АВТОбиографија: Ана и нејзиното супер-кул мало MINI! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

АВТОбиографија: Ана и нејзиното супер-кул мало MINI!

Денес во АВТОбиографија зборуваме со Ана – која е горда сопственичка на едно супер-кул MINI!

Здраво Ана! Ја имаш таа чест да бидеш првата девојка која е дел од нашиот серијал наречен АВТОбиографија. Кажи ни нешто повеќе за тебе.

Здраво и благодарам на поканата, чест ми е што сум првата девојка во вашиот серијал. Јас сум Ана Молкоска, голем љубител на секој модел на автомобили, а особено на олдтајмерите. Покрај секојдневието со автомобили јас сум студент на Природно Математички Факултет во Скопје.

Твојот избор на автомобил е навистина несекојдневен – зошто баш MINI?

Љубовта и интересот за Мини го добив од мојот татко уште како мала. Мини Морисот како член во нашата фамилија е уште од 1995 година. Со текот на годините бројот на овие мали членови во нашата фамилија се зголемуваше, а во 2010-та година дојде и овој Мини Морис кој јас сега го возам. Благодарение на татко ми и брат ми желбата за оваа мала кола од ден на ден се повеќе растеше и сеуште расте т.е. можам да кажам дека и јас пораснав заедно со неа.

Самиот изглед на овие мали коли уште како мала ми го одзема вниманието повеќе одколку останатите. Мини Морисите во Скопје се во мал број, па поради тоа сум среќна дека сум една од тие луѓе кои возат ваква кола низ скопските улици.

Каква е историјата на твоето MINI?

Со Мини Морисчето за прв пат се „запознавме” во 2010 година, кога мојот татко го купи од Битола по иницијатива од брат ми – едно од неколкуте кои сме ги купиле. Од тој ден па наваму малку по малку го средувавме. Првите неколку години ова Мини го возеше мојот брат сè додека не купивме уште едно кое и ден денес секојдневно го вози. Потоа следуваше мал период на пауза, сè додека не положив јас, за повторно да го вратам на скопскиот асфалт.

Раскажи ни за некоја интересна случка која ја делите со твоето MINI.

Секое излегување со Мини-то низ улиците си има своја случка. Со самата појава на многумина од луѓето им го привлекува вниманието, а најубав дел од тоа е моментот кога ќе ги видам насмеаните и весели дечиња кои го гледаат и му се радуваат. Има многубројни случки, една од нив е кога за новогодишните празнични денови си правевме Мини-Новогодишна тура низ Скопските улици заедно со Дедо Мраз и новогодишни подароци – па успеавме да расположиме и насмееме многу наши сограѓани.

Поврзано:  Mini претстави бензинска верзија на спортскиот John Cooper Works

Кои се твоите планови за твоето MINI во иднина?

Со Мини-то плановите се менуваат секојдневно. Тоа е како живо сушество кое секојдневно си бара внимание. ☺️ Ова Мини во моментов добива мала реставрација, а додека трае тој процес веќе обновивме едно од останатите Минија – кое наскоро ќе излезе на улиците на Скопје.

Конечно, имаш ли нешто да им порачаш на читателите и фановите на CARclub?

Уште еднаш ви благодарам за поканата, а на фановите и читателите на CARclub.mk сакам да им препорачам да си го чуваат тоа што го имаат и да уживаат во секое нивно возење- секако со олдтајмер.

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.