РЕПОРТАЖА: На финалето на Euro NASCAR со Мотоцентар и General Tire – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

РЕПОРТАЖА: На финалето на Euro NASCAR со Мотоцентар и General Tire

На покана на General Tirе и македонскиот импортер на пневматиците од американскиот бренд – Мотоцентар – бевме на финалето на европскиот NASCAR шампионат.

Во Европа има NASCAR?

Во Европа има NASCAR? Да, таква беше и нашата реакција кога за прв пат дознавме (и објавивме) за соработката меѓу General Tire и Euro NASCAR. Американскиот бренд (кој веќе неколку децении е под капата на Continental) идеално се вклопува во приказната за NASCAR – американска тркачка серија, американски автомобили, американски мотори – па сосем логично е и гумите да бидат американски.

Во ред – има неколку разлики, а најважната е онаа дека во Европа не се вози по овални патеки (освен патеката во Холандија, за која не можеме да гарантираме дека не е последица на малку преголема консумација на одредено легализирано растение). Тоа значи дека возачите (и нивните големи автомобили) возат по стандардни тркачки патеки – каде има и свиоци во десно. Какво NASCAR богохулие!?

Инаку, финалето на Euro NASCAR шампионатот оваа година беше на легендарната тркачка патека во Zolder, Белгија. Покрај финалето на Euro NASCAR, тој ден свои трки имаа и постари, како и понови тркачки автомобили – кои можете да ги видите во галеријата подолу.

Во интерес на натпреварувачкиот дух, сите автомобили се исти.

Ајде прво малку за автомобилите. Сите автомобили се исти – сите ја имаат истата тубуларна шасија, истиот 5.7-литарски V8 кој доаѓа од Chevrolet и испорачува 400 коњски сили. Сите автомобили тежат 1225 килограми и во суштина се разликуваат само по надворешните панели кои се прават од плексиглас. Дури и бројот на пневматици е ограничен – возачите добиваат 4 пневматици на почетокот на секоја сезона, и по два нови на секој тркачки викенд, па комбинираат два стари и два нови пневматици. Сето ова е со цел да се намалат трошоците и да се привлечат што е можно повеќе учесници од една страна, а сите да бидат еднакви, и да не победи оној тим со најголем буџет, од другата страна.

Секако, возачите имаат можност барем малку самите да ги прилагодат своите автомобили. Сепак, во интерес на еднаквоста, и можностите за прилагодување се ограничени – возачите можат да нагодат дали силата на сопирањето да оди повеќе на предните или на задните тркала, да го нагодат „нагибот“ на тркалата и уште неколку други ситници, како и самите да го прилагодат притисокот на возудхот во пневматиците. Всушност, нашите домаќини од General Tire ни кажаа дека токму притисокот во пневматиците е една од најстрого чуваните тајни на секој тим, бидејќи може да направи огромна разлика во текот на една трка, и дека потребно е навистина големо искуство и талент за да можат да се контролираат овие монструми – особено на дожд!

Ако сакате да знаете „до каде“ оди вниманието за да се обезбеди фер игра, земете во предвид дека General Tire има свој сервис меѓу боксовите, каде се монтираат и балансираат сите пневматици, со цел да се избегнат потенцијални манипулации.

Се подготвуваме за трка!

Се подготвуваме за трка, и во секој бокс, возачите ги подготвуваат своите автомобили. И покрај тоа што возачите се конкуренти, сепак меѓу сите нив има некоја атмосфера на соработка. Тука се да се натпреваруваат, секако – но тука се и за да се забавуваат. На патеката има постојан „контакт“ меѓу автомобилите – а за тоа сведочат набрзина-поправените пластични панели кои одамна не се нови. И интересно е да се видат последиците од контактот меѓу возилата – „каросериите“ на многу од нив во едно парче ги задржуваат самолеплива лента, пластични стеги и ентузијазам.

Еден по еден, возачите ги стартуваат своите возила, ги напуштаат боксовите и се подготвуваат да се подредат пред стартната линија. Звукот од моќните атмосферски V8 мотори е заглушувачки, дури и кога не се „на полн гас“. Возачите се редат на стартот, моторите „брефтаат“ во оној карактеристичен, американски V8 ритам и едвај чекаат да станат навистина гласни…

За неколку минути, редарите „ја расчистуваат“ патеката и возилата се веќе подготвени. Бидејќи целиот ден е проследен со дожд, стартот е во придружба на безбедносно возило – па првиот круг (од околу 20-тина) е во строго-контролирано темпо, а возачите ја користат можноста да ги загреат пневматиците. По еден круг, безбедносното возило (кое е Chevrolet Camaro, секако) се повлекува а возачите даваат „гас до даска“ и полетуваат.

Звукот… Звукот не може да се опише. Моќните мотори врескаат додека возачите го влечат максимумот од нив. Еднаквоста меѓу сите тимови гарантира дека сите автомобили се „на купче“ и дека во ниту еден момент не се случува никој да заостане.

Секако, ова резултира и со неизбежен контакт меѓу возилата. По само неколку кругови, се случува првиот посериозен контакт меѓу возачите – и еден автомобил се враќа во бокс, со поклопецот на моторот целосно вертикален, задниот браник во делови и едно задно тркало кое останало без гума.

Но тимот е подготвен, и за само неколку минути возачот е повторно „во акција“. Во европскиот шампионат се возат 20-тина кругови и адреналинот е непрекинат. Натпреварувачите доаѓаат од неколку различни земји – и некои од нив се навистина млади! Бен, еден од младите возачи со кои набрзина зборувавме има само 16 години!

Трката завршува, се доделуваат пехарите

По навистина интензивните (и мокри, дождот беше упорен) трки, победниците се искачуваат на пиедесталот, а ние бевме дел од акцијата. Бидејќи бевме VIP гости на General Tire, имавме одлична можност одблиску да бидеме дел од сето тоа. Особена чест имаше Бојан, претставникот од Мотоцентар, кој дури имаше можност да додели неколку пехари, вклучувајќи го и оној на шампионот!

Тркачкиот ден полека но сигурно доаѓа до својот крај – но татнежите од тркачките автомобили продолжуваат „да ѕвонат“ уште долго а адреналинот не се намалува. NASCAR е многу, многу интересен, верувајте – и среќни сме што имавме можност да отидеме токму на финалето, благодарение на нашите пријатели од Мотоцентар и General Tire.

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.