ТЕСТ: Volkswagen Passat GTE Plug-In Hybrid – Најдобриот Passat? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Volkswagen Passat GTE Plug-In Hybrid – Најдобриот Passat?

За и самите да се увериме дека токму плаг-ин хибридниот Passat GTE е најдобриот Passat, поминавме продолжен викенд со големиот, хај-тек седан на Volkswagen.

Плаг-ин хибридите се автомобилите кои ќе помогнат да ги надминеме предрасудите. Сериозно. Со нив добиваме моќност и можност за уживање во возењето од една страна, и економичност и ефикасност од друга страна. Тоа е тоа. Толку е едноставно. Passat GTE е одличен. Тестот е завршен.

Но, не, не… Не е толку едноставно. Треба малку поубаво да подискутираме на оваа тема и подобро да го објасниме погоре-напишаното. Не е толку едноставно како „ова е плаг-ин хибриден Passat, купете го.“

Volkswagen неодамна го освежи Passat – седанот кој и онака беше меѓу најпродаваните во својата класа. Соодветно на тоа, ако-не-е-расипано-не-го-поправај пристапот на дизајнерите и инженерите од Wolfsburg е тотално оправдан. Визуелните измени не се преголеми – редизајнирани браници, изменета графика на предните и задните светлосни групи и пар други суптилни затегнувања – и тоа е тоа. Слична е приказната и во кабината – редизајниран управувач ваму, нов мултимедијален уред таму, некои нови материјали – и Passat продолжува да биде Passat.

Сепак, измените одат подалеку… Односно, одат подлабоко. Особено кај Passat GTE. Но што всушност значи GTE?

Со GTE, Volkswagen воведе нова значка.

Volkswagen „воведува“ нова значка. Ако Golf GTI е легендарниот бензинец, а GTD е неговата дизелска варијанта, тогаш GTE би требало да понуди нешто слично – но сепак поинакво и електрично. А тоа поинаквото доаѓа во форма на плаг-ин хибриден погон кој би требало да понуди одлични перформанси (односно, да го оправда GT делот од значката) и исклучителна ефикасност и економичност (за да ја го оправда Е делот од значката). Во моментов Volkswagen нуди GTE верзии на Golf и Passat, а неофицијално дознаваме дека се подготвува и Tiguan GTE.

Значи, добар ден Passat GTE. Плаг-ин хибридниот Passat користи 1.4-литарски TSI турбо-бензинец кој испорачува 156 коњски сили и 250 Nm вртежен момент, во комбинација со електромотор кој испорачува дополнителни 115 коњски сили. Вкупната системска моќност е 218 коњски сили и 400 Nm вртежен момент – и гоооолем дел од вртежниот момент е достапен „од нула“ бидејќи електромоторот веднаш го испорачува. „Струјата“ се чува во батерија со капацитет од 13 kWh, која пак можете да ја полните во домашни услови или на некој од јавно-достапните полначи низ Македонија. Ако мислите дека немаме такви – обидете се повторно – само ЕВН има повеќе од 30 поставени и активни полначи. Кога батеријата е полна, ќе добиете нотификација на вашиот телефон – и тоа е тоа.

Поврзано:  Светска премиера на новите Volkswagen Transporter и Caravelle

Веќе знаеме, но ајде уште еднаш да повториме – како всушност функционираат плаг-ин хибридите? Прилично едноставно. Го вклучувате вашиот Passat GTE на полнач – во домашни услови или на некој од јавно-достапните полначи, и потоа го возите. Ако го полните дома добивате соодветен полнач, а доколку користите некој од јавните полначи, сè што ви треба е кабел – и двете работи ги добивате со автомобилот. Доколку полните во домашни услови, на Passat GTE ќе му бидат потребни малку над четири часа за целосно да ја наполни батеријата, а на јавен полнач – зависи од моќноста на полначот.

Ние го полневме Passat GTE примарно во домашни услови – и тоа на евтина струја, секако. По неколку часа на полнач, батеријата е полна и нуди околу 50-тина километри поминати на електрична енергија. Она кое е интересно е дека Passat GTE „сака да вози на струја“, односно е така конфигуриран. Доколку батеријата е доволно полна, Passat GTE едноставно одбива да го вклучи бензинецот, а 50-тина километри се сосем доволни за просечните дневни потреби.

Да ја „направиме математиката“

Ајде набрзина да ја направиме „математиката“ за тоа колку чинат 100 километри во Passat GTE. Ако со едно полнење на батеријата (која, како што рековме, е со капацитет од 13 kWh) можеме да поминеме 56 километри според WLTP, тоа значи дека со две полнења ќе поминеме 112. Еве, да бидеме конзервативни и да кажеме дека со две полнења ќе поминеме 100 километри. Тоа се 26 kWh електрична енергија, а 1 kWh „на евтина струја“ чини 2.78 денари плус ДДВ (односно 3.28 денари со вклучен ДДВ).

Ако ги помножиме овие бројки, добиваме сума од 85.28 денари. Ајде уште еднаш, овој пат и со зборови – осумдесет и пет денари! И тоа е ако го полните Passat GTE дома. Ако го полните на некој од јавно-достапните полначи – кои сега за сега се бесплатни, и сè што ви треба е картичка од ЕВН – тогаш возењето е помалку или повеќе бесплатно.

