воланот на електричниот e208!

Конечно, седнуваме и во електричниот e208! Платформата на 208 дозволува тој да биде понуден и како електричен автомобил без никакви модификации – батерискиот модул доаѓа на местото на резервоарот за гориво, а напред наместо мотор со внатрешно согорување е поставен електромотор со моќност од 100 kW, односно 136 коњски сили. Во комбинација со батеријата со капацитет од 50 kWh, електричниот 208 има автономија од 340 километри.

Поврзано:  Peugeot E-3008 и E-5008 добиваат Long Range изведба и поминуваат до 700 километри со едно полнење

Перформансите се подеднакво импресивни – 100 километри на час пристигнуваат за 8.1 секунда, додека максималната брзина е електронски ограничена на 150 километри на час.

Она што е импресивно е дека чувството зад управувачот на електричниот e-208 е скоро исто како кај верзиите со конвенционални мотори со внатрешно согорување. Да, можеме да ја почувствуваме разликата во тежина (е208 е околу 300 килогреми потежок) – но и покрај тоа, е208 е стабилен, динамичен и влева доверба во неговите способности. Визуелни разлики скоро и да нема – предната маска е во боја на каросеријата и на Ц-столбот има ознака резервирана за електричната верзија – и тоа е тоа.

Французите се директни околу ценовното позиционирање на е208 – и кажуваат дека трошокот за користење на електричниот автомобил низ целиот негов животен век би требало да биде идентичен со оној на турбо-бензинец со автоматски менувач – и тоа воопшто не е тешко да се разбере. Да, електричниот автомобил ќе биде поскап за купување, но кога ќе ги исклучиме од равенката трошоците за бензин, трошоците за редовен сервис, итн…

Заклучокот е неизбежен – 208 е хај-тек супермини!

И така, чекор по чекор стигнавме до заклучокот дека новиот 208 е вистински хај-тек супермини. Всушност, инженерскиот подвиг – да се смести толку многу технологија во компактно пакување – е навистина несекојдневен.

Самиот факт дека 208 се нуди со бензинец, турбодизел или со електричен погон уште на самиот старт кажува многу, но французите одат многу подалеку – па нудат високи технологии, одлична безбедност, полу-автономно возење, систем за препознавање сообраќајни знаци и ограничување на брзината, автоматско паркирање и многу, многу повеќе. Како што рековме – хај-тек супермини!

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.