Поминавме малку време со плаг-ин хибридната изведба на Mini Countryman. Со оглед на тоа дека на нашиот пазар плаг-ин хибридните возила се вистинска реткост, ова беше одлична можност подобро да се запознаеме со придобивките од ваквите возила.
MINI е интересен бренд, бидејќи не е еден од оние брендови кои ги одбирате со разум – туку го одбирате со срце. Подготвени сме да направиме компромис во однос на просторот, на практичноста, па и на економичноста – само за да возиме MINI. Но што се случува кога ќе „налетаме“ на автомобил кој успева да ги надмине сите овие компромиси – успева да понуди доволно простор, да понуди секојдневна практичност, но и перформанси и динамичност кои ги очекуваме од едно MINI – и на крајот на денот да биде и импресивно фругален?
Како тоа?
Токму тоа е MINI Countryman Plug-In Hybrid. Најголемиот MINI е всушност кросовер со погон на сите четири тркала – а со тоа е доволно просторен и практичен за да ги исполни разно-разните семејни потреби кои можете да ги имате. Понатаму, бидејќи се работи за MINI е супер-забавен за возење, но вистинската тајна ја крие „некаде длабоко“ и токму фактот дека се работи за плаг-ин хибриден систем го прави навистина интересен.
Плаг-ин хибридниот систем е всушност комбинација од 1.5-литарски турбо-бензинец (истиот оној кој се вградува и во i8 супер-автомобилот) со три цилиндри и електромотор со батерија. Супер-модерниот турбо-бензинец има директно вбризгување и испорачува 136 коњски сили при 4400 вртежи во минута и сосем задоволителни 220 Nm од 1250 до 4300 вртежи во минута. Електромоторот испорачува дополнителни 88 коњски сили и 165 Nm вртежен момент. Системската моќност е одлични 225 коњски сили и 385 Nm вртежен момент.
100 километри со MINI Countryman Plug-In Hybrid може да чинат само 75 денари!
Во ред, но како сето тоа функционира? Прилично едноставно, да бидеме искрени. Единствената посериозна разлика доаѓа со полнењето. Бидејќи се работи за плаг-ин хибрид, тоа значи дека можете да го вклучите вашето MINI „во струја“ и преку ноќ батеријата да се наполни. За време на неколкудневното тестирање, без посебен проблем со полна батерија успевавме да поминеме околу 40-тина километри на електрична енергија – и доколку тие 40-тина километри ви се доволни за дневна употреба (а претпоставуваме дека за многу возачи се и повеќе од доволни) – тогаш вашето MINI Countryman можете да го возите „за без пари“.
Како тоа? Па, батеријата е со капацитет од 7.6 kWh и нуди автономија од 40 километри (во идеални услови). Да речеме дека треба да ја наполните 3 пати за да поминете 100 километри, односно да „потрошите“ околу 23 kWh – и доколку го ја полните батеријата на „евтина струја“, 100 километри ќе чинат рамно 75 денари!
Има неколку режими на работа – и можете да одберете меѓу автоматско комбинирање, Max eDrive варијанта каде се вози само на електрична енергија, или пак режим каде батеријата се чува и се полни на отворен пат за возење на електрична енергија во урбани средини – но во суштина, оставете го MINI во автоматскиот режим и уживајте.
Но што кога…
Но што кога ќе се потроши батеријата? Тогаш MINI Countryman Plug-In Hybrid станува конвенционален хибрид – моторот и сопирачките ја полнат батеријата кога можат, од друга страна батеријата го потпомага моторот, и сето тоа фино и без проблем си работи. Некои мислат дека кога батеријата ќе се испразни, плаг-ин хибридите стануваат обични автомобили кои само „тегнат“ непотреба тежина наваму-натаму, но тоа едноставно не е така – хибридниот погон си има своја поента… …и едноставно – функционира!
Во тие ситуации, Countryman успева да биде економичен – во реалноста, со редовно полнење и нормално возење, потрошувачката не надмина 4 литри на 100 изминати километри.
Во ред, сето тоа звучи одлично. Но каков е овој MINI како автомобил?