А бидејќи хибридниот автомобил цело време ја полни и ја празни батеријата, многу ретко ќе се случи да останете со празна батерија – но дури и да се вклучи моторот, Passat GTE ќе биде исклучително економичен. Всушност, долгорочните статистики на автомобилот кој го возевме кажаа дека на околу 2000 поминати километри, просечната потрошувачка е околу 5.4 литри на 100 изминати километри. Дополнително, кога го напуштивме Скопје во потрага по локација за фотографирање, на прилично високи брзини (за ова имаме и доказ од момците во сино) измеривме просечна потрошувачка која едвај надминуваше шест литри на 100 изминати километри.

Поврзано:  Volkswagen ја проширува SUV-понудата со Tayron, поставен меѓу Tiguan и Touareg

Економичност без компромис во однос на перформансите

Сепак, најдобриот момент е оној кога ќе разберете дека го добивате сето ова без никаков компромис во однос на перформансите. Според официјалните податоци, 100 километри на час пристигнуваат за 7.4 секунди а максималната брзина е 222 километри на час.

Кога ќе го одберете GTE режимот на работа, во кој се активни и турбо-бензинецот и електромоторот – добивате голем, семеен, комфорен седан кој се катапултира нанапред со подготвеност која успешно ја сокрива неговата тежина од 1730 килограми. Силата се пренесува кон предните тркала преку 6-брзински DSG менувач кој одлично си ја врши работата – а доколку сакате можете и самите да преземете контрола преку лопатките поставени на управувачот.

Инаку, кабината е онаква каква што очекуваме од еден Passat – скоро сите површини се покриени со квалитетни и фини материјали, сè е логично и инутитивно распоредено а прегледноста е на ниво кое се очекува од голем седан  – но секако, паркинг-камерата и сензорите си ја играат својата улога. Плус, има неколку фини детали – како што се обложените касети во вратите, за клучевите и сите други дрангулии кои неизбежно ќе завршат таму да не тропкаат.

Пред возачот се поставени дигитални инструменти (на кои во реално време гледаме што прави хибридниот погон), а на централната конзола има гоооолем инфозабавен уред кој се користи за навигација, мултимедијалните апликации, како и мал милион други ситници. На задната клупа – очекувано – има повеќе од доволно простор за двајца патници. Ако се стиснат, ќе собере и тројца. Добри вести за оние кои сакаат голем багажен простор – просторот во багажникот е ист како и кај другите верзии на Passat – односно добивате 586 литри капацитет, кои нараснуваат на 1152 литри кога се спуштени задните седишта. Батериите се поставени во просторот за резервното тркало, а наместо него добивате комплет за репарирање кој вклучува и компресор.

Поврзано:  Пристигна новиот Volkswagen Passat!

Во однос на чувството зад управувачот – најдобро ќе го опишеме Passat GTE ако кажеме дека се движи како и секој друг Passat. Во ред, не е највозбудливиот автомобил за возење – но управувањето е доволно директно и прецизно за да може да понуди одредена забава зад воланот. Инаку кога ќе се опуштите и ќе прифатите да уживате во придобивките од хибридниот погон, Passat GTE е комфорен, тивок и опуштен за возење. Суспензијата успешно филтрира огромен дел од нерамнините по нашите патишта, а на отворен пат големиот седан се покажува како пријатен сопатник. Единствено ќе забележиме на малку поголемата бучавост од ветер на повисоки брзини – која всушност доаѓа до израз поради рафинираноста на самиот погон. Но тоа е веќе на навистина повисоки брзини.

Заклучок: Те-Де-И, бајо мој?

И сега.. Дали Passat GTE е најдобриот Passat? Според нас – да, секако. Да, да, во ред – апсолутно може да се направи аргументот за докажаните турбо-бензинци и турбодизели кои веќе добро ги познаваме – но Passat GTE е вистинската, реална, практична алтернатива. „А што ако се расипе батеријата?“ прашувате. Гаранцијата на компонентите од електричниот погон е 8 години, односно 160.000 километри. Сега можеме да спиеме мирно?

Добиваме турбо-бензинец и електромотор – а со тоа добиваме и одлични перформанси и врвна економичност. Ако тоа не е доволно да се надминат „Те-Де-И бајо мој“ предрасудите, што е?

Видео

Спецификации

Модел: Volkswagen Passat GTE
Мотор: 1.4-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 156 коњски сили / 4400 вртежи во минута
Вртежен Момент: 250 Nm / 1500 вртежи во минута
Моќност (електромотор): 115 коњски сили
Системска Моќност: 218 коњски сили
Системски Вртежен Момент: 400 Nm
Менувач: Автоматски, 6 брзини, DSG
Забрзување 0-100 км/ч: 7.4 секунди
Максимална Брзина: 222 километри на час
Должина: 4775 mm
Ширина: 1832 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1483 mm
Тежина: 1730 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2786 mm
Багажен Простор: 586 – 1153 литри
Потрошувачка: 0 литри на 100 километри на електрична енергија
5.4 литри на 100 километри (измерена, комбинирана)
Цена на основниот модел: Volkswagen Passat 1.5 TSI Business – 37.625 Евра
Цена на тестираниот модел: Volkswagen Passat GTE  PHEV – 39.900 Евра
Повеќе Информации: Volkswagen.mk

Галерија



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.