ПРЕМИЕРА: Toyota го освежи C-HR и му го додаде и 2-литарскиот хибрид со 184 коњски сили – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Toyota го освежи C-HR и му го додаде и 2-литарскиот хибрид со 184 коњски сили

Супер-популарниот Toyota C-HR доби прилично екстензивно освежување – покрај затегнатиот лик и новите технологии, добива и нов, 2-литарски хибриден погон кој испорачува 184 коњски сили.

Новиот Toyota C-HR ја задржува својата безвременска форма, но добива нови мултимедијални уреди, грст дизајнерски подобрувања и подобрени хибридни погони.

Toyota одлучи дека покрај постоечкиот 1.8-литарски хибрид со 122 коњски сили (кој патем, е ревидиран за да биде уште поефикасен), на C-HR да му го даде и новиот 2-литарски хибриден погон (кој се нуди кај Corolla) со 184 коњски сили. Новиот погон ја носи ознаката Hybrid Dynamic Force и комбинира супер-ефикасен 2-литарски бензинец и електромотор за вкупна системска моќност од 184 коњски сили. Овој погон добива и ревидиран CVT менувач за подинамично возење.

Меѓу другите динамични освежувања, C-HR добива и ревидирано управување, како и ревидирана суспензија кај верзијата со новиот погон.

Инаку, визуелните измени вклучуваат редизајниран преден и заден дел – на предниот дел препознаваме редизајниран браник, како и нови предни светлосни групи кои сега користат LED технологија. Задните светла исто така се со LED технологија, а на задниот дел препознаваме и нов спојлер, како и дискретно редизајниран долен дел на браникот.

Кабината добива подобрена изолација со цел да се намали бучавоста во ентериерот – но мораме да го напоменеме и новиот мултимедијален уред кој сериозно ја подобрува конективноста на младешкиот кросовер – новиот мултимедијален уред овозможува целосна интеграција со паметен телефон, како и можност за Apple CarPlay и Android Auto поврзување.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.