Ах, да! Да зборуваме малку и за автомобилот. Во суштина – одличен, супер-практичен и комфорен SUV. Дизајнот е типично-препознатлив за MINI, со таа разлика дека ова е гоооолем автомобил (барем во контекст на брендот). Има пет врати, пет седишта, комфорна и практична кабина…
Само познавачите на брендот ќе го препознаат „Е“-логото поставено на неколку места. Инаку – MINI Countryman е MINI Countryman. На него има мал милион супер-кул MINI детали и сè изгледа модерно, кул и интересно. Ова е дефинитивно автомобил за оние кои знаат да уживаат во ваквите работи – од двобојната, сиво-црна каросерија, па динамичниот лик и големата маска на ладиникот, преку високите странични рабови па сè до големите задни светла со длабоко-тродимензионална графика. Единствено, не ни се допаѓаат црните тркала – ние би избрале посветла нијанса.
Слично е и во кабината – седиштата се од-ли-чни и нудат многу нагодување и супер поддршка во свиоци. На централната конзола доминира големиот кружен панел во кој се вградени навигацијата, клима уредот и мал милион други функционалности, додека пред возачот се поставени инструменти кои се фиксирани на столбот од воланот и се движат заедно со него – и со тоа прегледноста кон нив е секогаш идеална.
На задната клупа комфорно ќе седнат двајца патници, а ќе имате и сосем доволно багажен простор. На располагање (преку голем и правилен отвор) имате 405 литри, кои растат до одлични 1275 литри кога се спуштени задните седишта.
Сè на сè – во кабината преовладува чувство на премиум автомобил. Некако, во него имате чувство дека цената е оправдана – и тоа е дефинитивно за поздрав.
Сè тоа звучи супер, но хибридот е здодевен за возење, нели?
Напротив! Ставот дека хибридот е здодевен за возење не може да биде подалеку од вистината. MINI Countryman се управува баш како едно мини – управувањето е директно, брзо и супер-прецизно, и MINI Countryman сосем подготвено ја менува насоката. Одберете спортски режим на возење и овој плаг-ин хибриден кросовер е брз. Не брзичок, туку објективно брз – 100 километри на час пристигнуваат за 6.8 секунди, додека максималната брзина е одлични 200 километри на час.
Плус, респонзивноста е нешто кое треба да се осети – нема никаков турбо-лаг, никакво каснење. Вртежниот момент од електромоторот е инстантен и со силно притискање на педалата за гас се прилепувате во наслонот од седиштето со интензитет кој не го очекувате. Ова е начинот на кој хибридната технологија станува интересна за возачите-ентузијасти.
Заклучок: Зошто е MINI Countryman нешто сосем различно?
Различноста доаѓа од неколку различни страни. Прво, ова е најголемиот MINI кој можете да го нарачате. Понатаму, неговиот погон е технолошко чудо кое успева да ги обедини ефикасноста и економичноста кои доаѓаат со плаг-ин хибридната технологија, со возна динамика која ја очекуваме кај MINI. Кога сето тоа ќе го обединиме во супер-тренди, супер-практично и привлечно пакување, ваквиот избор од несекојдневен, се претвора во логичен.
Спецификации
Моќност (електромотор):136 коњски сили / 4400 вртежи во минутаСистемска Моќност:136 коњски сили / 4400 вртежи во минута
Модел: | MINI Countryman S E All4 |
Мотор: | 1.5-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри |
Моќност: | 136 коњски сили / 4400 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 220 Nm / 1250 вртежи во минута |
Моќност (електромотор): | 88 коњски сили |
Вртежен Момент (електромотор): | 165 Nm |
Системска Моќност: | 225 коњски сили / 4400 вртежи во минута |
Системски Вртежен Момент: | 485 Nm |
Менувач: | Автоматски, 6 брзини |
Забрзување 0-100 км/ч: | 6.8 секунди |
Максимална Брзина: | 200 километри на час |
Должина: | 4299 mm |
Ширина: | 1822 mm (без странични ретровизори) |
Висина: | 1559 mm |
Тежина: | 1660 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2870 mm |
Багажен Простор: | 405-1275 литри |
Потрошувачка: | 3.8 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Mini Countryman SE All4 – 39.740 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Mini Countryman SE All4 – 49.210 Евра ЗАБЕЛЕШКА: Во моментот на објавување на овој тест, по повод 60-годишнината на MINI вака опремен MINI Countryman може да се добие по специјална цена од 38.500 Евра. |
Повеќе Информации: | MINI.com.mk |