Raptor кај Ford има посебно значење – знаеме дека се работи за пик-ап кој е прилагоден за екстремни услови и многу, многу забава. Но што добиваме кога на Ford Ranger ќе му ставиме спортски бодикит и супер-напредна теренска суспензија, и ќе му додадеме моќен турбодизел со два турбо-полначи?
Веќе добро го познаваме Ford Ranger. Пред неколку години имавме можност да го возиме во неколку изданија на неговото регионално лансирање во Словенија – вклучувајќи ја и доработената WildTrak изведба.
Он она за кое ќе зборуваме денес е уште поинтересно – на неодамнешното патување во Хрватска, каде го возевме Ford Focus ST, имавме одлична можност да го возиме и новиот Ranger Raptor.
Што всушност значи Ranger Raptor?
Но што е всушност Ranger Raptor? Рецептот е следниот – земете го веќе екстремно-компетентниот Ford Ranger, попрскајте малку супер-напредна FOX теренска суспензија, додадете два литри турбодизел со две турбини, измешајте добро додека смесата не се соедини, и потоа декорирајте со спортски бодикит. Резултатот на сето тоа е супер-агресивен спортски пик-ап кој има вистински теренски таленти, а истовремено (признаваме, изненадувачки) е навистина комфорен крстосувач и на подолги релации.
Ајде прво за спортскиот бодикит – Ranger Raptor е забележително поширок и поагресивен од неговиот „цивилен“ брат. Широоооките крила (трагот на Ranger Raptor е цели 150 милиметри поширок од оној на обичниот Ranger) и големата црна маска на ладилникот јасно и гласно кажуваат дека се работи за нешто посебно. Секако, тука се и „стикерите“ од страна – тие можеби нема да бидат по сечиј вкус, но дефинитивно убаво ја „комплетираат сликата“. За дискретните, овој автомобил не е. Секако, ќе ги напоменеме и големите тркала и теренските пневматици кои покрај тоа што изгледаат одлично – имаат и своја улога. А оној големиот сив дел на предниот дел? Тоа е голем заштитен панел изработен од 2.3 милиметри дебел челик. Сериозна работа.
Сега да зборуваме малку за суспензијата. Амортизерите доаѓаат од Fox – и оние кои се занимаваат со теренско возење сосем добро ја знаат репутацијата на Fox. Суспензијата е повисока за дури 51 милиметар, додека одот на суспензијата е продолжен за 32% на предната оска, односно 18% на задната оска. Дистанцата од подлогата е импресивни 283 милиметри, a Ranger Raptor може да вози низ вода длабока скоро еден метар. Напоменавме дека ова е сериозна работа?
Конечно, ајде малку и за моторот. Под поклопецот на Ranger Raptor се крие 2-литарски турбодизел кој испорачува 215 коњски сили при при 3750 вртежи во минута и несекојдневни 500 Nm вртежен момент од 1750 до 2000 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон сите четири тркала преку автоматски менувач со 10 (да, десет) степени на пренос и пар диференцијали. Сето тоа резултира со повеќе од респектабилни 10.5 секунди до 100 километри на час и сосем-лесни максимални 170 километри на час.
Ranger Raptor е подготвен за секаков терен…
Но импресивното кај Ranger Raptor е неговата подготвеност да се справи со секаков терен. За време на нашето возење околу напуштен аеродром во близината на Задар имавме можност да „посетиме“ вистински беспаќа и „од Господ заборавени“ терени – и Ranger Raptor сосем лесно ги совладуваше. Насочете го во насоката во која сакате да одите, одберете го правилниот режим на работа, притиснете ја педалата за гас и држете се – и за неколку моменти сте онаму каде сте сакале да бидете.
Режими на работа? Имате неколку. Секако, тука е нормалниот режим на работа – но значително поинтересни се режимите наменети за поминување преку камења, режимот за површини со намалена тракција (мокра трева, снег, итн), режимот за возење низ кал или песок, и секако најинтересниот – Baja (ова е на латиница).
Baja режимот всушност е наменет за теренско возење „како ненормален“. Во суштина, Baja (се изговара баха) ја омекнува суспензијата, ги рекалибрира управувањето, супензијата и менувачот – и сето тоа резултира со налудничави брзини преку неасфалтирани патишта. Без никаков проблем.
…но подготвен е и комфорно да крстосува по автопатиштата
Оние кои некогаш возеле посериозен теренец ќе се пожалат дека всушност, ваквите возила ретко се комфорни на отворен пат. Со задоволство можеме да кажеме дека тоа не е случајот со Ranger Raptor. Напротив, големиот пик-ап на Ford сосем добро ги совладува автопатиштата и брзото возење. Благодарение на суспензијата, кога возите по автопат се чувствувате како да сте во комфорна лимузина. Секако, тука свој удел имаат и големите, комфорни кожни седишта и добрата ергономија – но Ranger Raptor се однесува „како дома“ и на автопат.
Моќниот турбодизел се покажува како сосем доволен, а 10-брзинскиот автоматски менувач го прави возењето лесно (и патем, сериозноста на Ranger Raptor доаѓа дополнително на виделина кога ќе напоменеме дека истиот менувач се вградува и во Ford Mustang). Да, да, во ред – ова сепак не е вистинска лимузина, но не е ниту некомфорно или бучно – возевме по делници автопат каде комфорно се постигнуваа брзини кои (кхм-кхм) беа нијанса над дозволените – и Ranger Raptor воопшто „не се бунеше.“
Има тука некоја приказна…
Ги сакаме ваквите авотомобили – веќе сме го рекле тоа. А кога на целата приказна ќе се додадат вистински спортски карактеристики и еден вид поинаква забава – а притоа се добива сериозна компетентност и вистинска корисност? Па тогаш тоа е хит. Ford Ranger Raptor изгледа добро, вози одлично и нуди вистински „оди-каде-сакаш“ можности. Треба нешто повеќе да се каже?
Спецификации
Модел: | Ford Ranger Raptor |
Мотор: | 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри |
Моќност: | 215 коњски сили / 3750 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 500 Nm / 1750 вртежи во минута |
Менувач: | Автоматски, 10 брзини |
Забрзување 0-100 км/ч: | 10.5 секунди |
Максимална Брзина: | 170 километри на час |
Должина: | 5398 mm |
Ширина: | 2180 mm (со странични ретровизори) |
Висина: | 1873 mm |
Тежина: | 2332 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 3225 mm |
Багажен Простор: | Колку сакате. :D |
Повеќе Информации: | Ford.mk |