Peugeot подготви специјален Boxer 4×4 Concept за овогодинешниот Le Bourget саем на рекреативни возила – и овој пат имаат нешто навистина фантастично.
Концептот е изграден врз основа на Boxer L3 и добива екстериер кој е „зајакнат“ со пластични заштитни панели, но и суспензија која е 30 милиметри повисока напред, односно 50 милиметри позади – а тоа е направено за да ги собере голееемите BF Goodrich теренски пневматици. Поработено е и на осветлувањето, па над ветробранското стакло се поставени LED сијалици кои сигурно можат ноќта да ја претворат во ден. Целиот концепт е офарбан во Wanderlust Green зелена боја.
Ентериерот е поделен во четири засебни „зони“ – а тие се возачката станица, станица со кујна и простор за јадење, простор за спиење, како и тоалет. Вкупно има место за тројца патници. Многу од ентериерот е изработен од рециклирана пластика, а инженерите на Peugeot обезбедиле многу места за одлагање ситници и опрема – па можете да бидете сигурно дека нема да се „истресе“ додека возите. Кабината добива и 9-инчен Alpine мултимедијален уред со навигација, Apple CarPlay, Android Auto и Bluetooth поврзување. Дел од опремата е и eBike електричен велосипед.
За придвижување на овој концепт е задолжен BlueHDi турбодизел кој испорачува 165 коњски сили и моќни 370 Nm вртежен момент. Како што погодувате според името – силата се пренесува преку мануелен менувач кон сите четири тркала.
Подготвени за авантура?